Театарот како часовник - дигиталниот ја потенцира вредноста на аналогниот: Иванка Апостоловска Баскар

Добивај вести на Viber

Како антрополог, историчар на уметноста, едукатор и актуелен координатор на активностите на Македонскиот центар на Меѓународниот театарски институт, д-р Иванка Апостолова Баскар е совршен соговорник за иднината на живите уметности, чие привремено запирање и преселба во дигиталната зона, моментно загрижува многумина.

*Од почетокот на март, театарските сцени, не само кај нас, се затворени. Логично е дека пандемијата и генералната пауза, воведена поради неа, се одразуваат врз живите уметности, меѓу нив и на театарот. Како?

-Со дигиталните премиери (нови и стари театарски продукции) се направи тест - проба за да се увиди дали театарот може да функционира „само“ дигитално без реална - аналогна публика. Да, тој функционира и дигитално но пред сè како архивски видео-документ. Побогатите театарски куќи низ светот, поради буџетот кој тоа им го дозволува а независно од појавата на ковид 19, како редовна практика -  си ангажираат сериозни телевизиски куќи кои наменски изработуваат своевидна филмски снимена изведба на театарската претстава за натамошното ТВ прикажување на претставите, откако ќе стивне нивната актуелност на сценскиот репертоар.

Другите театри прават обична видео-архивска снимка на претстава која, освен за документација, служи и за фестивалските апликации - овие снимки признавам потешко се следат.

Но, битно е што сите согледавме дека ние, генерациите кои сè уште комуницираме со сопствените сетила, кои сме научени на аналоген, жив и директен контакт со екипата на сцена и уживаме во виталноста, енергијата и уметноста на директна размена на емоции и инсценации - не сме мртви – сè уште сме живи и креативни, активни и продуктивни и ни треба театарот во сите негови форми на перформативност. Зошто едното да го исклучува другото?

*Мислите дека онлајн претставите нема да го исклучат живиот театар?

-Тоа се заблуди  на некои од културните политичари и футуристи кои предвидуваат блиски иднини со нагли и радикални резови и исклучувања и изумирања на медиуми кои сè уште се далеку од тоа да станат археолошки материјал и археолошки артефакти, бидејќи сè уште постојат надарени луѓе кои имаат што да кажат, и тоа на свеж и оригинален жив и сценски начин и во континуитет на реакција и акција со историјата на театарот и уметноста, воопшто.

*Има ли модерната театарска теорија некаква идеја каков ќе биде постпандемискиот театар?

-Пред да се случи сценариото на изолација, карантин, превентива од ковид 19, во Европа а посебно во германскиот театар и во културната политика се  развиваа програми и политики за интернационализација на театарот и културата. Дигиталното е една од опциите за опипување на потенцијалите за успех на овие про интернационализирани сценарија. Се зборува дека идната авангарда во театарот е детскиот и младински театар, но создаван од деца и младинци, не од возрасните. Децата, младите со талент за уметност,  се растоварени од проблемите и самоцензурата на возрасните и слободно оперираат со своите креативни капацитети. При тоа се смета и нивниот однос кон дигиталните алатки кои одлично ги владеат и совладуваат. Оттука и перспективите за иднината на театарот и другите изведувачки уметности во дигитална насока. 

*Генерално, има ли размислувања и за иднината на другите живи уметности? На пример, балетот е физичка уметност, многу интимна, која не трпи маски и дистанца? Ќе треба ли танцот да биде реизмислен?

-Зошто да се реизмисли - тоа не е една и единствена формула, копче, апче за измислување, кое ќе предизвика целосен пресврт преку ноќ. Сите промени во уметноста секогаш биле надоврзување и реакција на нешто претходно од вчера или блиското и далечното минато, но со различна динамика и затишје – сите разлики во содржината, формите и облиците го градат холизмот на културата колку и да се контрасни според структура, доживување, порака и естетика, едни од други. А танцот како и театарот – ќе продолжи да се развива и трансформира според своите природни капацитети. 

*Кое е најдоброто постпандемиско сценарио во однос на живите уметности?

-Најдоброто сценарио е да не се кратат одобрените пари за култура (бидејќи тие и бездруго се многу скромни) и да си ја реализираме културната програма одложена, но планирана и поместена за втората половина на оваа 2020 година. Оние активности кои можеа да се трансформираат во дигитални и да се одржат во време на изолација ние всушност и ги реализиравме и сеуште ги реализираме. Иднината е во креативно осмислениот баланс помеѓу аналогните и дигиталните формати и содржини во културата, нема потреба од истребување на аналогните практики во театарот, танцот и операта. 

До иновации и инвенции во театар како и општо во културата се стигнува само со континуирана работа, создавање, развој, согледување, освестување; секоја културна политика која радикално крати од буџетот за култура и културен развој е губитничка. 

Јасна Франговска

Фото: Еми Норис