Утринско Франк кафе со Ениса Кадрии: Мајка ми не ме остава ни минута без мотивација

Утринската рутина ми започнува со ритуал на благодарност. Првото нешто што го правам штом отварам очи, е изразување благодарност за новиот ден, за срцето што ми чука во полн ритам, за мојата прекрасна фамилија и за тоа што имав извонредна сестра која вечно ќе живее во моите спомени. Благодарна сум што имам сопствен бизнис, што сум го видела и пропатувала целиот свет, за прекрасните пријатели, едноставно, благодарна сум за мојот многу убав живот.

По ритуалот на благодарност, ги проверувам мејловите од мојот мобилен телефон додека во брзање се подготвувам за работниот ден. При изборот на облека никогаш немам проблем, штом погледнам во плакарот веднаш знам која комбинација е вистинската, нормално во зависност од приликата и местото каде треба да бидам тој ден. Доколку треба да бидам во канцеларија облекувам „Bella“ костум и сум целосно подготвена.

Малку повеќе време ми одзема додека се одлучам кои обувки да ги одберам бидејќи ми се слабост. Омилен бренд ми се „Hotic“, како дел од портфоилиото на брендови со кои работам.

Права мотивација во мојот живот е мајка ми. Таа секогаш ми дава безусловна поддршка, без разлика дали се работи за унапредување на моето образование, работа или пак успех. Не ми треба друг потик освен нејзиниот. Таа не ме остава ни минута без да спомне за некоја потенцијална можност, или пак да сподели одредена идеја, впрочем, не ме остава да си го губам времето безпотребно. Ако сакате да се мотивирате дојдете да  живеете 24 часа со мајка ми, па после видете ги резултатите.

Како сопственик на „SMK CLASS“ - фирма која се занимава со цветни аранжмани, организација и декорација на евенти и уникатни артистички дела, имам значително многу дневни планови и обврски. Никогаш не се определени во точен час и време, бидејќи јас сум флексибилна и умеам да се прилагодам на клиентите или пак на промените кои може да се случат.

Прво одам во моето ателје каде што ми е и канцеларијата, правам агенда, ги разгледувам поканите за настани во текот на цела една недела, за да на крај да проверам дали е се во ред со нарачките. Секогаш гледам да завршам се на време, за да бидам со моите пријатели и фамилија.

Денот ми поминува незабележително покрај сите обврски што ги имам. Иако се случува да се вратам дома уморна, никогаш не ми е тешко да се подготвам за вечерно излегување.

Сакам да прочитам добра книга која што ќе ме релаксира после напорниот работен ден, а неретко се случува да гледам и филм заедно со домашните.


(Ениса Кадрии- консултант за бизнис посредување и менаџирање со надворешни инвестиции)