Случки од животот: Три деца за два часа ме израдуваа и ме расплакаа

Добивај вести на Viber

Фото: РФМ

Можеби бев највозрасната жена - фан на фудбалот на стадионот „Тодор Проески“ вечерта кога Македонија изгуби од Украина, ама пред натпреварот ја чувствував истата возбуда како кога првпат со мојот татко дојдов на ова место. Имав шест години. Натпреварот помеѓу Вардар и Црвена Ѕвезда го проследив на нозе, за да гледам подобро. Сега имам девет пати повеќе години, седев на столче, ама не можев пак добро да гледам. Можеби видот, брчките на челото се одраз на моите години, но не се пречка и овој пат да почувствувам дека имам сила да истрчам на теренот, да ја „рогнам“ топката, исто како кога бев дете и играв секој ден фудбал со маалските другари. Да ја „зачукам“ во гол, исто како во средно, на часот по физичко. Во мислите ми е ликот на професорот Слободан, кој се воодушевуваше на моите финти со топката. Го слушам како ми довикува: „Алексоска, ќе те земам за ФК Гостивар.“ - каде што беше и тренер. А, потоа тивко дополнува: „Ту бре, зошто не беше машко?“ Да истрчам на теренот, исто како на времето, кога со братучедите игравме фудбал по ливадите околу Св. Јован Бигорски, каде традиционално се собиравме фамилијарно за 2 мај.

Еден ред пред мене седнаа татко и ќерка. Дошле од внатрешноста на земјава. Исто како јас и тато некогаш. Но, со две битни разлики. Тие навиваат за Македонија, а малата убавица веќе професионално тренира фудбал. Мене тој сон не ми се оствари во ниеден спорт со кој се занимавав до 18 години. Малограѓанштината, не во ментален, туку во географски склоп може да те изеде колку и да си голем и силен. Не можев да ги сопрам спомените. Беа побрзи и од капките дожд таа вечер. Се најдов на клупата за резервни играчи, од каде ги следев натпреварите на гостиварскиот фудбалски клуб, во кој татко ми остави трага, и како фудбалер, и како дел од управниот одбор. Одеднаш бев во Белград, Загреб, Софија... Тепачките помеѓу Делии и Гробари, бегањето од полиција која нѐ прскаше со црево, раскрвавената уста поради ненамерен бокс од Делијата пред мене. Слики, настани од стадиони, спортски сали....

Веднаш до мене седнаа две момчиња од осум години. Нивните татковци беа во истиот ред, но отспротива. Време беше за почеток на натпреварот. Ја ставија раката на срце и ја отпеаа химната.

Опкружена со тие прекрасни деца, за два часа доживеав најголема радост и најголема тага. Радост, поради спомените и водството од два гола на Македонија. Тага, поради поразот на крајот од натпреварот и жал за младоста. Цел живот одам на натпревари. Во земјава, во странство. Да се биде навивач е сериозна посветеност, страст, залуденост, некогаш на граница на идиотизам. Тоа го знам. Во времето кога бев дете, можеби многумина се прашуваа дали Јордан Алексоски е „идиот“, што ја влече малата ќерка по стадиони и по сали? Трите дечиња, но и останатите кои подоцна ги видов и беа во голем број, ми дадоа надеж дека многу нешта се сменија.

Сепак, многу родители сѐ уште не се подготвени своите деца да ги водат на спортски натпревари, поради примитивизмот со кој се среќаваат. И тоа е точно. Покрај пцовките и „песните“ кои дефинитивно ќе ги слушнат и запамтат, децата ќе научат и дека нашите спортски арени на крај од натпреварот ќе личат на депонија. А нема да ја заборават ниту миризбата на тоалетите. На стадионите ќе наидат на најпристојни, образовани и фини луѓе, но и на агресивни и невоспитани. Но, од друга страна, со таков спектар на луѓе, децата се постојано опкружени во маало, на улица, во школски двор. Пцовки слушаат и во продавница и во градски автобус. А што сѐ гледаат во видеоигрите и какви сѐ зборови слушаат во новите нарко фолк -хитови? Сигурно се случува соседот над вас да фрла ѓубре низ прозорец, па пред зградата да се шири мирис од мини депонија. И сега каде е разликата?

Можеби постои причина да се избегнат дерби натпреварите помеѓу македонските клубови во кој било спорт. Но, нема никакво оправдување за почеток да не ги однесете децата на стадиони и во спортски сали барем кога игра националната селекција. На тој начин од мали ќе создадат однос кон македонското знаме, ќе ја научат и ќе ја доживеат македонската химна на многу поинаков начин од оној кога им е зададена како домашна задача. Ќе стекнат идоли кои водат здрав живот. Ќе го засакаат спортот и можеби ќе решат да тренираат, сами без притисок. Ќе бидат воодушевени од звуците и црвено жолтата боја, дури и кога губиме и сме на дното. Вложете енергија пред и после натпреварот да им обрнете внимание на позитивните работи, на играчите, резултатот и добрата кореографија на навивачите. Учете ги да ја почитуваат туѓата химна и да аплаудираат на добрите потези на противниците. Зарем и тој сегмент не е дел од воспитанието?

Ќе навиваат, ќе скокаат и ќе тагуваат заедно со луѓето околу нив. Верувајте тоа е незаборавно искуство. За жал, немаме врвен спорт и немаме шанса да присуствуваме на многу значајни натпревари. Ама и во многу други сфери нашиот живот не е Швајцарија. Затоа, направете го првиот чекор уште кон крајот на август, кога во Скопје ќе се одржи Европското првенство во одбојка. Однесете ги вашите деца да навиваат за одбојкарите, да навиваат за Македонија! 


СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА