Секој втор е заразен со Ковид, но нема голем број приеми во болниците: Пациентите од овој бран имаат полесни симптоми, д-р Костов за Фактор

Веднаш по новогодишните празници, брзите тестови во аптеките станаа најпродаваниот производ. Матичните лекари се преполни со пациднти, а пред лабораториите редиците луѓе се предолги. Официјалните бројки на заразени со ковид покажуваат нагло искачување на новизаразени, па и во овој бран повторно во Македонија има над 10.000 инфицирани граѓани, а само во Скопје повеќе од 6.000. Но, за среќа здравствениот систем се уште добро се држи, особено поради тоа што нема силен притисок врз болниците, односно ковид центрите, а и оној мал број пациенти кои се примаат на болничко лекување се со полесна симптоматологија. Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов, во разговор за Фактор посочува дека сепак вакцините, како и веќе стекнатиот имунитет од прележаната болест колку-толку го запреа пренатрпувањето во болниците.

-Во моментов кај нас болнички се лекуваат 50 пациенти. Одделението за интензивна нега е полно, но има голема разлика од претходните четири брана. Тука лежеа најтешките пациенти, а сега, иако сите се на кислородна поддршка, клиничката слика им е полесна. За среќа нема пациенти со ниска сатурација кои беа речиси секојдневие ланската зима, па и пролетта. Немаше место каде кревет може да се стави. Овие денови примаме најмногу до пет пациенти и главно тие се од другите градови-Прилеп, Валандово, Куманово, Крива Паланка..., посочува д-р Костов.

Вели дека од вкупниот број пациенти кои се сместени кај нив, 16 ги примиле двете дози од вакцината против корона вирусот, но и покрај тоа, кај нив инфекцијата со ковид довела до состојба да мора да бидат хоспитализирани.

-Станува збор за пациенти кои имаат други сериозни болести, што во голема мера придонесува болеста повеќе да напредува пред се заради кревкиот организам и заради послабиот имунитет. Но, дури и тие немаат најтешка форма на болеста. Сите останати пациенти се невакцинирани. И ова е уште еден доказ дека вакцините сепак не заштитуваат 100 проценти од зараза, но не дозволуваат вирусот да направи сериозни компликации. Ако сега немаше вакцинирани, овој бран ќе беше погубен, нагласува д-р. Костов.

Тоа што посебно го истакна е дека овој период, по празниците значително е зголемен бројот на амбулантските прегледи.

-Само до 15.30, до кога работат амбулантите во ГОБ „8 Септември“ има и до 160 прегледи дневно. Тријажниот центар во моментов не работи, бидејќи нема потреба, но доколку има поголема навала, подготвени сме веднаш да се екипираме целосно. Искрено се надевам дека и на толку многу новозаразени, нема да го имаме најсилниот притисок, уверува д-р Костов.


Повеќе на Фактор.мк