Треба да научиме дека животот е драгоцен и краток и да се насочиме кон вредностите на истиот: Васил Хаџиманов за Женски магазин

Добивај вести на Viber

„Ми недостигаше сцената, публиката, енергијата од настапите“-вака Васил Хаџиманов го започна интервјуто со нас во кое за нашите читатели поразговаравме за мини турнејата во Македонија, новиот албум, периодот на lock down и многу повеќе.

Хаџиманов е пијанист, композитор, едукатор – истакнат музичар на џезот на овие простори, кој со својата музика создава еден свет на приказни со многубројни ликови, улоги и жанрови, кои вешто се испреплетуваат меѓу себе, а во исто време носат една нова свежина и енергија на музичката сцена.

Автор и на бројни композиции, неговата долгогодишна работа е насочена кон спојување на музичката култура на Балканот и џезот, world music, и сл. Покрај бројните соработки со истакнати реномирани имиња од светот на музичката сцена, се истакнуваат и оние со македонските џез музичари, Тони Китановски, Мартин Ѓаконовски, Сашо Поповски, Оливер Јосифовски и многу други. Од тука произлегува и соработката од самите почетоци на постоењето на Џез фактори фестивалот, кој својата музичка приказна ја започна токму со настапот на Хаџиманов,пред 4 години, па се до годинешното издание на кое Васил го промовираше својот најнов албум- Melody Rhymes кој е сниман заедно со Мартин Ѓаконовски и Александар Секуловски.

Пред Битола албумот беше промовиран во Белград и Скопје како дел од „Скопско лето“.

Потписот на Васил како композитор на музика стои и со филмските проекти Кога ќе пораснам ќе бидам кенгур и телевизиските сериии Кошаркари и Отворена врата. Тука се вбројува и музиката за тинејџерскиот филм “Летото кога научив да летам”.


Од пред извесен период предава на Академијата во Нови Сад, за која своја педагошка улога вели дека добро му лежи и ја обожава, периодот на пандемија го помина тешко и поради бројните загуби, но вели дека се надева дека „извлековме некоја лекција од сето тоа и работите кои сме ги земале здраво за готово, треба повеќе да ги цениме“.

Во Скопје го подигна орденот за заслуги кој му беше доделен постхумно на неговиот татко Зафир Хаџиманов, од страна на претседателот Стево Пендаровски.

*Каква е соработката со Џез фактори фестивалот кој се одржува во Битола?

В.Х.-За секоја пофалба е иницијативата на Сашо Поповски и на сите останати кои се вклучени во организацијата,што во Битола сега веќе секоја година се одржува еден џез фестивал со доста интересна програма и извонредни музичари. Сашо е иницијатор и за тоа што ова трио повторно е на едно место после снимањето на албумот во 2019 во Скопје, чекавме некои помирни времиња за негова промоција. Тогаш добивме покана од Сашо да го промовираме албумот на Џез фактори, па го споивме тој настап со оној во Скопје.

*И оваа година го отворивте фестивалот, а се сеќаваат нашите читатели дека го отворивте и првото издание пред 4 години.Кои се Вашите впечатоци овојпат?

В.Х.-Одличен фестивал. Таа вечер беше навистина посебна со одлична публика. Мене секогаш ми е посебно задоволство да настапувам со Мартин и Алек, особено што тоа ретко се случува затоа што Алек живее во Канада, Мартин во Германија, па не е лесно да се организираме, но еве направивме вистинска промоција на овој втор по ред албум од ова трио. На овој фестивал имавме навистина одлични услови, можам да кажам најдобри за промоција на албумот.

*Да проговориме нешто повеќе за новиот албум на ова трио, чија концертна промоција беше токму на фестивалот? Кога започна и како се развиваше соработката со Ѓаконовски и Секуловски?

В.Х.--Се започна по препорака на Тони Китановски во 2009,да снимам еден трио албум во кој би имало клавир, контрабас и тапани, во една класична џез поставка што се однесува на инструментите, но не и што се однесува на репертоарот.Така тој организираше се во Скопје со Ален Хаџистефанов, кој сето тоа одлично го сними, Тони продуцираше, а јас, Мартин и Алек го снимивме албумот “El Raval”, за само два дена, материјал кој не го вежбавме многу, едноставно се собравме го снимивме и испадна феноменално. После тоа имавме само еден концерт на Скопскиот џез фестивал, во таа постава и еве 2019 беше годината кога повторно се сретнавме цела таа екипа и за два дена повторно го снимивме овој албум. Немам обичај да го фалам она што самиот го изведувам или снимам, доста сум самокритичен, но овој албум морам да кажам навистина звучи одлично.


*Интересна музичка приказна периодов беше и Balcan Trafic festival на кој се споија реномирани музички имиња од Балканот и светот.  Каков предизвик беше овој проект?

В.Х.-Овој фестивал постои веќе 15 години и ја промовира балканската музика. Јас таму со својот бенд настапив пред неколку години и директорот на фестивалот дојде на идеја да го прошири фестивалот со вклучување на некои балкански џез проекти. Претежно настапуваа или традиционални балкански бендови или популарните кои сите ги знаат, а не нешто што вклучува џез музика, се до оваа година кога се прошири жанровската програма со програма која вклучува белгиски и балкански музичари заедно. Проектот беше во соработка со Натан Даемс, саксофонист и автор од Белгија и јас. Во бендот учествуваа Оливер Јосифовски, Александар Петров, како специјален гостин беше Теодосиј Спасов, потоа Симон Лелеух и специјален гостин Ибрахим Малоуф. Можам да кажам интересен проект кој Николас го нарече Балкан Џезовиќ и идејата е истиот да се промовира на некои други фестивали.

*Кажете ни нешто повеќе за Jazz in the garden?

В.Х.--Овој фестивал за прв пат беше одржан во ботаничката градина во Белград, Виктор Чикеш, новинарот, ја спроведе таа идеја во дело.Таму настапувв првата вечер, сите учесници се домашни автори  и изведувачи.Јас сум секогаш за, кога станува збор за промоција на нашите музичари и на пример македонските музичари е важно да настапуваат секаде низ државите од екс Ју., како и српските, хрватските, словенските, босанските, треба да се спои таа сцена бидејќи најчесто настапуваат во своите земји, а ретко надвор од нив.


*Со гитаристот Душан Јевтовиќ настапивте на првото издание на Џез фактори, а сега она што е најново е вашиот заеднички албум и тоа како дуо, ( како и името на албумот). Да проговориме малку повеќе за тој музички проект?

В.Х.--Со него снимивме еден албум заедно со Асаф Сиркиз во 2019, а во исто време го снимивме и албумот Дуо. Снимавме во Барселона за само неколку денови.Албумот е составен од композиции на Душан, а дел од мои композиции, магичен албум.

Може албумот да се чуе на страницата на Јевтовиќ и секако може да се нарача це-де. Исто така е на дигиталните платформи преку Кроациа рекордс, како и Melody rhymes.

Со него настапивме и во ботаничката градина во Крагујевац.


*Соработувате со голем број музичари од Балканот: Дедиќ, Теодосиј Спасов, Оливер Јосифовски, Виктор Филиповски и многу други. Со кого би сакале да реализирате нова соработка, а не сте имале можност до сега?

В.Х.--Во моентов на никој не можам да се сетам бидејќи работев како што споменавте со голем број на музичари од регионот. Тука се: Оливер Јосифовски, Александар Петров, секако пред се Тони Китановски, Виктор Филиповски, Алек, Мартин, Влатко Стефановски, ги има уште многу, од Србија Стефан Миленковиќ, од Босна, Божо Вречо, потоа од регионот исто Бисера Велетанлиќ, , Сенка со Зафир некогаш, Матија Дедиќ, Бојан Зулфикарпашиќ, Јован Павловиќ, Душан Јевтовиќ, Марко Ѓорѓевиќ, секако тука се и луѓето со кои настапувам во бендот. Во секој случај успеав да соработувам со различни музичари. Целта ми е да се продолжи тоа и да се создава уште похрабра и посвежа музика, различна од онаа која ја создававме до сега.

*Од неодамна сте дел од Уметничката Академија во Нови Сад. Што тој предизвик значи за Вас?

В.Х.--Тоа е една убава работа која се случи за време на пандемијата, бев повикан да предавам џез на студентите од класичната академија, за да се запознаат со еден поинаков систем на размислување и функционирање од оној на кој се навикнати. Еве ја завршив првата година и можам да кажам дека беше успешна, успеав да им ја доближам таа музика. Ми делува дека таа соработка ќе се продолжи, таа едукативна работа сакам да ја работам и ми претставува задоволство.


*Како го поминавте пандемискиот период и колку Ви недостигаа настапите во живо?

В.Х.- Цела таа година беше ужасна во секоја смисла на зборот. И заради работата и заради загубата која ја доживеав, загубите на наши колеги. Време на страв и се надевам нема да се повтори. Беше тешко да не го работиш она што најмногу го сакаш, а тоа е да настапуваш пред публика. Затоа еве сега доста настапувам во текот на летото и на тој начин се лечам себеси, а се надевам и другите.

*Што научивме или требаше да научиме од оваа пандемија?

В.Х.-Се надевам дека сите разбравме колку животот е драгоцен и краток и колку треба да се насочиме кон вредностите кои ги земаме здраво за готово, треба да не се однесуваме себично и саможиво, како што вообичаено се однесуваме во ова модерно време, така што верувам дека тоа се некои лекции кои се надевам луѓето ги научија.


Неда Маретиќ

Фотографии: Татјана Ранташа и Даниел Ѓурчиновски