Секој ден се будам со позитивна мисла и ги игнорирам новите израстоци по телото–Александра Костовска за борбата со болеста за која не постои лек

Александра Костовска (31) е исклучително позитивна и добра личност. Кога зборувате со неа, не забележувате дека животот ја ставил на искушенија од најмала возраст. 

На 15 години ја изгубила својата мајка, нејзиниот идол и најголем пријател. На 24 години се соочила со болеста neurofibroma NF1 или тумори на нервниот систем, кои понекогаш доведуваат до значајна деформација на мекото ткиво или коските.

За оваа болест не постои лек.


Бог им ги дава најтешките битки на неговите најсилни војници

Александра, пред да и ја дијагностицираат болеста, немала никакви здраствени проблеми. Одела само на редовни контроли на дојки.

-Мајка ми имаше канцер на дојки. Бидејќи болеста е наследна, одев редовно на тие прегледи. Не правев обемни испитувања, само ехо снимки и крвна слика. Докторката забележа дека имам израсток под левата дојка. Им реков дека го имам од раѓање. Како што растев, растеше и тој. Не се сомневаа во ништо. Прво ми кажаа дека е обичен израсток и ме советуваа да го остранам за да не ми пречи во иднина. Ме оперираше д-р Туџарова. Операцијата траеше околу 40  минути. Бев свесна зашто ми ставија локална анестезија – вели Александра на почетокот на нашиот разговор.


Опоравувањето течело добро. Само во првите две недели чувствувала дека нема енергија. Не, ни претпоставувала дека малиот израсток всушност е најава за болеста за која нема лек.

-По анализа на примерокот ме известија дека боледувам од neurofibroma NF1 или тумори на нервниот систем. Таа се манифестира со појавување на мали израстоци по меките ткива или коските. Може да се оперираат, но повторно се појавуваат. Тогаш имав 24 години. Во тие моменти храбро се соочив со болеста. Бог им ги дава најтешките битки на неговите најсилни војници. Голема подршка имав од моите најблиски и пријателите. Но, најголема мотивација за борба ми е мојата покојна мајка. Таа не се предаваше до самиот крај – открива таа.


Никогаш нема да го заборавам денот кога се запознав со Тоше

Чекори храбро низ животот, исто како и нејзината мајка. Без страв и оптоварување за тоа што ќе донесе иднината. Двапати годишно оди на контрола - ехо на сите органи и комплетна крвна слика.

-Лек во светот за неурофиброма сѐ уште нема. Благодарна сум на Бога за силата што ми ја дава. Чекорам храбро со насмевка. Секој ден се будам со позитивна мисла и ги игнорирам новите израстоци по телото. Не болат. Но, некои од нив ми пречат - посочува Костовска.


Ужива во музиката и многу ги почитува македонските ѕвезди. Редовно присуствува на нивните настапи и концерти. Нејзин идол е Тоше Проески. Важи за една од најголемите почитувачи на неговиот лик и дело.


- Го видов само еднаш во 2005 година во Струга. Тоа беше еден од најсреќните денови во мојот живот, кој нема да го заборавам никогаш. Тоше го слушам од 1998 година, од неговите почетоци. Тоше беше, е и ќе остане засекогаш најдобар. Не само како пејач, туку како најголем хуманитарец, личност со големо срце најмила душа и голем верник кон Бога.

Соња Алексоска Неделковска