ТЕЛЕВИЗИЈАТА МИ ГО НАРУШИ ЗДРАВЈЕТО: Интервју со Јелена Бачиќ-Алимпиќ
До пред пет години, ја знаевме како водителка на популарните „Браво-шоу“ и „Убавина, здравје и уште понешто“, но и како новинарка и уредник во повеќе печатени медиуми. Телевизиската работа и донесе голема популарност и награди, Оскар на популарноста и награда за најсупешен Тв новинар во Србија. Денес, нејзино обележје се романите. Сите книги кои ги напиша Јелена Бачиќ-Алимпиќ станаа бестеселери. Лирскиот стил, жената како главна хероина, историската нишка и љубовната драма се она поради кое што за читателките во Србија, во регионот и во делови на Европа Јелена е омилен автор. За „Женски магазин“, меѓу другото зборува и за својата најголема гордост, сопругот и децата- Дуња и Марко.
Женски магазин- Како вие интимно ја доживувате новата книга, „Куферот од Берлин“?
Јелена- Уф, ова е најтешко прашање. Како вие би го опишале своето дете или деца? Како би ги „прераскажале“? Можеби некои писатели можат да ги раскажат своите дела, но јас тоа просто не го умеам. Зошто? Затоа што ги живеам ! Затоа што, додека ја создавам приказната, ликовите, ги „сошивам“ во вистински историски околности и настани, јас живеам со нив, патам со нив, плачам, се смеам, не јадам, не спијам, горам... Секој мој роман е длабоко лично доживување, и во секој од моите јунаци има многу од мене. „Куферот од Берлин“ е со сигурност најтешката книга која до сега сум ја напишала, затоа што освен што за градивото на романот посветив повеќе од една година, турболентно, емотивно и над се- тешко беше ова мое книжевно патување. Она што можам да го кажам е дека овој роман не е можно жанровски да се одреди. Во него има многу историја, драма, љубов, трилер и по малку детективски жанр. Тоа е приказна за судбината на две жени, два града и едно злосторство- во различни временски периоди, на различни меридијани.
Женски магазин- Не помина ни една година од промоцијата на вашата претходна книга „Никаде те нема“, веќе најавивте нова. Од каде инспирација за тие приказни кои секогаш стануваат бестселери ?
Јелена- Оној момент кога ќе ја завршам книгата, па неретко и пред тоа, во мојата глава веќе се раѓа идеа за нова. Не знам од каде ми е инспирацијата. Инспирација е самиот живот. Понекогаш, кога ќе ги прочитам речениците кои сум ги напишала, се прашувам: кој тоа од мене зборува? Просто, кога е книжевноста во прашање од мене извира страст, незамислива потреба по нови сознанија, нова приказна, нова авантура.
Женски магазин-Дали некоја ваша лична приказна, тажна случка или лошо искуство ви послужи како инспирација за пишување?
Јелена- Секоја моја лична приказна, тажна случка, добро или лошо животно искуство, секако е инспирација за приказна. „Рингишпил“, моето првенче е книга која ја напишав по смртта на мојот татко, затоа што тој сакаше. А потоа продолжија да се нижат книги од моето срце, од мојот стомак, сите изречени и неизречени желби, надевања, радости, тага и соништа. Сите тие се напишани со вистинска, соголена емоција, без задршки, и веројатно поради тоа сите станаа бестселери, затоа што длабоко верувам и го живеам секој збор што ќе го напишам.
Женски магазин- Европската-светска историја е често во разни форми дел од вашите книги. Дали сакате да читате приказни од историјата на народите, или можеби честите патувања и запознавањето на нови култури ве инспирира?
Јелена- Сакам, се разбира. Знаете, јас сум дете на СФРЈ, завршив југословенска книжевност и српско-хрватски јазик. Ги живеев своето детство и својата младост во времето на Тито, и просто имам поинакви погледи на светот. Се разбира дека патувањата и запознавањето на луѓе од различни континенти, нивните знаења и сето она што го гледам, го слушам и го забележувам е од непроценливо значење и дека во голема мера ме инспирираат.
Женски магазин- Денешното време е ера на социјални мрежи, интернет медиуми и читање на е-книги. Што од ова ви пречи, а што е предност за вас, и дали вашето творештво е можеби некоја борба, книгите и мирисот на хартијата да се издигнат над овие трендови?
Јелена- Ми пречат е-книгите, и се надевам дека додека сум жива ќе се печатат книги, затоа што никаков компјутер не може да го замени мирисот на олово кога книгата ќе излезе од печат, и она непроценливо чукање на срцето кога книгата ќе ја земете во раце и ќе започнете возбудливото патување. Од друга страна, современата технологија денес ни овозможи контакт со луѓе со кои инаку не би се сретнале. Маркетингот е се посилен и се поприсутен на социјалните мрежи, но луѓето се отуѓија, што најмногу ми пречи.
Женски магазин- Дали во недостасува работата на телевизија и дали некогаш би се вратиле во таој вид на шоу-бизнис?
Јелена- Не. Во оној момент, кога на почетокот од декември во 2013 година и кажав збогум на телевизијата, по повеќе од две децении макотрпна работа, ниту во еден момент не посакав да се вратам. И ако даде Господ, нема.
Женски магазин- Зошто всушност престанавте со новинарската работа и као гледате на денешните Тв шоуа и многуте таблоидни портали?
Јелена- Престанав затоа што телевизиската работа во својата програмска шема почна да воведува бесмислени, понижувачки, а денес толку популарни реални шоуа, и затоа што навистина се изморив. Со години, повеќе од две децении, моите емисии беа во врвот на гледаноста. Но јас, работејќи ја таа работа станував се понесреќна и понезадоволна. На крајот, тоа се одрази и на моето здравје и тогаш реков: Стоп ! Последната година речиси и воопшто не гледам телевизија, освен некои документарни програми, добри филмови и интересни фудбалски и кошаркарски натпревари, затоа што тоа ме интересира. Претпоставувам дека и денес, во морето на каколот, ќе израсне и понекој клас, во смисол на пристојна ток-шоу програма, но за таква не сум слушнала, ниту сум гледала, па не можам да судам. Мислам дека гледачите во Македонија имаа можност да изгледаат квалитетна ток-шоу емисија.
Женски магазин- Мајка сте на две деца и сопруга. Дали и колку успеавте вашето семејство да го сочувате од очите на јавноста, наспроти тоа дека и вие пишувавте и разговаравте за приватните животи на други јавни личности?
Јелена-Тоа всушност е мојот најголем успех. Зад мене се полни 24 години брак, четвртина век заеднички живот со мојот сопруг, две прекрасни, сега веќе пораснати деца. Моите одрекувања, за да ги сочувам бракот и децата од „етикетирања“ беа огромни. Никогаш не сум пишувала негативно или злонамерно за јавните личности, ниту сум измислулала, лажела, објавувала невистини, што денес е многу често, речиси секојдневно. И кога работев ТВ интервуа и кога поставував „провокативни“ прашања, секогаш се трудев тоа да не ја премине границата на добриот вкус и пристојност. Исто така, никогаш не злоупотребував ничии деца за да дојдам до не знам каква екслузива, која како таква, со ништо не може да се оправда, затоа што сум пред се и над се-мајка.
Женски магазин- Како вие како жена се негувате, и внатре и однадвор, и што друго, освен работата ве прави среќна?
Јелена- Не сум пример за жена која се „негува“ од внатре, ако тоа подразбира правилна исхрана, за жал. Нередовно се хранам, малку спијам, но затоа ударно вежбам откако знам за себе си. Тоа најмногу поради тоа што имам проблеми со р'бетот и со колената, па се трудам со вежбите да ги избегнам хируршките зафати. Што се однесува до надворешниот изглед, два пати во годината одам на мезотерапија, го хранам своето изморено лице со хијалурон и со колаген кој одамна почна да ме напушта, и еднаш во годината, задолжително правам систематски преглед. Тоа го сметам за своја обврска, како и спрема себе си, така и спрема моето семејство на кое сум му потребна. Среќна ме прави среќата на моите деца и на мојот сопруг, среќата на моите пријатели и му заблагодарувам на Господ што мојата мајка е уште со мене. Му се радувам на растењето на децата на мојто брат и над се, на нашата мала куќа на падините на Фрушка Гора, каде што во друштво на мојот пес, го пронаоѓам мирот.
Милица Џаровска