Син ми е натпросечно интелегентен, ги молев да го запишат во училиште, не дозволија зашто има целебрална парализа: Искрено со Наташа Стојанова

Тој е прекрасна личност, упорен, борбен, позитивен - ангел божји. Дете какво што секоја мајка би посакала да има. Најмногу го интересира медицината, сон му е да стане ортопед хирург. На овој начин Наташа Стојанова го опишува својот син Андреј (27) кој има целебрална парализа. Иако докторите му предвиделе краток живот, со својата грижа, упорност и верба не само што му го продолжила животот, туку верува дека еден ден ќе застане и на нозе, благодарение на докторите во Москва, Русија.

Имавте ли компликации во бременоста со Андреј или тешко породување? 

- Не, немав големи компликации во почетокот. Имав нормална бременост сѐ до четвртиот месец кога добив предвремени контракции, но се смирија со лекарствата што ми ги препишаа. Имав многу тешко породување. Поради лекарствата што ги пиев не се отворав доволно. Добив контракции на шест и пол месеци од бременоста. Докторите не сакаа да ми направат царски рез. Нивното мислење беше дека Андреј е големо бебе и ќе треба да се направи царски рез кога ќе дојде време за тоа. Издржав до седмиот месец. Андреј беше 45 дена во инкубатор.

* Кога првпат забележавте дека вашето дете има видливи здраствени проблеми?Каде се обративте и дали беше изложен на повеќе испитувања до воспоставување на дијагнозата?

- Веднаш, штом го донесовме дома. Но, докторите ме убедуваа дека е уште мал. Кога наполни шест месеци, не можев веќе да издржам и на своја рака го однесов во Државна болница. После неколку испитувања му ја воспоставија дијагнозата Церебрална парализа. Ми рекоа дека Андреј нема многу да живее. Но, ако сакаме може да се обидеме со физикална терапија во рехабилитацискиот центар „Свети Стефан“ во Охрид.

Сама се грижев за него

* Со кои проблеми се соочивте при неговото растење? Кој ви помага?

- Со многу проблеми поврзани со исхрана, слаб имунитет, многу слаба крвна слика. Сама се грижев. Никој не ми помагаше. Бев со него постојано.

Покажуваше ли интерес кон книгите? Посака ли да оди во училиште?

- Не, тој не покажуваше никаков интерес за книгите. Но, мислев дека детето треба барем да научи да чита. Разговарав со докторите. Нивно мислење беше дека тој треба да оди во нормално во училиште, зашто немаше никаков проблем со психичкиот развој. Но, во училиштата во Кочани ме одбија, бидејќи имаат кабинетска настава, а Андреј боледува од целебрална парализа. Децата за секој предмет се преместуваат од еден во друг кабинет. Ги молев да го запишат. Им предложив да присуствувам со него на часовите и сама да го носам со количката од кабинет во кабинет. Поради скалилата ме одбија и ме тераа да го запишам во специјалните паралелки. Не прифатив, бидејќи во тие специјални паралелки учат деца со ментален хендикеп. Ако прифатев, сама ќе си го направев детето со ментален хендикеп, а тој тоа не беше. Без знаење на мојот сега починат сопруг, го однесов на испитување во болница, за да видам дали детето психички е во ред. Му направија повеќе тестови и ми потврдија дека детето, не само што е во ред, туку има и натпросечна интелигенција. Документот од болницата го искинав, за да не го види мојот сопруг. Не сакав да знае каде сум била, бидејќи и тој не го прифаќаше Андреј, односно не можеше да се помири со неговата состојба.

* И покрај лошото искуство, дали продолжи со едукација и каде?

- Да, тој продолжи со едукација во домашни услови со моја помош и на мојата мајка.


Верувам дека ќе застане на нозе


Не ја изгубивте надежта и за неговото лекување. Бевте во Москва, Русија и како што објавивте на вашиот ФБ профил има подобрување во здраствената состојба. На кој начин го лекуваат?

- Во Русија. Москва во клиниката „Неуровитае“ го лекуваат со матични клетки и со многу јаки физикални терапии. Тој беше подложен на низа испитувања од кои дознав дека Андреј по породувањето добил воспаление на мозокот и без да забележат докторите. Без лекови сам успеал да се избори со болеста. Тоа воспаление кај него направило лузна која не му дозволува пренос на информации од еден дел на мозокот во друг. Затоа има застој во моториката.

* Имате ли средства повторно да заминете на лекување?

- Досега три пати бевме на третман со матични клетки. Овој пат многу тешко. Веќе две години се обидуваме да собереме 1.500 евра. Еден третман со матични клетки чини 10.000 евра, а дополнително се потребни средства за патни трошоци и за претстој. Клиниката ми излегува во пресрет со тоа што ми ставаат кревет до Андреј, за да преспијам. Сѐ е на мој трошок. Додека за Андреј храна, лекови и сѐ друго влегува во цената на третманот.

* Како би го опишале Андреј како личност?

- Тој е прекрасна личност, упорен, борбен, позитивен - ангел божји. Дете какво што секоја мајка би посакала да има, Тешко ми е што е во ваква состојба. Би сакала да успееме со лекувањето. Докторите во Русија се 100% сигурни дека Андреј ќе го дигнат на нозе, барем да си ги врши сопствените потреби. Но, под услов редовно да одиме на третмани во Русија, а тие чинат многу. Досега добивав донации, подигав кредити,но оваа година многу ми е тешко да се снајдам.

Има ли Андреј хоби, што најмногу го интересира, за што сонува?

- Најмногу го интересира медицината, сон му е да стане ортопед хирург.

Во вечната борба за здравјето на вашиот син, каде ја црпите силата?

- Силата ја црпам од него гледајќи го како се бори, колку е упорен и какви сѐ болки трпи за да успее во неговата желба да застане на нозе и од Господ-Бог. А и желбата да го видам син ми на нозе.


СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА