Утринско кафе со Александра Тимковска: Од првата шолја не се откажувам и по цена да доцнам

Кафето е дефинитивно првата работа на која помислувам кога ќе ги отворам очите. Не сум некој зависник од кофеин и се трудам бројката на испиени кафиња во текот на денот да ја сведам на минимум, но од првата шолја не се откажувам, па и по цена на тоа да доцнам некаде (се смее). Уживам утринското кафе да го пијам во тишина и сама со своите мисли. Признавам, наутро не сум баш добро друштво (се смее). Тие десетина минути ми се непроценливи и љубоморно ги чувам само за себе, за да ги средам мислите, да ги испланирам обврските или едноставно да видам што се случува прелистувајќи ги интернет изданијата. Периодов повеќе сум на релација Скопје-Охрид, па утринското кафе со поглед на езерото ми е непроценливо доживување, глетка која дефинитивно полни батерии, а работните обврски стануваат песна!

После првото кафе следува појадокот - ако имам можност во овој оброк уживам во домашна атмосфера, ако не, тогаш пластичните садови се подготвени за транспорт. Се држам до онаа „Појадокот изеди го сам, ручекот подели го со пријателот, а вечерата дај му ја на непријателот“, па навистина се трудам да не го пропуштам и истиот да е, пред сè, квалитетен. И денот може да почне!

Успешно завршена задача или проект, успешни луѓе, насмевки и среќни лица, тоа е мојата мотивација. Полнач со позитивна енергија ми се и моите внуци Анастасија и Марко, кои постојано ме изненадуваат со по некој „бисер“. Нема ништо поубаво од времето поминато со нив.

Веројатно, тоа доаѓа со годините, но се фаќам себеси како сè почесто „немам“ време и желба за дружби со „енергетски вампири“, навистина не сакам и не можам времето да си го трошам на луѓе кои ми ја црпат енергијата. Се држам до онаа - подобро е да се биде квалитетно сам, отколку неквалитетно со некого (се смее).

Работата, за среќа, во моментов ми дозволува поголемиот дел од денот да го организирам онака како што мене ми одговара, па се трудам да го почнувам со вежбање. Утринското вежбање дефинитивно е совршен извор на енергија, па затоа некој минимум ми е три пати неделно да сум на утрински тренинг во Бодитек. После квалитетно одработениот тренинг веќе нема бегање - работа! Во зависност од обврските и работните ангажмани зависи и колку работни часа ќе имам. Но, сè се постигнува со добра организација. Најчесто работата на компјутер ја оставам за вечерните часови, додека денот го користам за состаноци, средби и завршување на сите обврски кои бараат движење.

Има денови кога буквално не знам, што се вели, ниту кога почнувам со работните обврски ниту кога завршувам и тогаш едвај чекам да избегам од сè, но и има и денови кога сè е порелаксирано и кога можам да им се посветам и на луѓето и работите кои ме прават среќна. Омилени ми се вечерите кои ги поминувам со моите драги луѓе - мал, но избран круг составен од оние „за цел живот“ пријатели, чии професии се сосема поразлични од мојата и со кои дружењето е вистинско задоволство.

По професија сум дипломиран лектор по македонски јазик, па читањето книги, за среќа, не ми е само хоби и релаксација, а кога се филмовите во прашање уживам да ги гледам оние кои, пред сè, ме забавуваат. Деновите ми се преполни со обврски и разно-разни информации, па баш и не сакам остварувања за кои до крајот би требало да фаќам белешки (се смее).

* Александра Тимковска, новинар и пиар