Тамара Волческа на два фронта гради кариера: Да си жена војник во униформа е благослов и моќ, а пеењето љубов
На македонската музичка сцена се појави ново име - Тамара Волческа. Девојка полна со ентузијазам и девојка која на свој начин се обидува да се вивне помеѓу ѕвездите. Многумина ја споредуваат со светски познатата Били Ајлиш, но тоа воопшто не ѝ пречи, туку ѝ претставува задоволство.
Првата песна „Do You Remember“ ја објави пред неколку месеци, а реакциите за истата беа навистина позитивна. Сега, Тамара повторно на публиката ѝ подари нова песна, а за инспирацијата и сè што е поврзано со истата зборуваше за Женски магазин. Исто така, не смееме да заборавиме да напоменеме дека Тамара е вработена во АРМ, па така откри и како да е да жена помеѓу толку мажи.
* По скоро 5 месеци од објавувањето на твоето првенче ја објави втората песна „Choosing you“. Исто како и за првата, така и за оваа го имаш напишано текстот ти. Од каде црпиш инспирација?
- Овој текст е баш од поново време. Целта ми беше да направам споредба на моето тогашно сфаќање на љубовта и ова денес. Токму затоа „Choosing you“ беше мојот избор за втора песна. Покрај сите текстови што ги имам, ова ме пронајде само од себе. Новата јас, луѓето, искуствата мои и туѓи, слободната љубов и изборот што го правиме секојдневно - се моите инспирации. Токму затоа споделив нова енергија и нова слобода.
* За првенчето откри дека е посветено на сите љубови кои згаснале, сите солзи што капнале, сите разочарувања што поминале и најважното за сите насмевки кои светат најсилно после согорување на лошите чувства. За кого е напишана оваа песна и секако, кого „избираш“?
- Го одбрав безусловното. Го одбрав она што е во мене, она жарче кое засекогаш ќе гори во мене за луѓето од мојот живот. Песната е со посвета, и веднаш потоа е подарена на сите кои ја почувствуваа и оние кои не ја освестиле. За моите луѓе, каде и да сум, каде и да ме носи животот и неговите патеки, ќе сум безусловно тука, со целото Битие. Го направив својот избор. Моите.
* Видеото не е класично и е снимено со камера од телефон. Можеме да видиме многу непознати лица кои се вклучени во него, за кои претпоставуваме дека ти се драги. Чија беше идејата за ваков спот и која е пораката која сакаш да ја пренесеш?
- Долго размислував што сакам да покажам и на каков начин да ја доловам пораката. Може да се забележи дека пораката е пренесена на сличен начин како пораката од првата песна. Мојот поглед во огледало, сеќавања на прекрасни моменти и луѓе од мојот живот, преживеани, доживеани, почувствувани. Гласно им кажав и им соопштив - Ви благодарам, тука сум, без разлика кој град, место, држава, планета. Засекогаш. Идејата беше моја и сум пресреќна што се слушнав сама себе и го одбрав наједноставниот начин полн со љубов, сплет на видеа и моменти, да го доловам замисленото. Во тоа лежат емоциите на Тамара.
* Исто така, интересен момент е тоа што песната ја објави на твојот роденден и роденденот на твојата 4 години помала сестра. Дали овој датум е накако поврзан со целата приказна?
- Датумот е мој датум и датум на мојата сестра која по не знам кој пат ќе кажам дека е најважниот човек во мојот живот. Сѐ ми се поклопи, сакав да избрзам и едноставно осетив дека „Choosing you“ треба да се подари токму тогаш. Самото тоа што сме родени на ист ден, 4 години разлика, ми се појави потреба за крунисување со трето случување. Сѐ во животот е поврзано, па така и ова требало да биде.
* И првата и втората песна ти се на англиски јазик. Дали планираш да создаваш музика на македонски и зошто баш се одлучи првите песни да ги отпееш на странски јазик?
- Интуитивно. Често налетувам на тоа прашање и сега можам да кажам дека штом го почувствувам вистинскиот избор на песна за мене, на македонски јазик, истото ќе биде снимено и презентирано. Му давам време да си го земе своето време - тој текст и таа песна.
* Освен музиката, исто така си вработена и во АРМ. Која функција ја имаш таму и како ги балансираш обврските, со оглед на тоа што често имаш настапи?
- Ух, тешка воздишка е оваа, хаха. Голема одговорност е, непредвидливи обврски, но се заблагодарувам од срце што имам луѓе околу себе кои покажаа големо разбирање и уште поголема поддршка за сѐ што правам периодов. Балансот така си го постигна своето.
* Како е да си жена на таа работна позиција? Дали некогаш си почувствувала некоја нерамноправност?
- Од мое искуство никогаш ја немам почувствувано нерамноправноста, но имам почувствувано привилегија. Да си жена војник е огромна чест и задоволство, униформата - благослов и моќ, што верувам дека секоја жена би сакала да го почувствува.
* За крај која е твојата порака до сите жени кои се плашат да запловат во тие води и да станат дел од Армијата?
- Ништо не е тешко ако го почувствуваш дека токму тоа е она што ти треба. Тежок пат, начин на живот, многу жртвување, но секогаш со цел. Огромна цел, за луѓето таму со коишто ја делиш потта, тежината, задоволството, за луѓето таму со иста цел - за својот народ.
И. Мисајловска