Тажна сум што сите не се радуваме за „Медена земја“: Интервју со Миланка Рашиќ
Миланка Рашиќ, ТВ-автор и продуцент, и оваа година ќе биде коментатор на
доделувањето на филмските награди „Оскар“, во ексклузивниот директен пренос на
ТВ „Телма“, в недела, 9 февруари. Телевизиските права за емитување на преносот
во Македонија и оваа година ги откупи агенцијата на Миланка Рашиќ, „Миракс“.
Церемонијата на доделување на најпрестижните филмски награди во светот ќе се одржи во театарот „Долби“ во Центарот „Холивуд и Хајланд“ во Лос Анџелес. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител. Настанот ќе го пренесуваат преку 225 држави во светот.
Што се очекува од годинешното издание, за шансите на „Медена земја“ , како се откупуваат ТВ правата за емитување на Оскарите и зошто ќе ја нема директно од црвениот килим во Холивуд, Рашиќ открива во интервјуто за „Женски магазин“.
*Кога се емитуваат циклус емисиите „Патот на Оскарите“ на ТВ Телма?
- Емисиите „Патот на Оскарите“ се емитуваат премиерно секој четврток, од 22:15, а репризно во сабота, во 14:30. По емисијата, секој четврток одат филмови Оскаровци. Овој концепт го задржавме од минатата година и навистина ми е драго што повторно соработуваме со Телма, телевизија со богата и одбрана филмска програма, која целосно го поддржува проектот Оскари. Дури првпат го емитувавме и соопштувањето на номинациите за Оскар на 13-ти јануари и и` овозможивме на македонската публика во живо да го проследи тој незаборавен момент кога „Медена земја“ освои 2 номинации.
*Какво е искуството со откупување на ТВ-правата за „Оскарите“ во однос на минатите години?
- Мојата агенција „Миракс“ ги откупува ТВ правата за емитување на Оскарите долго време. Дури и идејата да отворам фирма дојде од дистрибутерите на Оскарите, кои сакаа да продолжат да соработуваат со мене откако си заминав од Македонската Телевизија. Така се решив да ја отворам „Миракс“ и првиот договор ми беше за правата за Оскар. Откупував права и за многу други настани како доделувањето на наградите Греми и фестивалот Санремо. Но, Оскарите се најпрестижниот ТВ настан и среќна сум што бев упорна и не се откажав во годините кога беше многу тешко да се најдат спонзори и да се покријат трошоците. Преносот оди во континуитет во Македонија и секогаш велам дека сум горда што придонесов Оскарите да станат ТВ традиција кај нас. Што се однесува конкретно на ТВ правата за годинава, тие се дел од договор кој го имаме потпишано на повеќе години.
*Што се очекува од 92. доделување на филмските награди кои и годинава ќе бидат без водител?
- Очекувам уште на црвената патека, едни од најзабележаните да бидат членовите на екипата на „Медена земја“! 92-те Оскари ќе бидат врвно шоу како и секогаш, со многу ѕвезди како презентери, а без водител. Мислам дека посебен шарм му дава водителот на шоуто, публиката многу ги сакаше Елен де Џенерис и Били Кристал во оваа улога. Најавени се како презентери минатогодишните победници во актерските категории, Рами Малек, Оливија Колман, Махершала Али и Реџина Кинг. Ќе бидат изведени во живо и песните номинирани за Оскар, што значи дека и Елтон Џон ќе настапи. Погледнете го само списокот на номинирани, има толку многу импозантни имиња во иста година! И сите ќе бидат на Оскаровската церемонија, која го слави најдоброто во седмата уметност.
*Кои филмови, режисери и актери годинава се ваши фаворити?
- Се разбира дека ми е најважен документарецот „Медена земја“ и двете номинации кои се самите по себе невиден успех за еден филм.
Од актерите, Хоакин Феникс е неповторлив во „Џокер“, сосема нова димензија му дава на ликот со својата глума, а Рене Зелвегер се претопува во Џуди Гарланд во биографскиот филм за оваа голема ѕвезда. „Џокер“ е остварување достојно за почит, но ако бирам еден филм, тогаш „1917“ на Сем Мендез е по мој вкус, прав победник во главната категорија, филм на годината, а режисерот сосема заслужено би можел да го освои својот втор Оскар.
*„Медена земја“ е номиниран во две категории. Како го доживеавтефилмот и како гледате на јавната хајка што му се случува на филмот ?
- „Медена земја“ е вистинска инспирација. Немаше човек што излезе од кино салата, што не си постави многу прашања на себеси. Прашања кои се суштински важни. Мислам дека животната приказна на Атиџе не` инспирира сите нас да позастанеме во ова наше брзо живеење, да размислиме за светот, природата и нашиот начин на живот. Не` поттикна да почнеме да се менуваме прво самите ние.
Што се однесува до негативните коментари, кога се работи за издржана и конструктивна критика, тоа е во ред. Не мора едно уметничко дело секому да му се допадне.
Но, кога се во прашање само навредливи зборови за еден филм, за мене се тоа само изјави на луѓе кои изгледа не разликуваат документарен филм од игран. Не препознаваат вистински филмски бисер. И најмногу ме растажува што не се радуваат сите заедно за овој историски момент за македонскиот филм. Ама ако освои Оскар „Медена земја“, сите ќе честитаат. Самите две номинации испишуваат нова страница и во историјата на Оскарите.
*Своевиден експерт сте за Оскарите, а и убаво изгледате. Зоштове нема директно од црвениот килим во Холивуд? Скапо е, околности или...?
- Годинава имав можност да одам во Лос Анџелес, но и покрај тоа што ми беше голема желба, кога ги извагав сите „за“ и „против“ решив да не одам. Ова ќе биде најзначајниот пренос од Оскар во Македонија во последниве 25 години и ќе има огромна гледаност. Секако мора да протече без никаков проблем, а одговорноста е моја. Имав опција за коментаторско место во Лос Анџелес, кое е прескапо. Исто така, јас не сум само коментатор, туку заедно со екипата во Телма го реализираме преносот. Се договараме за се` во текот на преносот, од прилозите кои се емитуваат во паузите до рекламите. Претходно се проверуваат трасите, го промовираме настанот на Телма итн. Значи најдобро е да сум тука. Ајде можеби следната година ќе одам на Оскарите и во живо ќе ве поздравам од Холивуд.
*Кои оскаровски моменти ги паметите како посебни?
- Прво, номинацијата на „Пред дождот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Потоа моментот кога „Медена земја“ ги доби двете номинации. Не се забораваат моментите кога освоија Оскар Хали Бери, Том Хенкс, Роберто Бенињи, Леонардо ди Каприо. Од музичките настапи ќе ги издвојам Селин Дион, Бијонсе, Лејди Гага и Бредли Купер лани, како и Квин и Адам Ламберт. Забавно беше кога Елен правеше селфи со холивудските ѕвезди... Од она што сум го гледала од архивата на Оскарите, посебно емотивно било кога Чарли Чаплин добил почесен Оскар со неколкуминутни овации.
*„Оскарите“ важат за најзначајна филмска награда во светски рамки, но посебно атрактивен момент е и модата на црвената патека. Колку е навистина е важно која ѕвезда чија креација ќе носи?
- Исклучително е важно за дизајнерите и модните куќи да имаат што повеќе ѕвезди во нивни креации на црвената патека. За Ели Сааб цела планета дозна откако Хали Бери носеше негов фустан во ноќта кога освои Оскар. Овој настан има многу големо влијание врз модната индустрија. Оскаровската мода ги диктира новите трендови.
*Имате огромно искуство како коментатор на многубројни фестивали и настани. Кој ТВ-настан би го издвоиле како најзначаен?
- Оскарите се на прво место. Потоа Греми, Евровизија, Европски Филмски Награди, Санремо, Американски филмски награди, МТВ музичките награди, Мис на светот и многу европски и светски танц првенства.
*За нашата ТВ-публика вашето име е долго време асоцијација за коментатор не само за „Оскарите“, туку и за „Евровизија“, како и за сите фестивали и манифестации што ги спомнавте. Во што се разликуваат сите овие настани?
- Сите имаат различен концепт, динамика и правила. Санремо трае 5 вечери, секое шоу е по 4 часа. Телевизиски гледано, Евровизија е поконцизен фестивал, со половина минута меѓу песни за коментаторот да ја најави следната песна, но и за да споделиш ексклузивни информации ако си во салата кадешто се одржува настанот. Доделувањето на Оскарите ми е најобемна задача и бара многу концентрација и знаење. Целата програма „Ноќ на Оскарите“ со Црвената патека, „Одбројување до Оскарите“ и самата церемонија трае најмалку 6 часа. До минута пред преносот, има измени, го менуваат редоследот на категориите или презентерите. Но, искрено уживам во овој најголем телевизиски спектакл, кој ја слави седмата уметност и е преполн со емоции и гламур. Се надевам дека заедно ќе го следиме Оскаровското шоу на 9-ти февруари, недела и ќе се радуваме на успехот на „Медена земја“.
Л.Сабит