Стрелите го повредуваат телото, а лошите зборови – душата

Добивај вести на Viber

 Уште при првото утринско отворање на очите, наместо здодевниот звук на алармот, замислете дека ја слушате песната на славејот. Потоа, во талогот на кафето, секоја фигура нека ви наликува на срце. По скалите, заменете го шаблонското соседско „добро утро“, со широка насмевка. Таа е секогаш пасворд за добрината. На работното место, почестете ги вработените со топло прашање за здравјето. И тие што се скалила над вас, но и тие што тукушто стапнале на првото скалило. Во кафеана, најдете разбирање за доцнењето на порачаната храна. Та и дома некогаш ви загорува јадењето... Најдете време за најблиските, прегрнете ги саканите, јавете се на родителите. Не заборавајте дека сите имаат право на миг од вашиот ден. Сигурно знаете дека стрелите го повредуваат телото, а лошите зборови – душата. Обидете се секоја лоша мисла да ја претворите во прекрасна пеперутка, која ќе полета кон вашиот соговорник, во форма на реченица. Прошката нека ви биде атомско оружје, со кое ќе го разоружате секој ваш непријател. И ќе го застанете во редот на вашите најблиски. Да чека и да го дочека вашиот миг.

А секој наш миг е капка љубов. Која чека да биде излеана и подарена. Зошто да ја криеме? Зошто да не ја пуштиме да го најде својот пат? До туѓото срце. И тоа е жедно за љубов. И тоа е кактус, во пустината наречена живот. Зошто да не му подариме свежина? А љубовта е повеќе од холивудски филм. Таа е сиже без кое не може да се замисли животот на оваа голема топка. Без љубовта нема живот. Нема ни песна, ни стих, ни калдрма. А љубовта е повеќе од бакнеж, од допир, од топол поглед. Таа е начин на живот. Таа е поглед на свет. Љубовта е молекул кој се крие во искривената веѓа на мајката, во силната прегратка на искараното дете, во невештото полноќно извинување на пијаниот сопруг, во еден цвет... И, најубаво е кога љубовта има 365 празници во текот на годината.

А најдобар другар на љубовта е виното. Тие се неразделни патници, од меана до меана, од улица до улица, од живот до живот. За инает на годините, на тагите, на смртноста. А за да го издржиш бремето на реалноста, треба постојано да се опиваш: од вино, од љубов и од добрина. Наизменично. Или како коктел. Во него е вистината, во него се чешлаат музите, се огледуваат поетите и се кажуваат молитвите. Во него е семето на песните, на тајните, на воздишките. Виното е нектар, син на Бахус, божја крв, споменик на страста. Во него го гледаме изразот на нашата душа, ја препознаваме радоста на живеењето, го откриваме мастилото со кое се напишани најубавите стихови.

Љуби, биди добар, пиј вино. Тоа е дефиниција за животот. Тоа е рецептот за вечноста.


Соња Алексоска Неделковска