Утре ќе го испратиме во вечноста татко ми Александар: Игор Џамбазов упати апел до сите поддржувачи на ликот и делото на маестро Џамбазов

Игор Џамбазов, во име на семејството Џамбазови објави дека утре, петок, маестро Александар ќе биде испратен во вечното почивалиште.

Погребот ќе биде од затворен тип поради ковид-протоколите, па Игор упати апел до сите поддржувачи на ликот и делото на маестро Џамбазов, и замоли за разбирање дека последното збогум ќе можат да му го кажат од сабота па натаму.

- Драги пријатели. Утре ќе го испратиме во вечноста татко ми Александар, вашиот омилен маестро, чичко Ацо, Џамбаз... Комеморацијата ќе биде во МОБ во 10 часот, а погребот во 12 часот. Семејството Џамбазови ви благодари за подршката и убавите зборови. Ве известуваме дека погребот ќе биде од затворен тип, се заради ковид-протоколите. Сите што ќе сакате да му кажете последно збогум, ќе можете да го направите тоа од сабота, па натаму. Ве молиме за разбирање.

Маестро Џамбазов за наскоро требаше да наполни 86 години. Целиот работен век го мина во македонската радио телевизија како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Тој беше иницијатор и диригент на детскиот фестивал „Златно славејче“. Добитник е на над 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, а зад себе остави богато творештво.