Предрасудите се најголема пречка за повеќе жени во бизнисот: Интервју со Билјана Андреева
Билјана Андреева е дама која од тинејџерка која сонувала да биде новинарка, стана економист верен на Силк Роуд Банка од своето прво вработување, па сега таму брои тринаесет години ангажман. Низ годините променила неколку работни позиции, но секогаш со амбиција им пркоси на предизвиците. Андреева има уште една голема љубов. Имено со маратонот таа слави децениско дружење. Освен за дружбата со трчањето, разговаравме и за предизвиците во професијата, но и воопшто за положбата на жените во македонската бизнис заедница.
* На почетокот би Ве замолилa да ги издвоите најзначајните моменти од Вашиот досегашен професионален пат.
- Професионално сум посветена во Силк Роуд Банка речиси 13 години. По завршување на економски факултет моето прво вработување беше во оваа банка. Досега имам сменето повеќе работни позиции и во моментов сум дел од тимот на Службата за ризици.
* Веќе подолго време сте активен маратонец. Од каде љубовта кон овој спорт?
- Љубовта кон трчањето веќе со години е присутна кај мене. Уживам кога трчам и тоа го правам со најголемо задоволство. Динамичниот живот не ни дозволува да имаме многу време за себе, а трчањето е дефинитивно време за мене. Можам да трчам во сите временски околности и не сум врзана за одредено место, па можеби и така се роди љубовта кон овој спорт.
* Ваши најдраги признанија од натпреварувања, како и најубави впечатоци?
- Трчам повеќе од една деценија, но последниве неколку години почнав посериозно да трчам и активно да учествувам и на трки. Иако порано не ми беше предизвик да учествувам на трките, денес тие се мое секојдневие и начин на живот. Секоја трка за мене има посебно значење и уживам во моето себенадминување. Трчањето ми донесе многу патувања, преку учество на маратони во други земји. Секој медал донесен од едно такво патување ми е спомен за убаво поминатото време со новите пријатели кои ги стекнав преку трчањето. Во најдраги признанија би ги издвоила истрчаниот маратон(42км) во Загреб заедно со шампионската титула во „Nike“ лигата во трчање минатата година и освоеното трето место на државното првенство во полумаратон во 2018 година.
* По што според Вас, е најважно „да се трча по животот“?
- Во животот, најважно е секој да си го пронајде своето „зошто“ и секогаш да трча по него. Само на тој начин ќе има изобилие на среќа и љубов помеѓу луѓето.
* Од што зависи успехот на една компанија?
- Успешна компанија е онаа во која постои тимската посветеност, тимската работа, стекнување на нови знаења и нивна успешна примена во пракса. Грижата за клиентите преку обезбедување на квалитетни и брзи услуги е основа за успехот на една компанија.
* Што ја прави Силк Роуд Банка поразлична од другите банки. Која е Вашата основна стратегија, што ве издвојува од другите банки и какви се вашите планови за развој?
- Нашата банка е единствена банка на пазарот со 100% швајцарски капитал и работиме согласно швајцарски стандарди. Исто така, Силк Роуд Банка ја има привилегијата да биде екслузивен издавач на „Американ експрес“ картичките во државата, картички кои се препознатливи по огромните привилегии и „Твој бонус“ програмата односно поврат на средства на клиентите и до 15% од износот на трансакцијата. Би сакала да потенцирам дека во декември ја понудивме и можноста за највисок поврат на средства со дебитна картичка на пазарот, односно со секоја направена трансакција со Амекс дебитните картички клиентите добиваат поврат од 1% од износот на трансакцијата. Особено ме радува фактот што со секоја направена трансакција со овие картички, банката донира по 5 денари во Клиниката за детски болести.
Во наредниот период ќе понудиме поатрактивни каматни стапки за граѓаните за потрошувачките и станбените кредити, како најатрактивни на пазарот. Нашата цел како банка е да бидеме постојано на располагање на клиентот со тоа што ќе му обезбедиме квалитетна и брза услуга.
* Каква е положбата на жените во македонската бизнис заедницата?
- Иако според менталитетот и бизнис практиките сме уште далеку во споредба со високо развиените европски земји, сепак мое мислење е дека се движиме во добар правец. Има многу примери на успешни бизниси водени од жени.
* Кој е, според вас, главниот проблем со кој се соочуваат жените во бизнисот?
- Предрасудите и традиционалното гледање на жените, според мене, е најголемата пречка за поголемо учество на жените во бизнис заедницата.
* Кои беа Вашите професионални соништа во тинејџерските години?
- Во тинејџерските години, кога сите патишта ни се отворени, моја желба беше да се занимавам со новинарство. Меѓутоа, одлуката да се запишам на економски факултет ме однесе во сосема друг правец.
* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот, и тренинзите за маратон?
- Ако нешто навистина сакате, ќе најдете начин истото да го практикувате. Моето трчање веќе одамна има значајно место во моето секојдневие. Редовно трчам неколку пати во неделата, но секогаш наоѓам време за приватниот, а исто така и професионално да бидам посветена и на деловниот живот. Всушност, трчањето многу ми помага во тој баланс и не би можела да замислам како би функционирала ако не трчам.
* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате?
- Времето поминато со моите деца и честите патувања е сѐ што ми е потребно за да добијам нова позитивна енергија. Често се дружам со моите блиски пријатели, гледам филмови и особено уживам кога пред спиење читам книга.
* Мото кое Ве води низ животот?
- Живеј сега и овде.Од секоја животна ситуација, секогаш се трудам да гледам на позитивната страна и се обидувам да го извлечам максимумот.
Даница Караташова