(РЕЦЕПТ) Вкусни галети од киноа: Што да јадете за Велигденските пости

Добивај вести на Viber

Галети од киноа. Однадвор крцкави, одвнатре меки. Составот им е одличен, не се распаѓаат и идеални се за време на постите, како и за сите вегани и вегетаријанци.

Состојки кои ви се потребни:

-2 компири со средна големина
-100гр киноа мерена пред варење (или 1 мала чаша киноа)
-1 поголем морков
-4 лажици презла
-1 лажица чиа семе + 3 лажици вода (ова е замена за јајце)
-1 рамна лажица лук во прав
-Сол, бибер
-Зачини по вкус (Провансалска мешавина, оригано, босилек....)


Подготовка:

Киноата добро измијте ја, па сварете ја во зовриена и посолена вода (за 1 чаша киноа, потребни се 2 чаши вода). Варете околу 10-12 минути. По варењето доколку е потребно прецедете, но со овој размер, обично не останува вода одвишок.

На страна сварете ги компирите и морковот.

Десет минути пред да завршат со готвење зеленчуците, помешајте го чиа семето со водата. Од оваа мешавина ќе добиете замена за јајце.

Компирите истолчете ги како за пире, а морковот изрендајте го. Во еден сад помешајте ги сите состојки заедно со презлата и замената за јајце.

Посолете, ставете зачини по желба. Доколку не сте љубител на лук во прав, заменете го со кумин, кари...или што и да е друго по ваш вкус. Мене со зачин лук ми беа совршрни!
Формирајте галети од формираното "тесто"/смеса. Истото треба добро да е соединето. 

Галетите лесно се формираат со рацете. Пржете ги во тава на загреано масло, или печете ги на хартија за печење.

Треба да почекате добро да се запржат од едната страна пред да ги завртите од другата.

Почекајте да се оладат пред да ги јадете, со тоа ќе дозволите да се доврши процесот на готвење, и нема да постои ризик од распаѓање.

Во принцип овие галети се со крцкава коричка, а мека средина. Не се распаѓаат и убави се и утредента.

*Доколку не постите може да додадете рендан пармезан.


(Рецептот е преземен од инстаграм профилот Блогерката „По мој вкус“)