Со оваа книга се обидов да чепнам во најдлабокото и најгустото човечко: Ана Јовковска ја промовираше книгата „Емотивен талог“

„Емотивен талог“, е името на најновата книга на новинарката и научната истражувачка Ана Јовковска, која вечерва беше промовирана во МКЦ Клуб ресторанот.

Книгата ја промовираа Ана Мартиновска и Соња Стојменска-Елзесер, додека поговорот на книгата е напишан од Гоце Смилевски.

„Приказните од кујната на Јовковска се ’искрчкани натенане‘, сериозно промислени и продлабени низ слоевите на колективните матрици, но едновремено длабоко прочувствувани и процедени низ решетките на сопственото искуствено доживување. Во нив таа навидум се занимава со себе и женските револуции кои ги води, на свои 40 години, но нејзиното интимно соголување, всушност, крие гандиевска филозофија зад себе, длабоко верувајќи дека со личниот пример може да го трасира патот кон поправеден, послободен и попродуховен свет“, вели Мартиновска.


Во расказите и колумните застапени во „Емотивен талог“ Јовковска пишува за релациите на себството и Другиот, слободата и љубовта, диктатот на технологијата, моралот и ропството, болката и неправдата, родовите прашања, предизвиците на мајчинството, социо-емоционалниот развој на децата, консумеризмот наспроти грижата за природата, преобмислувањето на културата и уметноста.

„Можеби свртувајќи се кон себе си сакав да се свртам кон светот, затоа што изминиативе две години живеем во чудно време, пандемијата не’ затекна и животот радикално ни се промени. И во време на кризи: здравствена и хуманитарна, сите бевме затворени во домовите како блокови, всушност домот ни стана затвор, па имав можност да се свртам кон внатрешното, кон интроспекција, ама низ личните преиспитувања секогаш критички рефлектираме кон светот, заедницата кон другиот и мојата нова, пета книга е хибридна книга. Јас сум човек кој сака да ги крши формите и свесно и несвесно се обидував да ја скршам ригидната книжевна структура, па книгата е сублимат од раскази, емотивни заплети кои што раскажуваат човечки судбини, човечки приказни. Самиот поднаслов Приказни од женската кујна, само навидум се на женски теми, всушност тоа се приказни од и за животот. Ликови кои се вистински, но и фиктивни. Намерно „Емотивен талог“ се раскажува во прво лице, но не секогаш се доживеани лично сите ситуации, иако кога се читаат изгледа како да се лични приказни. Тука не станува збор за некаква книжевна манипулација на авторот, туку станува збор за потребата на читателите да им овозможам емоционална идентификација. Кога гледаме некои медиумски содржини имаме потреба да ги препознаеме сопствените болки, сопствените проблеми и затоа се обидов со оваа книга да чепнам во најдлабокото и најгустото човечко“, истакна Јовковска при обраќањето на промоцијата на нејзината петта книга.

Книгата „Емотивен талог“ е поддржана од Министерството за култура.