Утринско Франк кафе со Марија Матовска: Водам дневник уште од основно

Добивај вести на Viber

Скоро секој ден станувам со аларм (добро утро свету!): од понеделник до петок за на работа, викендашки за на планина или некаде во природа (ретки се деновите кога останувам да спијам до доцна). Уште неразбудена (што се вели) пуштам музика, бидејќи есенцијално ми е денот да почне во добра атмосфера.  Најчесто стануваме во исто време со партнерот, па првото утринско кафе ни е заеднички ритуал. Пиејќи кафе го користиме времето за планирање на денот. Честопати наутро имаме и заеднички лесен појадок. Некои утра оставам и простор за вежбање, пред сѐ за тегнење (ова доколку не сум легнала доцна претходната вечер). Последните неколку утра се малку поразлични од сѐ досега, бидејќи најдовме две мали мачиња сирачиња, па мораме да се грижиме за нив (хранење, масирање, чистење)... Утрото е делот од денот кога се потсетувам зошто ги правам сите работи кои ги правам...

Ме мотивира добрината и емпатичноста на луѓето, правењето добро  и помагањето на оние на кои им е најпотребно (колку и да е клише). Верувам дека во основа, ние како луѓе сме создадени да бидеме солидарни и да си нудиме заедничка поддршка. Се радувам и добивам уште повеќе сила кога ќе видам дека малите наши индивидуални чекори можат навистина да допринесат директно за креирање на големата слика и правење на светот подобро место за живеење. Верувам дека клучот на подоброто утре лежи во взаемната соработка со што се зголемува позитивното општествено влијание кое го креираме сите ние (независно за што станува збор: дали е животната средина, дали се групи на луѓе кои имаат некои потешкотии, грижа за животните...). 

Кај мене секој ден е различна приказна. Работните денови се сведуваат на многу средби и состаноци, настани, работилници, телефонски повици, мејлови и пораки на социјалните мрежи. Во овој период, главните работни задачи ми се врзани со  развој на екосистемот за социјално претприемништво во државата. Програмата на која одвојувам најголем процент од денот, во моментов е Наградата за социјално претприемништво - Social Impact Award. На 03.10.2018 година ги прогласивме победниците на оваа програма и моментално се подготвуваме за патување и учество на интернационалниот самит на Social Impact Award во Грузија. Уште една интересна програма која во моментов ја отпочнуваме со мојата компанија Social Impact Lab Skopje, а во партнерство со Шпаркасе банка Македонија и StartUp Academy е „Чекор по чекор", програма намената за стартапи и социјални претпријатија.

Покрај работните обврски многу често имам и различни волонтерски ангажмани. Активна сум на полето на лицата со попреченост. Во тој дел му помагам на брат ми Цако околку неговите ангажмани и емисијата Јас сум Цако. Воедно, потпреседател сум на Инклузивни решенија Скопје, па од време - навреме и таму имаме различни активности.  Уште еден волонтерски ангажман кој го имам (и го правам со многу љубов) е водењето на целокупната комуникација на мојот планинарски клуб Љуботен –Тетово.

Деновите кога не сум на работа (скоро секогаш) ги поминувам во природа: возење велосипед и планинарење. Од јануари годинава почнав исто така да ја посетувам и обуката за интернационални водичи во планина, организирана од Македонска асоцијација на интернационални водичи во планина, па дел од времето поминувам учејќи. 

Во секој случај се обидувам работниот ден да не се сведе само на работа, туку да имам време и за себеси, вежбање, социјални активности...

И тука немам некоја рутина... Дел од деновите ми завршуваат со некоја физичка активност: велосипед или ноќно качување на Водно, трчање на стаза или пак јога. Кога не одам на вежбање тогаш денот завршува со дружба со партнерот, мојата фамилија и пријателите, независно дали е тоа во домашна атмосфера, во кафуле/ кафанче, на некоја прошетка или пак на интересен настан.  Сакам денот да ми биде секогаш исполнет со луѓе и случувања, но сепак имам потреба (не секојдневно) да поминам време  сама со себе. Во тие мигови најчесто пишувам (поезија или дневник ; дневник водам непрекинато од основно). 

Многу често пред да заспијам читам книга (всушност и не само тогаш, книга имам скоро секогаш со мене). Но, сепак во последно време со партнерот знаеме пред заспивање да пуштиме филмче или некоја серија. 


(Марија Матовска - Програмска менаџерка во Social Impact Lab)