Работев во нова болница на секои 13 недели: Емилија Цонева, првенец на биомедицински науки на ,,Интер Американ јуниверзити“ во Порторико

Љубовта кон медицината и желбата за успех, биле мотив Емилија Цонева (28) од Неготино, да ја напушти земјава и да замине за Америка. Поминала трнлив пат за да стигне до посакуваната цел. Студиите на факултетот по биомедицински науки, отсек-медицинска сестра на ,,Интер Американ јуниверзити“ во Порторико, ги завршила како првенец на генерација. Периодов е посветена на специјализацијата, за сертифицирана, регистрирана сестра анестезиолог. Планира и субспецијализација на анестезија за пластична хирургија или за кардио- торакалната хирургија. Емилија работи во Ургентен центар во болницата ,,Сан Францис“ во Калифорнија. По доаѓањето во Америка, живеела во Бостон, за да го усоврши англискиот јазик. За да опстане, работела истовремено во ресторан и како бебиситерка. 

- Студиите во Америка се прилично скапи. Од таа причина аплицирав за студии со стипендија во Порторико. Го положив приемниот испит на биомедицинските науки, отсек медицинска сестра на ,,Интер Американ јуниверзити“. Набрзо почнав да го учам шпанскиот јазик, кој е официјален во таа земја. За да ја задржам стипендијата бев многу активна. Посетував и присуствував на дополнителни активности. Одев на натпревари, бев интернационален лидер, им држев часови по биологија на студенти волонтерски. Многу учев за да го задржам високиот просек. Ме прогласија за студент на генерација – вели Цонева на почетокот од нашиот видео разговор.

,,ХАРВАРД“ МИ ОВОЗМОЖИ ДА НАПРАВАМ ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА НАРКОТИЦИ

Нејзината желба за едукација и усовршување на стекнатите знаења од медицината биле поттик да аплицира на онлајн курсевите на ,,Харвард“, во Америка. 

-Ми беа понудени курсеви по имунологија и генетика,за кои ми беше одобрена и стипендија. Стекнав големо искуство и знаење. Предавачи беа врвни доктори и професори. По завршувањето на курсевите, ми беа доделени сертификати и пофалница  за постигнатиот висок успех – открива таа.

Во текот на школувањето направила истражување за наркотици и опијати и нивната злоупотреба. Посебно е горда што тоа истражување е објавено како краток документарец на јутјуб каналот.

- Во Америка бројката на починати од злоупотреба и предозирање од опијати и наркотици секоја година драстично се зголемува. Истите се произведуваат од фармацевтските компании, со цел да се третира хронична или силна болка кај пациентите.Наркотиците и опијатите создаваат голема зависност ако се злоупотребувани, или ако се користат за рекреација. Целта на мојот проект и на документарната објава беше да објаснам дека зависноста од наркотици и опијати е сепак наша волја и перспективна одлука. Сите поседуваме некаква зависнот или имаме адикција кон нешто. Можеме да сме зависници и од чоколадо, цигари, алкохол, марихуана. Сите зависности создаваат толеранција кај мозокот и секогаш е подобро да прифатиме дека имаме болест и дека сме болни. Зависноста почна да се дефинира како ментална болест, но не се согласувам. Ако ја прогласиме за болест, тогаш треба да најдеме и лек за неа – децидна е Цонева.

За потребите на истражувањето разговарала со повеќе од 100 зависници и врвни доктори. Дошла до заклучок дека начинот на живеење, човечката перцепција, секојдневната навика, прават да бидеме склони кон зависност, со што создаваме толеранција.

- Ќе наведам еден обичен пример. Ако еднаш се опијаниме од две пива, и продолжиме да го консумираме тој пијалок пола година, за да се опијаниме повторно ќе ни бидат потребни шест пива. Истото се случува и со овие наркотици и опијати. Независно дали се употребувани по медицински пат за лечење на болка или се злоупотребувани за рекреација, тие создаваат толеранција.. За да се постигне саканиот ефект треба да се зголемува дозата. На тој начин се случува да се предозираме. Имав контакт со многу пациенти, кои за жал не можевме да ги спасиме. Тој податок ме револтира, да го направам истражувањето – појаснува Цонева.

СЕКОЈ ПАЦИЕНТ ГО ТРЕТИРАМ КАКО ДА ИМА КОРОНАВИРУС

Емилија работи во ургентниот центар во болницата ,,Сан Францис,,во Калифорнија. Но, нејзината позиција и дозволува да работи во повеќе болници низ Америка, каде што останува и по 13 недели.

- Тоа е опција што секој може да ја поседува во медицината. Кога аплицираш за работа, прво треба да ги положиш испитите кои ти ги дава болницата. Изминатава година останав во Калифорнија и дел сум од еден од поголемите ургентни центри во Америка. Стекнав многу добро искуство. Работев три дена во неделата од 12 до 14 часа. Работното време е 12 часа, но имало денови кога сум останувала и по 15 часови. Еден период работев во нова болница на секои 13 недели. - вели таа

Со појавата на короната, се променил и начинот на работа во болницата. Вели дека тоа и бил еден од најтешките периоди во кариерата.

- Ќе го кажам моето мислење стекнато од искуството со работа со овие пациенти. Ние не правиме серулошки тестови, а само со серулошко испитување можеме да ја видиме интензивноста на овој вирус. Имав пациенти негативни на коронавирусот. По два дена при повторно тестирање, покажуваа дека се позитивни. Исто така, зарзени пациенти и третирани со лекови, повторно покажуваа дека се позитивни, иако еден месец биле во изолација. Ние имаме нереална слика и секој пациент за мене беше третиран исто како да има коронавирус, независно од резултатите – посочува таа.

Цонева една година постојано е во Калифорнија, бидејќи е насочена кон усовршување во професијата.

-  Со мене е и мојата сестра Орданка, со која работиме во истата болница. Таа се грижи за здравјето на пациентите заболени од корона. Имам уште четири години учење и школување. Прво да се стекнам со дипломата за сертифицирана, регистрирана сестра анестезиолог. Односно, овде таа диплома ти овозможува да станеш доктор анестезиолог. Планирам и субспецијализација на анестезија за пластична хирургија или кардио-торакалната хирургија. Имам време да размислам. Можеби еден ден ќе бидам анестезиолог на холивудските ѕвезди – посочува на шега.

Соња Алексоска Неделковска