СРЕЌЕН 8-МИ МАРТ: Жени еве каква торта можете да направите
Денешниот рецепт Ви го посветувам на сите Вас. ЖЕНИ. Што би рекол Иво Андриќ: „ Жените се порта и на влезот и на излезот на овој свет. А за мене сте љубов, сила, среќа, ведрина“…
Не важам за тренди личност, но следам гастрономски трендови. Морам да признаам новиот тренд на торти баш ми се допаѓа. Можности и идеи до бесконечност. Можеби има малку повеќе состојки и изгледа комплицирано но всушност е многу едноставно.
Потребни состојки за 1 бисквит:
300гр. Брашно
10гр. Прашак за печиво
2 јајца
200гр. Шеќер
90 мл. Масло
200 мл. Млеко
200мл. Вода што врие
Половина лимон
1 ванила стапче
Фил:
450гр. Хопла (многу ладна)
10гр. Желатин
30мл. Вода
350 гр. Крем сирење или маскарпоне
200гр. Шеќер во прав
2л. Ванила екстракт
Чоколаден ганаж:
300мл. Хопла
300гр. Темно чоколадо
За декорација:
Јагоди, малини, лимон, срциња од бадеми,бело чоколадо, чоко стапчиња,чај од ружа.
Постапка:
За оваа торта потребни се два бисквита. Рерната вклучете ја на 180 степени и плехот од рерна обложете го со хартија за печење. Во сад просејте го брашното заедно со печивото и малку сол. Во друг сад пенасто изматете ги јајцата заедно со шеќерот и маслото. Кога ќе добиете светло жолта боја додадете го млекото со сок од половина лимон,матете уште минутка а потоа постепено додавајте ги сувите состојки и ванила стапчето. Кога ќе се соединат додадете ја водата што врие. Матете да добиете хомогена смеса, а потоа истурете ја и рамномерно распоредете ја во плехот. Печете 20тина мин. Односно додека не добиете чиста чепкалка кога ќе боцнете. Испечете 2 бисквита. И оставете ги да се изладат. Пожелно е да ги замотате ладни во целофан и да преноќат во фрижидер.
Потоа може да го спремите чоколадниот ганаж за да ви се излади. Хоплата стоплете ја,без да ви зоврие потоа прелијте го чоколадото и мешајте за да се растопи целосно. Извадете ја смесата прво на собна температура, а потоа 2 часа во фрижидер. Пред да го користите чоколадниот ганаж омекнете го со миксер и ставете го во слаткарски шприц. Ганажот може да замени со филот јас сум Чокохолик, затоа направив микс.
За филот:
Филот спремете го пред да филувате. Ставете го желатинот во водата да стои. Во меѓувреме хоплата изматете ја заедно со шеќерот во прав и ванилата да стане цврст снег па ставете во фрижидер. Изматете го сирењето да стане кремасто додадете ја хоплата и на крај додадете го желатинот но растопен во микро или на шпорет на најтивко. Добро измешајте да добиете хомогена смеса. И веднаш ставете во слаткарски шприц.
На крај на двете изладени теста исечете по шаблон буква или број по желба.
Спремете декорација по желба. На подлога ставете ја првата буква или број и со чоколадниот ганаж направете топчиња по целиот бисквит со шприц бр.1а .
Потоа внимателно ставете го вториот исечен бисквит. Ставете и на него фил со шприц бр.1а. На крај декорирајте по желба.
Среќен 8ми Март.
Напомена:
За целата торта може да се користи и само филот од крем сирење само дуплирајте ја дозата.
Мојот фил е малку жолтеникав заради ванила пастата (кај нас сѐ уште ја нема).