Возењето со неа е вистинско доживување: Интервју со Сузана од Скопје - една од ретките жени таксисти
Разни патници, разни судбини и разговори слушнала и слуша со години, како таксистка во Скопје.
Сузана Арсовска е една од ретките жени таксисти, не само во Скопје, туку и пошироко низ земјава, а верувајте, храброст е да се биде таксистка во овој „машки свет“.
Таа е една од оние, знаете, светски жени - со неа разговорите можат да траат со часови и часови, и нема да почувствувате кога летнало времето.
Не залудно велат „што знае таксист/ка ни Google не го знае“, така и Сузана, за сите ове години го научила секое ќоше во градов, ги слушнала најубавите, но и најтажните животни приказни, била сведок на убави, но и немили настани, видела сè и сешто, но никогаш не се откажала од професијата.
За себе вели дека е исполнета и реализирана жена. Има две возрасни деца – ќерка и син, веќе фамилијарни и зрели луѓе, со свои професии. Баба е на три машки внучиња – Борислав, Христијан и Марин и тие се целиот нејзин свет.
„Кога ќе ме гушнат тие слатки рачиња заборавам на сите маки и борби во животот“ - вели таа.
Дружељубива, со многу искрени пријатели околу себе, Сузана обожава патувања и го користи секој слободен ден во истражување на оваа наша прекрасна земја. А за професијата, добива восхит и поддршка од секој што барем еднаш се возел со неа.
ПРВАТА РЕАКЦИЈА НА ПАТНИЦИТЕ КОГА ЌЕ ВИДАТ ДЕКА ПОЗАДИ ВОЛАНОТ СЕДИ ЖЕНА
- И ден денес знам сама да се насмеам во кола сеќавајќи се на мојата прва година
како такси шофер, кога младите излегувајќи од ноќен клуб во вечерните часови знаеле
да подвриснат кога ќе ме видат, за потоа така радосни и весели да прават слефи
со мене. Сум знаела и да подисплашам некои господа, не очекувајќи жена во тие
ноќни часови. Сè на сè многу одобрување, восхит и голема поддршка од сите за ова што го работам.
ЗОШТО ЖЕНИТЕ ИЗБЕГНУВААТ ДА ЈА ОДБЕРАТ ПРОФЕСИЈАТА ТАКСИСТКА
- Признавам дека
треба голема храброст – треба добро познавање на градот, сообраќајот. Последниве две три години е ужасно низ градов. Во истиот момент треба
психолошка проценка дали некој патник да го пуштиш во кола или не. По некогаш се
мрзне во автосервиси, по мајстори... Навистина треба силен карактер и цврст дух.
Секоја втора патничка што ќе влезе во кола ќе ми признае: „Ах госпоѓо, ова
никогаш не би можела да го работам“, оттука и малку жени во оваа професија.
РАЗНИ ПАТНИЦИ, РАЗНИ СУДБИНИ И РАЗГОВОРИ
- Одсекогаш ме
привлекувала слободата во работата. Голем воркохолик сум. 90-те години прва ги
внесов хулахопките „Пенти“ во Македонија. Бев меѓу ретките жени одгледувајќи
печурка буковка во нашата земја. Не можам да се пронајдам во еднолична работа
од 07 до 15 часот. Поради здравствени причини морав да ги напуштам овие
професии и да одам во помирни води. Се пронајдов во оваа работа. Разни патници,
разни судбини и разговори. Запознав такви персони и господа, од целиот регион, имам визит картици од цела Европа:
„Госпоѓо ако патот ве донесе во нашиот град, јавете се барем едно кафе да се напиеме“ - светски патници. Имате што да слушнете од луѓе прошетани од Холивуд до Камбоџа и Витнам, Аљаска и Сибир. Ме наполниле со убава енергија.
ЗАРАБОТУВААТ ЛИ ТАКСИСТИТЕ ЗА ПРИСТОЕН ЖИВОТ?!
- До пред две,
три години да. Короната си го направи своето. Сега веќе имаме голема нелогичност
во нашата работа. Веќе десет години стартот е 40 денари, а километарот е 25
денари. А гледаме дека горивото отиде во небесата, а километарот е ист. Сè се
покачи само такси услугата е иста. За амортизација на возилото не останува ништо.
Тешко веќе многу, затоа и се намалуваат такси шоферите во градот. За две три
години осетно ќе фали такси услуга.
„СТАНАВ ДОБАР ПСИХОЛОГ ПРОЦЕНУВАЈЌИ ГИ ЛУЃЕТО“
- Вешто ги
избегнувам непријатните ситуации. Алкохолизирани лица ни под разно не примам во
кола, по три, четири машки лица никако. Ако е едно машко лице во прашање, тогаш
дестинацијата игра улога. Ако оди до Центар може да го примам. Во истиот момент
се снаоѓам и кажувам дека сум на повик, дека сум зафатена. Станав добар
психолог проценувајќи ги луѓето. Барем засега.
НЕПРИЈАТНИТЕ СИТУАЦИИ НИКОГАШ НЕ БИЛЕ ПРИЧИНА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ПРОФЕСИЈАТА
- Сум се
исплашила и тоа како. Како човек да не се исплаши кога ќе биде очевидец на
страшни сообраќајни несреќи, кога две коли ме ставиле во клинч, па почнува крвава
тепачка, не можам со колата да избегам, треба целата тепачка да ја одгледам,
такви мачнини, врисоци, не можам да излезам од лавиринтот...
За неколку минути разлика ќе ја доживеав и престрелката на Рузвелтова. Како да не се исплашам кога ќе налетам на луѓе како од бордел излезени во ноќните часови или млад тинејџер кога ми нуди сексуални услуги. Сето тоа ќе ме вознемири и потресе со денови, но никогаш не сум помислила да ја напуштам оваа професија.
БРКОТНИЦИ СО ИЗНЕВЕРЕНИ МОМЧИЊА, ПЕСНИ И ОРА, НЕЗАБОРАВНИ ВОЖЊИ
- Има многу, и
весели и комични моменти. Знаат во кола да влезат такви хумористични патници,
да пукнеме од смеење, раскажувајќи за нивните догодовштини по светот. Се
сеќавам на два пара од Врање, бараа македонски песни да им пуштам. Кога се
распеаја, и јас со нив заедно, како патувачка група, јас низ цело Скопје возам,
тие пеат, на раскрсници излегуваат од кола, вртат ора околу кола. Едвај ги
убедив да ги носам во една дискотека, па таму да продолжат со веселењето.
Се случувало и бркотници со изневерени дечковци, со патнички да ги бараме дечковците од кафана, до кафана цела ноќ, па со изневерена сопруга го пратевме сопругот и го фаќаме на дело со љубовницата. Секакви лудории. Се познавам и со многу личности од музичкиот свет, Вики Среброва, Атина Апостолова...
Една вожња пак со доктор Јовица Угриновски никогаш нема да ја заборавам. Ме застана на стоп и ме прашува: Дали сте слободни госпоѓо?
Му велам: За вас докторе го имам целото слободно време на овој свет. Чест ми е што ќе ве возам. Вожњата заврши пред „Систина“, но уште 10 минути останавме во толку опуштен, искрен и едукативен разговор. Ми дава бакшиш и ми вели: За сите храбри жени како тебе.
САМО ХРАБРО ЖЕНИ, НЕМА МАШКИ / ЖЕНСКИ ПРОФЕСИИ!
- Стереотипите се рушат и во нашата земја, одамна веќе нема машки и женски професии.
Жени на запад возат тешки хладњаци и камиони, метроа и трамваи. Само храбро жени!
Ако ви е предизвик слободно обидете се - порачува за крај Сузана.
*Љ.Иванова