Се обидоа да ми го згазат достоинството: Искрено интервју со Цветанка Ласкова
Како посебен советник за култура многу е задоволна што во краток период културата од
буквално заробена и исклучива - стана слободна и европска култура. Како
бизнисменка, ужасно е разочарана во судството од искуството со нејзиниот случај.
Вели, одреден круг на лоши луѓе, се обиделе да ја дискредитираат и што е најлошото од сѐ- посегнале по нејзиното семејство. Преживува благодарение на нејзиниот силен дух, животно искуство и концентрирајќи се на работите кои ѝ се најважни во животот.
Цветанка Ласкова, и сега, по 47 години професионална кариера како естраден уметник, бизнисменка и сега активно вклучена во политиката ( девет години беше на чело на форумот на жени на СДСМ и три години е посебен советник за култура во Владата на премиерот Зоран Заев), не ги менува работните навики, стилот на облекување, фризурата и пријателите. Дури над дваесет години е верна на истиот парфем „опиум“ на Ив Сен-Лоран. Вели, тајната на нејзиниот дамски изглед се должи на менталната хигиена, а не како резултат на козметички ритуали.
Во ексклузивното интервју за „Женски магазин“ ни откри и уште дали жените го добиваат местото во политиката што го заслужуваат, дали и недостасува музиката и со кого се дружи приватно.
*Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е во Собрание. Дали сте задоволни од направеното?
-Јас го паметам периодот пред повеќе од 20 години кога се подготвуваше Законот за култура, Законот за авторското и сродните права и други, бидејќи во тоа време јас бев правен субјект којшто беше директно засегнат. Во тоа време, нашиот Закон за култура на повеќето меѓународни конференции од оваа област беше оценуван како еден од најдобрите во регионот.
Од тогаш па до денес тој претрпе 16 измени со што потполно ја изгуби јасноста и ефикасноста на концептот за остварување на националниот интерес во културата.
Со донесување на петгодишната Национална стратегија за развој на културата во РМ за периодот од 2018-2022 година се утврди потребата за донесување на нов закон, со кој се создава правна основа за регулирање на многу сегменти на уметничкото и културното живеење, согласно со современите општествени текови, со акцент на јавниот интерес.
Директно да одговорам на вашето прашање - ќе бидам задоволна кога во пракса ќе профункционираат новите решенија за разрешување на досегашните проблеми на уметниците, културните работници и воопшто на граѓаните, а кои се предвидени со новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата.
*Како посебен советник за култура во владата на премиерот Заев, што помрднавте од место, а во кој сегмент бевте немоќни?
-Многу сум задоволна што во овој краток период успеавме културата од буквално заробена и исклучива, да ја направиме достапна за сите и што го исполнивме програмското ветување – слободна и европска култура. Многу уметници и културни работници излегоа од дотогашните пранги и темнина на анонимност, па сега им се даде шанса да покажат кои се и што можат. Искрено сметам дека културата веќе е на пат да биде потполно слободна. Не е благодарно човек самиот за себе да презема заслуги, но сметам дека и јас имам голем удел во ова. Но, за жал, постојат неколку проекти покренати од моја страна кои не ја доживеаа својата светлина. Како на пример, обновување на музичката продукција на Јавниот сервис – НРТВ. Сепак, можам да нагласам дека во виорот на политичките интереси и коалиционите превирања, помогнав во одржливоста на Скопски џез фестивал, Фестивалот Златно славејче, Интерарт и Танцовиот фестивал, еден Фестивал за народни песни Пеце Атанасовски и ред други, како и конечно да се подигне квалитетот на неколку познати и долгогодишни фестивали.
*Координатор сте на тело за следење и имплементација на процесот на реализација на реформите во културата и во заштитата на културното наследство . Две чувствителни прашања кои не дефинираат дома но и во светот. Колку сме отидени напред во однос на промовирањето на нашата препознатлива култура во европски и светски рамки и колку го подобривме културното живеење на нашите граѓани?
- Морам да ве корегирам на почетокот. Координативното тело е ставено во ситуација да се бори со долгодишни и напластени проблеми и стручно да упатува на решавање на проблеми од типот на управување со културното наследство на Охридскиот регион за кој имаме опасност да биде прогласен за загрозено подрачје и да го изгуби статусот на културно наследство, како резултат на долгогодишна негрижа. Но, од друга страна пак, културното живеење на нашите граѓани и заштитата на културното наследство очекуваме да биде издигнато на едно особено високо ниво со усвојување на новите законски решенија кои во голем дел се помогнати и стручно ревидирани од страна на членовите на Координативното тело, како на пример Законот за остварување на јавниот интерес во културата, Законот за употребата на македонскиот јазик, Законот за филмска дејност, Законот за заштита на културното наследство и Националната стратегија за заштита на културното наследство.
*Центарот на Скопје се уште е во барокно руво, благодарејќи на проектот Скопје 2014“ промовиран од претходната власт. Не се ли најде решение за сите зданија за кои архитектите тврдеа дека се градени со несоодветни (неприродни) материјални, дека лоши за здравјето на луѓето што живеат или работат во нив, а се градени неквалитетно?
- За волја на вистината, една година е премалку во нечиј мандат да се разреши ваков мегаломански проблем, иако имаше квалитетна работна група и решенија за проблемот. За ситуацијата да биде понеповолна, надлежноста од пред скоро две години е во политички субјект кој нема којзнае каков интерес или дури и програмска заложба. Не заборавајте дека во три години, се сменија тројца министри за култура.
*До каде е спорот со Канал 5 телевизија која ја тужевте за долг кон КАН продукција поради емитување на серии и филмови, а потоа се случи пресврт ѝ требавте да и платите 400 000 евра?
- Ужасно сум разочарана во судството кое по не знам кој пат докажа дека не само што е нестручно, туку и корумпирано. Спорот со Канал 5 кој траеше цели 13 години и во кој мојата фирма Кан продукција имаше парично побарување на име главен долг и камата заврши во полза на Кан продукција и наплата на тоа побарување. По целата голгота, сосема неочекувано, добив тужба од Канал 5 лично против мене за враќање на тие средства, само заради тоа што Врховниот суд решавајќи по трети пат по ревизија, донесе одлука во корист на Канал 5 за враќање на предметот од почеток, за разлика од претходната одлука по ревизија која ги потврди одлуките на пониските судови, кои ми го признаа тужбеното барање. На мое големо изненадување, бев тужена лично од Канал 5 за враќање на тие средства кои со камати и судски трошоци достигаат неверојатни 400.000 евра. Со првостепената пресуда им беше одбиено тужбеното барање, но на некој чуден начин, таа пресуда беше преиначена во Апелационен суд Скопје. Оправдано, имав основ да се сомневам во законитоста на таквата пресуда, заради што поднесов и претставка до Судскиот совет, но до денес немам никаков одговор. Останав без сопствен недвижен имот, мојот стан од 40 м квадратни и станот на моите деца преминаа во сопственост на Канал 5. Поднесов ревизија пред Врховниот суд и сѐ уште чекам да се произнесе. Многу сум разочарана од судството од искуството со мојот случај, а истовремено гледајќи ги сите оние граѓани кои минуваат низ судските ходници и нивната голгота и неправедните судски одлуки кои менуваат судбини и животи, сочувствувам со сите оние кои се борат за правда во судството, се борат за законски решенија кои обезбедуваат правна сигурност. Очекувам објективна судска одлука заснована на закон и сѐ уште имам надеж во судии кои ќе бидат непристрасни, професионални и достојни на судската функција.
* Како го преживеавте атакот врз вашата личност откако во јавноста се дозна дека вашата снаа, односно нејзината фирма добила грант од околу 330.000 евра од Фондот за иновации и технолошки развој?
- За жал, недолжни луѓе со исклучително професионални капацитети, уникатност во визионирање на иднината и помагање на човештвото се удираат по глава, само затоа што се нечии роднини. Ниту мојата снаа, ниту фирмата во која таа имаше 10% сопствено учество ги добија тие 330.000 илјади евра, а уште помалку јас, којашто немав допирна точка со тој проект. Позадината е сосема поинаква – одреден круг на лоши луѓе, поведени од лукративни и криминални интереси, се обидоа да ме дискредитираат и да атакуваат на мојата личност, да го згазат моето достоинство, но најлошото од сѐ е што посегнаа по моето семејство. Преживувам благодарение на мојот силен дух, животно искуство и концентрирајќи се на работите кои се најважни во животот, притоа не дозволувајќи им на злонамерните луѓе да влијаат на мојата свест и моето расположение. Знаете, секогаш најдобриот лек е опкружување со луѓето кои ги сакате и кои ве сакаат.
*По сите овие случувања, се каете ли што влеговте во политиката?
- Не, не се каам воопшто. Многу сум горда што несебично придонесов во ослободување на оваа земја од лоши државници. Особено сум горда на сите мои извојувани битки за родовата рамноправност и она за што години и години се борев, доживеав да го жнеам како заслуга постигнувајќи загарантирана застапеност на 50 проценти женски кандидати на изборните листи и тоа веќе на овие парламентарни избори.
*Дали жените го добиваат местото во политиката што го заслужуваат?
- Да. Сведоци сме дека иако процесот е бавен, го живееме.
*Со кого највеќе се дружите?
- Погоре спомнав дека во секојдневието сум опкружена со луѓе кои ме сакаат и кои јас ги сакам. Тоа се искрени и долгогодишни пријателства засновани на доверба. Тука сме едни за други и во добро и лошо. Тука се моите Тања, Жане, Калиопи, Елена, Весна... Морам да спомнам дека ги негувам и долгогодишните пријателства со личности кои се со илјадници километри далеку, но кога ќе се сретнеме како вчера да сме биле заедно. Држави се растурија, но тие пријателства останаа. Многу ги сакам и радосна сум кога ќе ги видам моите Ханка, Соња, Јаца, Мерима, Исмета...
*Вас и вашиот починат сопруг Мишо, познат музичар, композитор и продуцент, ве врзуваше успешна продуцентска куќа „Кан“ која беше специјализирана за откуп на разни серии и документарни филмови, снимање на спотови... Вашата куќа ја донесе во земјава најпознатата латиноамериканска сапуница „Касандра“ која за краток период стана најпопуларната теленовела во светот... Вие дури двапати го добивте и признанието „Најуспешна жена менаџер на годината“. Работи ли во вас уште претприемеачкиот дух?
- Личната одговорност кон работата е карактеристика на секоја индивидуа. Јас за себе можам да кажам дека од секогаш сум била креативна и исполнителна. Впрочем тоа го покажуваат и резултатите од долгогодишната работа на естрадно поле, потоа во бизнисот и сега во политиката. Никогаш не мирувам и спремна сум за нови потфати. Снагата на креативниот дух ме оддржува.
*Славна епизода од вашата музичка кариера беше и хитот од 1976 година „Момчето со мандолината“ што го испеавте со Јанко Узунов на фестивалот во Опатија. Дали ви недостига музиката и кои ви се сега музички идоли? Што слушате во слободно време?
- Благодарение на новите технологии сѐ е достапно. Музиката го разубавува секојдневието. За разлика од порано, кога бев директен учесник во музичките и театарските збиднувања, кога публиката доаѓаше мене да ме чуе и види, сега јас одам на добро осмислени концерти, претстави... Ми пречи што секогаш не можам да се опуштам, бидејќи изведбите ги гледам со професионално критички очи.
Музиката била и е мојот живот. А, мојот покоен сопруг ќе речеше: „Колку е тажно кога не ќе можеш да слушаш музика. Таа ја дава смислата на животот.“
* Мајка сте, свекрва и баба, а и блиските сте со вашите две сестри. Имате ли време за семејството?
- Семејството за мене е најважната клетка во животот. Добрите односи во него се клучот за градење на една личност. Така сме воспитувани јас и моите сестри од нашите родители, тоа го пренесувам на мојот син, а еве сега и на моето внуче. Не постои поголема радост од здраво и среќно семејство.
* Една сте од ретките дами во јавниот живот која остана доследна на еден префинет изглед, облекување и однесување. Кои се вашите женски ритуали?
- Ви благодарам за комплиментите. Велат душата е огледало на човекот. Тоа сум јас и тешко дека нешто може да се промени кај мене, под било какви околности. Менталната хигиена го дава тој резултат, а не било какви ритуали.
Лејла Сабит
Фото: Вангел Тануровски