Се молев да останам жива за да си ги видам децата: Медицинската сестра Мирјана Илиќ од Штип, меѓу првите го победи Ковид-19

Болки во градите и мускулите, чувство дека доаѓа крајот. Со овие зборови медицинската сестра Мирјана Илиќ (54) ја опишува својата борба со короната. Таа била меѓу првите заболени здраствени лица од КОВИД 19 во земјава. 

Илиќ е инструменталка во ортопедската операциона сала, во одделот ортопедија, во Клиничката болница во Штип. 

Првите симптоми на Ковид 19, ги почувствувала на 11 април. Бидејќи дел од колегите веќе биле заразени со вирусот, побарала веднаш да биде тестирана и да и се направат анализи. 

-Ми направија компјуетрска томографија и ми дијагностицираа пнеумониа. Истата недела кога се разболев, од корона умреа петмина, на моја возраст. Затоа, ноќта кога ги добив резултатите, преживеав агонија. Тоа беа почетоците на борбата со оваа болест. Нема конкретен лек, некој реагира на терапијата, некој завршува на респиратор и за жал умира. Имав само една желба, да ми делува терапијата. Постојано ми се појавуваа сликите на моите деца, мајка ми, брат ми, баба ми, пријателите, моите колешки. Се молев да останам жива за да си ги видам децата – вели Илиќ и дополнува.

- Мене ми е многу страв од оваа болест. Затоа не ми е јасно како може некои да не ги почитуваат правилата и да не се плашат од Квид 19. Нив ќе ги прашам „ дали некогаш сте плачеле од среќа што сте се разбудиле,болката е помала и лесно дишете“. Мене тоа ми се случи. Не ја преживувајте мојата ноќ. Ве молам освестете се – апелира Мирјана до нашите граѓани.

Медицинските сестри се на првата борбена линија во нашето здраство. Тие ги негуваат и им помагаат на пациентите. Од нив често се бара и да ги охрабрат, кога се соочуваат со тешка болест. Во оваа ситуација кога сите носат маски, Мирјана вели дека и тагата и радоста кај пациентите и медицинскиот персонал може да се прочитаат од очите.

-Вистина е дека очите се огледало на душата и дека нетреба да слушнеш, за да разбереш. Гледаш во очите на пациентите и читаш.Неверојатно е што се има во нив и колку тие незнаат да скријат.Во операциона сала, колегите се разбираме со очи..На крај кога се ќе заврши, постои секунда која кажува се. Ја креваш главата, се погледнувате сите меѓу себе, а мрежичката од ситни брчки под очилата, значи насмевка, за успешно завршената работа – открива Илиќ.

Соња Алексоска Неделковска