"Совршена си” со Ивана Кнез: Кога ќе ме прашаат која е цената, можам само да ви кажам дека чини еден живот
За дизајнерката Ивана Кнез не треба некоја посебна најава освен што докажа и покажа дека е жена лавица. Но не само тоа- инспиративна, креативна, сочуствителна, паметна и спремна секогаш да помогне (во секој поглед).
Започнуваме заеднички нов проект со Женски магазин и Кнез. Секој вторник нешто несекојдневно, нешто кое нема плиток и приучен „сенс“, туку издржани нешта кои се вредни и за внимание, за применување и за животот на жените воопшто.
А, еве што може да очекуваат читателите во серијалот "Совршена си”...
- Мене, со сите мои маани и недостатоци, со грешки и падови и издигнувања од пепел. Ќе ја искористам мојата професија, костимограф, за да им покажам на жените дека не е комфорот решение за животот, дека облеката е слика на она што ти се случува внатре, на твојата душа. Ќе се обидам да балансирам, заедно со сите жени кои ќе се одлучат да ме поддржат во овој проект и ќе им покажам повторно колку беше прекрасно чувството кога ќе се качиш на високи потпетици и ќе облечеш широко здолниште за да блеснеш во љубов- вели Ивана.
Дизајнерката неодамна по подолго време претстави нова колекција која е изблик на сето она што е таа. Колекција која има суштина и тежна, а дизајнот и дезенот нежно ве галат со приказната која ги обвиткува. Но, не зборуваме само за креативниот дел, туку и за животните предизвици- за болката, стравот, храброста, силата...ЖМ. Твојата нова колекција „Од А до Ш“ има длабока приказна и не е само туку
така создавањето на секое едно парче. Која е приказната и
зошто токму сега се одлучи по подолго време на модна ревија?
- Здраво Небојша како си, хахаха? Јас супер, еве пробувам да се составам две недели после чудово што ми се се случи. Ми недостасуваат емотикони во пишаниве интервјуа, да пробам повеќе да ја доловам емоцијата која ја имам.
Од А до Ш е колекција за мене, за моите спомени, за моето минато, сегашност и иднина. Ми требаше многу време да се составам, многу трпение и многу љубов од моите најблиски за да ги залепам сите парчиња и да ја добијам вистинската содржина. Пет години работам активно со психолог на себе, на подобрување на моите недостатоци и мани и на себе прифаќање. Знаеш, во сите оние грдни образовни установи никој не те учи како да се сочуваш, никој не те насочува тоа мора да го направиш сам. Во целиот вртлог на животни избори и сите последици од истите, заборавив дека сум таа која сум, Ивана Кнез, поборник за заштита на жените пред се од самите себе, поборник за нега и убавина на жените, и иницијатор за сочувување на личниот идентитет и подигнување на истиот на пиедестал. Се повеќе не голта прозападниот конзумеризам и се повеќе сме капиталистички нападнати од општествени и политички виши сили, кои не проголтуваат. Живееме во момент на двојни аршини каде дури и светите религиски места имаат цена, време каде локално политичарите ни се јавни личности и старлети за кои медиумите го одвојуваат цело време и внимание. И во таков даден момент тешко е да се живее, се повеќе се преживува. А уште потешко е да се биде уметник и да се создава. Мене ме учеа дека уметноста треба да поставува прашања, да вознемирува, да тригира. Ми се има и предходно случено да го доживеам тоа, публиката да ме проголта со реакции и позитивни и негативни, така и треба, за тоа и работам, за да ве вознемирам, да ве потргнам од мртва точка и да ве бутнам во вода која врие.
После оваа ревија, веќе ништо нема да е исто за мене, кога се симнав долу во публика, половина публика плачеше, другата половина ме гледаше со насмеани очи исполнети со љубов. Што е до мене јас и не морам да сум овде на светов веќе, буквално после ова може да заминам. Но не сакам, сакам да им ја давам таа емоција постојано на луѓето кои ме следат. Сега повеќе од било кога на луѓето овде им е потребна вредност. Се изгуби квалитетот на живеење од наметната немаштија, не распна политиката во последниве 20 години едни на една страна други на друга, раздели и владеј. И во ова ментално лудило потребна е светлина, убавина, свежина за да може луѓето да ја вратат својата надеж, да почнат повторно да веруваат во подобро утре и повторно искрено и вистински да љубат. Тоа и ми беше темата на мојата колекција, работев на изгубен идентитет, Вера, Надеж и Љубов. Инспирацијата ја најдов во старословеснко писание, во нашиот јазик, нашата култура и нашиот современ идентитет. Не прекрстен, не негиран, постоечки и вистиснки.
Денес кога и нејатешко да си од Македонија, кога сите кочници на светов се впрегнуваат за да можеш да пркнеш и функционираш локално, потребно е ние да се себе прифатиме и да го побараме тоа што ни следи. Модата е алатка, барем така ме учеа на факултет, алатка со која ќе го менуваш светот, а не некое хоби спонзорирано од богати родители или приватен инвеститор. Затоа сите мои пароли, затоа сите мои иницијации за позитивна мотивација и енергија, колку и да тоа звучи како клише, знам дека тоа му е потребно на светот во моментов повеќе од било кога.
ЖМ. Видно ослабе, изгледаш одлично. Што смени? Кога мозокот рече "не" или рече "поинаку" или ти рече "стоп"?
- Кога сфатив дека животот го посветив на решавање туѓи проблеми и туѓи животи. Последните десет години се потрошив во фамилијарни и пријателски проблеми, тргнав да го спасувам светот, а попатно се уништив сама себе здравствено. И нема назад кога ќе ставиш стоп на тоа, кога ќе сфатиш дека за да го спасуваш светот и сите околу тебе, мораш прво сам себе прво да се искршиш комплетно, а потоа да се составиш одново. Да се ставиш сам себе на прво место, да сфатиш дека за да им помогнеш на другите мора прво сам себе да си помогнеш. И да не даваш повеќе од сопствените можности, и ментално и емотивно и финансиски. Мора да постои граница и за земање и за давање, тоа е тој баланс кој не го познава западот, ние јадеме повеќе од послуженото, два пати, три пати повеќе и далеку повеќе од реалната потреба. Како беше муабетот, како ќе познаеш балканец во свет - по преполните чинии на шведска маса.
Сум била таму знам како е, како права бутикашица преполнував чинии во кинески хотел. Порцијата која му е доволна на организмот е колку величината на една шака, се повеќе од тоа е преждерување. Сите го знаеме тоа, сите читаме се, сите знаеме се и никој ништо не применува. Постојано добивам прашања од едни исти жени што јадеш, и ниту една не го применува одговорот. Е тоа, тоа е таа мртва точка од која се почесто се повеќе луѓе се повеќе и повеќе не се помрднуваат. И тука веќе ниту јас, ниту нутриционист не може да ви помогне, морате сами. Бидејќи на крајот на денот не станува збор за килажа, станува збор за ментално и физичко здравје, и старост на нозе без пелени. Се полошо и полошо старееме, опкружени со ботокси и филери, со лажни идентитети, лажни животи и живот само на реклама. И само заради тоа престанете да се идентификувате со социјалните медуми, пронајдете го личниот пат преку здравје, нега, соодветни информации кои не се препишани од таблоиди, и не се споредувајте со фотографии, се е тоа лага која продава.
ЖМ. И на сето ова горе наведено имаше и ситуација од здравствени причини, ни малку наивна. Што се случи?
- Не е прв пат да се доближам до смрт. Мислам дека е 4- ти или 5- ти пат, не сум сигурна престанав да бројам. Ми згрешија терапја во државна болница, ме протераа системски бидејќи одлучив да не бркам врски, туку да одам нормално како секој човек на кој му следат здравствени услуги. На карта на таа одлука завршив со 47 терапии погрешен антибиотик и за влакно спасив глава бидејќи ургентен не те прима ако се лекуваш во две болници. Вистината е дека не ме потресе ситуацијава, одамна знам дека системот ни трули одвнатре. Не сум ни лута, не им ни замерувам, толку се капацитетите, не можеш да му се лутиш на неспособен човек, нема потенцијал за повеќе.
Лута сум на сама себе што не си го сочував здравјето и имунитетот доволно за да не ми биде потребна ниту една болница. И си ветив сама на себе дека нема да дозволам повторно да ми се случи тоа, вистински живеам деветти живот. Додека траеше целата сага, работата беше таа што повторно ме спаси, јас немам партнер, сама сум, и тоа што создавав во целиот овој период ме одржа жива. Ѓерданот кој ја украде ревијата беше едно од тие парчиња што камче по камче го составував откако ќе се вратев од инфузија. Затоа кога ќе ме прашаат која е цената, можам само да ви кажам дека чини еден живот.
Небојша Толески