Родителството е најголем благослов и најтешка клетва

Откако станав мајка нема ниту една единствена ноќ за која можам да
кажам дека сум се наспала. И кога велам наспала, мислам на тоа да легнам и да
ме снема, да отспијам цели 8 часа без ниту еднаш да се разбудам. Не е тоа дека
ќерка ми не била дома или дека била излезена, не. Дури и кога сме биле секоја
во својата соба, на среде ноќ знам да станам и ете, чисто да ѕирнам кај неа во
соба за да се уверам дека е сé како што треба. Кога одела со баба и дедо на
лето во Охрид, а јас сум била во Скопје заради тоа што е работна недела, сум
проверувала вибер, оти знам дека ако качила температура (од за мене сосем
непознати причини) мајка ми го уклучува виберот додека не дојде време да го
извади топломерот. Сум се фаќала себеси дека и кога сум била мртва болна и со
исцрпувачка треска, пак едното уво ми е насочено кон неа. А ич да не правам муабет
за тоа кога нејзе не и’било арно. Тогаш ме пука адреналин и не спијам по цели ноќи, а и
тие 15-тина минути кога ќе затворам очи душава ми се тресе. И ај што сум јас
апла несаглам кога ми е детето болно, туку знам и да сум оток досадна и да ја
малтретирам нејзината и моја докторка (фала му на Универзумот за Цули), па и да
прашувам такви глупости што отпосле ме фаќа срам. Ако за некоја поговорка сум
100% сигурна дека важи за сите мајки, тоа е онаа која вели “мајка што ќе
помисли, не дај Боже да се случи”. Не се обидувам со ова да ја намалам грижата
и загриженоста на татковците за децата, туку едноставно, бидејќи сум жена можам
да го кажам само мајчинското чувство.
И ова не е нешто што престанува како што растат децата. Не, не, не...нема врска ова со годините кои ги имаат. Чинам дека таа грижа за нив која започнува од моментот кога се раѓаат, завршува тогаш кога нас (родителите) веќе нé нема на земјава. Ги памтите ли првите муабети кога сте ги пуштале сами надвор за да си играат или кога било време да тргнат на училиште? Мислам дека како Оче наш на сите ни било она:
1. Гледај лево и десно кога минуваш улица
2. Не разговарај со непознати
3. Никако да не одиш со никого во автомобил, дури и да ти каже дека јас сум го пратила да те земе
4. Пред да влезеш во влез, заврти се околу себе за да видиш дали некој те следи
Кога потпораснуваат доволно за да излегуваат со друштво, има модификација на неколкуте “мајчински заповеди”:
1. Гледај лево и десно кога поминуваш улица (ова е неприкосновено и важи за цел живот)
2. Кога одиш по улица, не слушалки во уши и не музика да трешти
3. Не се двои од друштвото
4. Не прифаќај пијачки од никого
5. Ако одиш во тоалет а пијалокот ти останал на шанк, нарачај си нова пијачка
6. Ако сакаш да си заминеш порано, одма да ми се јавиш за да те земам
7. Телефонот да не ти е на mute
Како и да ги завртите работите, секогаш има за што да се грижите. Аха, на сред зима со пупакот гол (бубрезите) или со кратка сукња(и јајниците, нели?), на сред лето да се внимава ако се оди во парк оти има таму сé и сешто., Со еден збор, исцрпувачки и за родителите и за децата. Дури, сега уште пред да отворам уста сама ми кажува “знам, знам....аман мамо 100 пати истото”. И да, по стотина пати е истото затоа што мојот мозок не работи “еј, да се журка и да си помине супер”, туку работи во насока “да се врати дома жива и здрава”. Имам една другарка што има ќерка која уште е во основно училиште. Кога ја гледам како се потресува за секоја ситница, исто како да се гледам себеси, пресликана во неа. Чинам дека благословот да се биде родител е проследен со еден облак од проклетство да се тресеш над нив додека си жив. И што е најинтересно, сега да се вратам назад знам дека (и со овој ум што го имам, па и искуство) пак би била истата, онаа досадна и напорна мајка која колку и да не сака да мисли на лошото, некаде во задниот дел од умот стално ровари црвот кој вели “а што ако...”.
Пред 2 години, ми се случи еден стрес од кој мислам дека и ден-денес си имам последици. Нина излезена со друштво, договорени да се чуеме кога да ја земам оти јас бев седната надвор за да пишувам, а неа буквално и’ се блокира телефонот. Звонам над 50 пати, не крева. Полека почнува да ме фаќа паника која чувствувам како ме прави да не можам да земам воздух. Лето и насекаде гужва а јас вртам со кола низ Дебар маало, знаејќи отприлика каде се движи. И кога веќе тргам накај полициска станица додека во глава ми се менуваат слики како некој ја киднапирал, згазил, како и’ се слошило и низа мисли (која од која пострашна), ми текнува да звонам кај другарката нејзина. Да не должам, детето чекало јас да се јавам и затоа не се ни обидела да ме бара, телефонот закочен скроз, а мене животот ми се скрати за тој еден час. Се чувствував немоќно, избезумено, парализирано.
Нема лек за мислите кои го обземаат секој родител кога е во прашање животот и безбедноста на неговото дете. Нема и нема ни да има. Тој страв не минува, таа грижа не се модифицира или намалува. Вам што сте над 40 години (рака сечам дека сум во право) сигурно уште ви досадуваат родителите со “јадеше?”, “добра/добар си?” и низа такви прашања на кои одговарате со “аман, голем/а сум”. Па не сте. Не сте ама ич големи и возрасни во очите на вашите родители, кои верувам дека немаат намера да ви бидат напорни туку само се секираат за вас.
Чинам дека доцна ни текнува на некои работи кои можат да превенираат било каква трагедија. Не знам зошто повеќе ги нема оние маалски полицајци кои ги имаше по цела ноќ и кои влеваа сигурност. За оние кои не го начекаа тоа време, да ви кажам дека немаше тогаш да ви се шуња низ маало некој непознат, оти веднаш легитимираа и прашуваа што барате во 2 часот изутрина во населба во која не живеете. Да, тогаш исто се крадеа коли од родителите, оти нели, тоа беше фраерлук. Имав другарка која редовно го правеше тоа (со положен возачки, ама од пусти страв не и’ ја даваа колата). Па после беља ако на тоа паркинг место имаше друга кола, оти како ќе објаснеше зошто е преместен автомобилот! Но, тогаш имаше полиција на секој чекор, ама навистина насекој чекор. Паметам дека се влегуваше и по кафеани за да се проверува дали има малолетници и што пијат. Паметам дека се водеше сметка за секое дете, сите водеа сметка за сите деца, не само за своите. Не за друго, оти знаеја дека нивното дете може да внимава на сé, ама дека има такви кои не внимаваат. Знаеја дека ако едно дете застрани, тогаш не може а да не се одрази тоа и на другите деца.
Имаше и дрога, знам барем десетина од моја генерација кои завршија во Бутел заради предозирање. И не се родителите секогаш семоќни за да можат да предвидат што ќе се случи, колку и да се трудат. Ете, тоа е можеби најголемото наше проклетство...дека колку и да сакаме да им помогнеме на нашите деца, можеби и нема да успееме. Имаше и такви кои си ги бркаа од дома децата навлечени на пороци, кои за уши ги носеа во установи и кои даваа буквално сé од себе за да ги оправат. Некои успешно, некои безуспешно. Ако мене ме прашате, прва сум за тоа да се прават рандом тестирања за користење на наркотици, почнувајќи уште во основните училишта. Без најава и веднаш да се известат родителите, но и социјалните служби, психолози и сите други институции чија должност е да превенираат.
Секој родител со чинот на станување мајка или татко го носи бремето на своите деца, какво и да е. Ја носи и одговорноста, ја носи и тагата. Нивното кикснување е и наше кикснување, како родители кои потфрлиле. И тука нема утеха, нема дури ни сенка од утеха. Таа болка се носи секогаш.
Чарето е многу покомплексно, отколку што се чини на прв поглед. Во труло општество, во кое ништо не функционира оди и објасни им на децата дека чесноста е доблест кога гледаат дека криминалци се наградуваат. Оди и објасни им норми и начела, кога оние кои најмногу треба да ги имаат и кои се претставници на истите, не ги почитуваат. Тоа е исто како кога поповите проповедаат скромност, а се машала во мевовите и се возат во џипови. Ако сакаме саглам генерации, ќе мора сите да си ги испотиме задниците, од дома до највисоките институции (кои очигледно не ги бива). Не за друго, туку за никогаш повеќе да не ни се повтори она“не дај Боже да се случи тоа што мајка ќе помисли”.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Дури во себе го носиш
Си мислиш оти тоа е маката
Оти таму стравот лежи
Да излези од тебе живо и здраво
Парче месо кое со раѓање те менува
Та прстите на рацете му ги броиш
И ти олеснува ако се десет на број
А потем душата ти се стега оти плачело
Или страв те фаќа ако глас не пушта
И си велиш добро е
Ете го, се роди
Без да знаеш оти од тој миг
Започнува борбата која трае
Сиот твој живот те искушува
Оти треба од него човек да сториш
Со сите нишани да биде
Чесен и арен
Милозлив и сочувствителен
И секоја негова болка и твоја е
Секој негов успех иљач ти е
Та врват години
А тебе уште душата како лешник ти е
Иако е веќе свој или своја
Иако можеби и свои чеда има
Ама за тебе останува истата мисла
Како тогаш кога за првпат си го видел
И знаеш оти секојпат ќе те боли
Секоја мака негова, твоја ќе е
Секоја солза тебе ќе те пече
Оти твое е
Оти од тебе излегло
Оти знаеш дека светот суров е
И дека малку треба
За срцето надве да ти распука
И само си велиш
Да не е како онаа народната
“мајка што ќе помисли не дај Боже да се случи”
Оти само миг треба
За сиот живот да ти се одмили
И да се поболиш за чедото
Кое за тебе секогаш останува дете
Колку и години да има
И скраја да е да го надживееш
Оти тоа живот повеќе не е
Скраја да е да треба свеќа да му палиш
Оти како свеќа ти згаснуваш
Оти ништо на светов не боли
И ништо на светот полошо не е
Од тоа да живееш во сенка на спомени
За детето кое за тебе било сé
А кое повеќе до тебе не е