„Скоро сум во 9-ти месец, се искачувам на Водно и тоа од самиот почеток на бременоста: Ирина Дишо за физичката активност во блажена состојба
Секогаш
препораките на лекарите за време на бременоста до трудниците е тие да бидат што
повеќе физички активни. Но не секоја трудница и покрај одличната здравствена
состојба се нафаќа да оди во теретана или во фитнес сала. Кај нас во земјава ретки се трудниците кои вежбаат активно, а една дама која е во блажена состојба и редовно вежба во бременоста е планинарката Ирина Дишовска, или позната во јавноста како Ирина Дишо.
Таа неретко споделува дел од нејзините тренинзи на Инстаграм, и навистина гледајќи ја може слободно да кажеме дека е вистинска инспирација.
Според Ирина, вежбањето за време на бременоста треба да биде претпазливо, да се консултирате со вашиот матичен гинеколог пред да почнете со вежби, но исто така според неа токму физичката активност и помогнала за намалување, односно олеснување на носење на тежината од бебето во утробата без да предизвика болки во грбот и половината.
Токму на тема вежбање за време на блажена состојба зборуваме со Ирина.
* Велат бременоста е блажена состојба во која треба да ужива секоја трудница. А повеќето се двоумат и покрај својата одлична здравствена состојба дали да вежбаат за време на бременоста. Некако тоа е и табу тема сѐ уште кај нас. Од кога дознавте дека сте бремени, дали имаше период кога престанавте да вежбате или постојано сте активни?
- Да бидам искрена, не ни помислив да престанам со вежбање. Кога дознав дека сум бремена, јас веќе бев во секојдневни спортски активности, теретана, возење велосипед и качување планини. Штом дознавме дека бебето има срцева акција, едноставно продолжив со умерено темпо и вежбањето го прилагодив на вежби кои се безбедни за трудници.
* Кои вежби ги исфрливте од вашата агенда на секојдневни вежби?
- Од секојдневни вежби имаме исфрлено вежби во кои се активираат стомачните мускули, и фокус даваме на вежбите за нозе и раце. Се разбира, вежбите за грб се исто така неизоставен дел од вежбањето, со што се олеснува и самото носење на тежината од бебето во утробата без да предизвика болки во грбот и половината.
* Сте приметиле ли тешкотии откако ќе се извежбате или напротив?
- Најголемо олеснување во текот на денот ми е дефинитивно после вежбање. Независно дали сте бремени или не, чувството после било каков вид на активност е незаменливо!
* Какви придобивки сте почувстувале вие од вежбањето во бременоста?
- Со оглед на тоа што ова ми е прва бременост, навистина не знам да споредам со претходно искуство во кое не би вежбала. Но, околу мене имам неколку другарки трудници, кои на пример имаат потешкотии со спиењето, или задржување на течности во организмот, отоци на раце и нозе, енормно зголемување на апетитот и тежината итн. Овие работи јас за среќа ги немам, и сметам дека тоа се придобивки од самото вежбање.
* Вежбате сами или со тренер?
- Вежбам со Јасна од Тринити, таа ме води низ целиот процес од самиот почеток на бременоста. Давам топла и искрена препорака за сите идни трудници!
* Дали користите опрема за вежбање? Ако да, која?
- Користиме најразлични реквизити како: рачни тегови, мали и големи ластици, пилатес топка, песочна топка, сукало и сл.
* Кој период од денот ви е најпогоден за вежбање?
- Наутро. Како и секогаш, денот е подобар кога го започнувате со тренинг.
* Вие сте планинарка - алпинистка, дали сѐ уште се искачувате по планини, или во подмината бременост го пресконувате тоа?
- Со искачување на Водно не престанав од самиот почеток, па до сега, скоро влезена во 9-тиот месец. Пробав да искачам по некој повисок врв, и навистина немав никакви потешкотии и проблеми. И сега во поодмината бременост би се искачила барем уште еднаш на некој повисок врв, меѓутоа временските услови ми пркосат периодов. Па јас како планинар си ја задоволувам таа потреба за искачување со Водно. Но, сите кои го искачуваат Водно, знаат дека не е тренинг за потценување. Особено не во ваква состојба на телото!
* Што би им препорачале на трудниците кои се двоумат дали да започнат со вежбање?
- Да се консултираат со својот матичен гинеколог. Доколку се работи за нормална бременост, и нормален развој на бебето, апсолутно нема за што да се двоумат за да започнат. Сепак, за трудници кои претходно не биле активни, препораката е да бидат умерени во сѐ што прават.
Н. Миланова