Стана најмладата арапска кралица, а хиџаб никогаш не носела: Нејзината љубовна приказна ја враќа вербата во вистинските чувства

Важи за една од најубавите жени на светот која има беспрекорен стил, но и огромно срце!

Јорданската кралица Ранија не е позната само по својата безвременска убавина! Имено, таа жена е огромен борец за подобрување на положбата на жената во арапскиот свет! Таа не е секојдневна дама со благородна титула, напротив. Оваа исклучително образована дама, храбро оди кон остварување на сите свои цели.

Родена е во Кувајт на 31 декември 1970 година во палестинско семејство. Татко ѝ Фајсал Седики Ал Јасин бил педијатар, а мајка ѝ Илхам Јасин била домаќинка. Од раното детство посетувала приватно училиште во Нова Англија, а во 1987 година го започнала своето образование на Американскиот факултет во Каиро, насока економија и компјутерски науки. Дипломирала во 1991 година и не престанала да се надоградува. Се запишала на магистерски студии на Факултетот за бизнис студии во Женева.

Меѓутоа, Заливската војна, која започнала во 1990 година целосно ѝ го променила животот. Претходно со семејството се преселила во Јордан, барајќи мир и засолниште. Таму, во 1993 година, го запознала тогашниот јордански принц Абдула, на вечера организирана од неговата сестра, принцезата Ајша.

Дефинитивно, тоа било љубов на прв поглед, а само два месеци по средбата оваа двојка решила да се вери. Во јуни, 1993 година, тие го кажале своето судбоносно „да“ на традиционална муслиманска церемонија.

Ранија најмногу била импресионирана од бабата на Абдула Втори, кралицата Зеин ал Шараф Талал, која на венчавката ѝ кажала: „Ти си дијамант кој ќе стане дел од семејството Хашемит“.

Во едно од многу ретките интервјуа што ги дала, кралицата Ранија откри како изгледала нејзината прва средба со сопругот.

„Имаше неодолива насмевка и енергија со која ме привлекуваше како магнет. Што да се каже, останатото е историја. Кога зборувам за нашата прва средба, приказната звучи како бајка, но реалноста е поинаква. Да се биде кралица е всушност работа како и било која друга“ - опиша Ранија.

Принцот Абдула не требало да стане крал, бидејќи тој е еден од двајцата помали браќа на покојниот крал Хусеин. Титулата требало да ја наследи неговиот постар брат, принцот Хасан, кој со години важел за јордански престолонаследник. Но, на смртната постела во 1999 година, кралот неочекувано донел одлука својот син да го прогласи за единствен вистински наследник на тронот.

View this post on Instagram

A post shared by Queen Rania Al Abdullah (@queenrania)

Така, со смртта на кралот Хусеин, на 7 февруари 1999 година, Абдула бил прогласен за нов крал на Јордан, а шест недели подоцна, неговата сопруга официјално ја добила титулата кралица. На 28 години, стана најмладата кралица на светот.

Таа на својот 50-ти роденден истакна дека работата на кралицата е нешто сосема друго, а не како што многумина мислат - дека е само носење на круната и појавување на важни настани.

„Да се биде кралица е работа која нема врска со круната, дворците и возењето во кочија. Се обврзав на јорданскиот народ дека ќе му служам најдобро што знам и секој ден го давам својот максимум“ - кажа Ранија.

Благодарение на својата младост, кралскиот статус, но и нереалната убавина, Ранија преку ноќ доби голема популарност како во земјата, така и во целиот свет. А, тоа влијание одлучи да го сврти во своја корист и да поработи на работите за кои до тогаш се молчело во арапските земји, па така и во Јордан. Отворила многу прашања, кои долго биле без одговор.

Основала советувалиште за злоставувани деца, а се борела и против контроверзните „убиства од чест“, кои во арапскиот свет ги почнуваат мажите за да ги казнат сестрите или ќерките кои наводно го засрамиле семејството. Исто така, започнала реформи во образованието, се бори против стереотипот за улогата на жената, а веќе 16 години е полковник на јорданските вооружени сили.

Титулата полковник ѝ ја доделил самиот сопруг за да ги сопре шпекулациите на конзервативните критичари и со тоа ѝ дал јавна поддршка во модернизацијата на земјата, а сѐ откако сакале да ѝ го наметнат носењето на хиџаб, кој никогаш не носела, ниту планирала некогаш да го носи.

Не само што нејзините потези го промениле животот во Јордан, туку сето тоа го одобрила и светската јавност, па така е прогласена за почесен член на иницијативата Обединети народи за образование, како и УНИЦЕФ, а ја напишала и најпродавата книга за деца, „The Sandwich Swap“, за која инспирација ѝ било сопственото детство.

За нејзиното влијание во светот говори и податокот дека Форбс во 2011 година ја стави на листата највлијателни жени. Иако има бројни помошници во својата канцеларија, своите профили на социјалните мрежи ги води сама.

Поради тоа, но и сите останати одлуки, многумина веруваат дека кралот Абдула ги слуша нејзините идеи и предлози, па затоа ги сметаат за совршена двојка - што е и тајната на нивниот брак.

Приземна е и скромна, што може да се види во ситуации како оние кога оди сама со автомобил на некои социјални настани, а имспресионира и со својата посветеност на семејството. И покрај големите обврски, таа секогаш наоѓа време да помине квалитетно време со своите четири деца - принцот Хусеин, принцезата Иман, принцезата Салма и најмладиот принц Хашем. Иако се веќе полнолетни, таа во секое време е информирана каде е секој од нив и што прави. А, нејзиниот најстар син Хусеин, кој го добил името по дедо му, од 2009 година се подготвува да го наследи својот татко, секако кога ќе дојде време за тоа.

Благодарение на својот изглед, како и префинетиот моден вкус, поради што редовно се наоѓа на листите на една од најдобро облечените жени во светот, Ранија е влијателна и во модниот свет. На своите службени патувања, често претпочита дизајнери со потекло од Блискиот Исток и на тој начин испраќа јасна порака. Така, на својот официјален портрет по повод 50-от роденден, поразираше во фустан од либанскиот дизајнер Дарин Хахем, покажувајќи солидарност со граѓаните на Бејрут по катастрофалната експлозија во пристаништето.

Кралицата Ранија истакна на своите социјални мрежи дека и по 26 години брак се чувствува како најсреќната жена на светот и дека го сака својот сопруг како првиот ден.

фото: Принтскрин / Инстаграм