РЕЦЕПТ: Велигденска торта од малина и чоколада

Добивај вести на Viber

Се ближи еден од најубавите празници, кој покрај убавите јајца се одбележува и со богата трпеза. Јас лично сакам трпеза со салати главно јадење и добар десерт. Ќе ви предложам една торта која всушност мене ми е омилена комбинација на вкусови. Малина и чоколадо, совршен микс.

Потребни состојки:

Бисквит:

6 јајца

150 гр. Шеќер

116 гр. Брашно

40 гр. Какао

120 мл. Маслиново масло

1 прашок за печиво

Чоколаден фил:

200 гр. Темно чоколадо со малини

200 мл Хопла

Крем од малини:

200 гр. Малини

2 лажици шеќер

20 гр. Нишесте

100 мл. Хопла

Путер-крем (фростинг)

170 гр. Путер

300 гр. Шеќер во прав

150 гр. Малини

Како за почеток да ве охрабрам. Тортата е многу едноставна само следете ме. За една торта во домашни услови и не ви се потребни многу реквизити.


Започнете со чоколадниот фил. Во подлабок сад скршете го чоколадото. Загрејте ја хоплата но да не ви зоврие а потоа истурете ја во садот со чоколадо и нека отстои 5 мин. Потоа убаво измешајте и оставете да се излади целосно на собна температура. Би траело приближно 1 час. Следен чекор е кремот од малини. Во сад варете ги малините околу 10-тина минути со 2 лажици шеќер. Потоа процедете ги низ ситна цедалка за да ви остане само пире без семки. Потоа вратете ги во садот. Нишесте прашокот помешајте го со малку вода колку да се раствори, додадете го во малините и варете уште 5 минути. Потоа малините изладете ги целосно и постепено додадете им ја хоплата цврсто изматена. Внимавајте малините мора да бидат ладни пред да ја додадете хоплата. На крај покријте го кремот и ставете го во фрижидер.

Следен чекор е бисквитот за тортата. Во сад пенасто изматете ги јајцата со шеќерот и ванилата. Треба да добиете светло жолта цврста смеса. Со шпатула додадете ги брашното, какаото и печивото просеани. Просеаните суви состојки се клучни за текстурата. На крај додадете го маслиновото масло промешајте само да го соедините бидејќи смесата не треба да се промеша. Печете на 175 степени додека не добиете цврста кора одозгора околу 30 мин во едно тавче 24 цм или 20 мин доколку смесата јa поделите во две тавчиња од 20 sм. Изборот е Ваш. Откако ќе се испече одвојте ги страните нежно и оставете го бисквитот да се излади комплетно пред да го извадите од тавчето.

Изладениот бисквит поделете го на 3 или 4 дела. Филот од чоколадо изматете го со миксер. Тортата се реди по следниов редослед: бисквит, чоколаден фил, крем од малини, бисквит … додека не ги наредите сите кори, а на врвот завршете само со чоколаден фил. За поубава форма и торта пожелно е да ја сложувате во плех за торти на којшто му се отстранува страницата.


Тортата изладете ја мин. 2 часа. Додека тортата се лади направете го фростингот и гнездото. Путерот изматете го додека не добиете кремаста смеса постепено додавајте го шеќерот во прав и матете да се соединат околу 5 мин. На крај додадете изблендирани малини. Пожелно да ги просеете да бидат без семки но може и со. Матете уште 2 мин и фростингот е спремен


.За гнездото растопете 30 гр чоколадо и прелијте го фидето. Измешајте убаво додека фидето не се потопи целосно во чоколадо. Ставете го во мал длабок сад обложен со фолија и во него ставете уште еден помал и ставете ги во замрзнувач 10 мин.


На оваа торта има малку фростинг односно naked стил на торта. Украсите се готови велигденски чоколатца. А краевите се направени со слаткарски шприц отвор како ѕвезда. Одозгора го поставив гнездото и ставив готови мали јајца. Вие украсете по желба.


Среќни Велигденски празници.

За Женски магазин, готви Маја Зивчвиќ