Семејството на момчето чиј живот згасна покажа врвна хуманост: Двајца пациенти на дијализа добија бубрег и шанса за живот

Добивај вести на Viber

„Двајца млади пациенти со болест на бубрезите кои беа на дијализа добија шанса за нов живот. Уште неколку пациенти со малигни болести и трауматски повреди, кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија, во наредните недели ќе добијат можност да им бидат инплантирани здрави коскени ткива. Благодараност до семејството кое во своите најтешки моменти одлучи да помогне и да спаси друг живот. Сочувствуваме со нивната болка, ја почитиваме нивната одлука и благодариме за тоа што го направија. Во неделите кои се пред нас, неколку пациенти со тешка болест ќе добијат шанса за нов живот“, се заблагодари министерот д-р Беким Сали, откако во раните утрински часови на Клиниката за урологија, заврши втората од двете трансплантации на бубрег.

Во саботата доцна во ноќта семејството на младо момче со мозочна смрт даде согласност за донирање на органите. Покрај бубрезите, екипата на Клиниката за ортопедија направи експлантација и на коскени ткива.

Ова е втора трансплантација од почетокот на годинава и 12-та од мај 2020 година, откако Програмата за трансплантација на Министерството за здравство се прошири во делот на мултиорганската трансплантација. 

„Секоја трансплантација за нас е голем успех затоа што со сето ова што го работиме, полека но сигурно го менуваме системот. Покажуваме колку можеме како лекари да направиме за нашите пациенти, а во исто време и како општество во целина да бидеме попозитивни во поглед на органодонорството. Уште еднаш благодарност до семејството на донорот за нивната хуманост. Благодарност до болничките координатори кои го водеа целиот процес во овие два дена, како и до екипите на клиниките за урологија, нефрологија, трансфузиологија, КАРИЛ, ортопедија, кардиологија, кардиохирургија, рендген и до Министерството за здравство“, информира д-р Маја Мојсова Мијовска, национален координатор за трансплантација.