Штици што живот значат – Македонскиот народен театар низ годините
Театарот од самото постоење ги спојувал културите и како таков најмногу се стремел да направи промени во традиционалното општеството, преку ефективната моќ на изразување. Оваа гранка на уметност отсекогаш обезбедувала непречен проток на информации, ги поврзувала културите, обезбедувала патување низ времето од традиционалното кон универзалното и одговарала на многу политички, верски и економски прашања. Покрај обединувачката моќ во општествениот живот, театарот не само што пренесува соодветни пораки, туку им служи на луѓето и како бегство од стигмата на секојдневието.
Во Македонија за основоположници на театарската
уметност се сметаат авторите Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Војдан
Чернодрински, Петре Прличко, Димче Трајковски и др. Тие со своите патувачки
групи правеле театар на отворено, по кафеани, во општински згради и разни
импровизирани простори каде со комедии и куси скечеви ја развеселувале
публиката. Изведбите биле едноставни, но значајни по творечката активност и
репертоар на македонски јазик, со македонска проблематика. Првиот професионален
- институционален театар е Народно позориште - Скопје (1913). Тој активно
работи до 1944 година, под различни управи, со различен репертоар и програма.
Во периодот помеѓу 1941 и 1944 година, група македонски актери, режисери и
уметници, меѓу кои Петре Прличко, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Тома
Владимирски, Василије Поповиќ-Цицо, делуваат во рамките на партизанскиот
театар. Во основа тој бил пропаганден и политички и се темелел на прикажување
на програма составена од рецитали, импровизации и скечеви кои најчесто
покривале партизански или едукативни теми.
Македонски народен театар во својата историја поминал низ разни периоди во поглед на креирање и негување на репертоарот, ансамблот и публиката, создавајќи цела плеада театарски дејци кои оставиле трајни белези во културниот живот на Македонија, некогашна Југославија и надвор од неа.
Годинава Македонскиот народен театар слави 73
години постоење, односно од првата претстава „Платон Кречет” од Александар
Корнејчук, која во режија на Димитар Ќостаров била изведена на 3 април 1945
година. Како дел од одбележување на годишнината, МНТ во соработка со Скопје
Сити мол организира вонмузејска изложба со која се претставуваат Моќта на
театарот и изведените претстави кои оставија белег на неколку генерации
публика, како локално, така и на меѓународно ниво.
Од 27.04 (петок) со свечено отворање, до 29.04
(недела), експонати од различни претстави се изложени во Скопје Сити мол.
Посетителите низ оваа несекојдневна изложба ќе ги води кустос со чија помош ќе
имаат можност да се запознаат со богатата театарска историја на МНТ и „штиците
што живот значат” со сите нивни „патувања“ до срцето на гледачите.