,

„Исцелител“ - прв филм во Домот на културата во Богданци по цели 16 години

Добивај вести на Viber

Утревечер, пак, е закажана специјална проекција на дебитантскиот долгомоетражен филм на Ѓорче Ставрески под отворено небо во Градски парк Скопје

По цели 16 години, вечерва за првпат во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци ќе се случи киноприкажувачка дејност. Македонскиот хит „Исцелител“ кој изминативе месеци го прошета светот, конечно ќе има можност да го погледне и тамошната публика. За утревечер, пак, специјална проекција на дебитантскиот долгомоетражен филм на Ѓорче Ставрески, е закажана под отворено небо во Градски парк Скопје со почеток во 22 часот. Настанот е во организација на Младинскиот културен центар и Градско кино Милениум.

Од својата премиера лани во ноември, „Исцелител“ е прикажан на 23 светски фестивали, од кои два од А категорија. Филмот освои 9 меѓународни награди, од кои 5 за најдобар филм. Приказната за механичар од железничко депо, кому синот немајќи пари да купи лекови, му дава колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак, е прв македонски филм со признание на филмскиот фестивал во Солун во скоро шест децениското постоење на оваа манифестација. „Исцелител“ беше прикажан на три филмски фестивали во САД, исто толку во Индија, на најголемиот фестивал во Иран, во Кина и во Колумбија, на престижниот „Црни ноќи“ во Естонија и на многу европски филмски фестивали. Црната комедија на Ставрески доби одлични оценки од најзначајните светски филмски списанија. Скопската премиера се случи на 19 ноември на затворањето на „Синедејс“, а во кината низ Македонија досега го погледнаа повеќе од 12 000 гледачи.

Главните улоги ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.

Ѓ.С.