Сè повеќе млади завршуваат на Интензивна нега: Д-р Стевановиќ за состојбата во Белград

Во последните 24 часа, 290 пациенти со симптоми на „Ковид-19“ биле прегледани на клиниката за Клиниката за инфективни болести во Белград, а уште 150 пациенти се примени во уште две клиники за тријажа, рече денеска директорот на Клиниката за инфективни болести, Горан Стевановиќ.

- Станува збор за претежно помлади луѓе меѓу 30 и 50 години кои доаѓаат кај нас со сериозна клиничка слика, билатерална пневмонија. Помал број имаат полесна клиничка слика, што може да се следи амбулантски и кои може да бидат во домашна изолација - изјави Стевановиќ пред новинарите во Белград.

Како што вели тој, сега карактеристично е што заболуваат повеќе младите луѓе кои немаат некои хронични заболувања, а имаат тешка клиничка слика и завршуваат на одделенија за интензивна нега.

- Само на Клиниката за инфективни болести, имавме две смртни случаи во текот на ноќта - рече Стевановиќ.

Тој изјави дека капацитетот на Клиниката за инфективни болести е пополнет 95% и дека се отпуштаат од 10 до 15 пациенти секој ден, а дека се прима ист број.

Пациентите се жалат дека треба да чекаат долго за прием, Стевановиќ вели дека приоритет им се дава на пациентите кои имаат животнозагрозувачка состојба, и дека оние со поблага клиничка слика треба да чекаат.

- Ситуацијата е многу сериозна. Имаме голем број на пациенти со сериозна клиничка слика, имаме поголем број на пациенти на кои им се потребни различни форми на вентилација. Добро е што сега имаме помала стапка на смртност отколку на почетокот - заклучи Стевановиќ.