Утринско кафе со Љупка Гугучевска: Ме мотивира мислата за подобро утре, не само за мене туку за сите

Добивај вести на Viber

Сакам да научам да се будам рано, порано од 7:30 кога отприлика ми почнува секој ден. Уживам во раните утра кога градот се буди, полупразен, а јас возам велосипед кон работа. Вообичаено првото кафе го пијам таму, со моите колешки и колеги кои имам среќа да ми се и добри пријатели. Со кафето водиме конструктивни разговори, најчесто за работа, а понекогаш и за други теми кои ни се од заеднички интерес. Сите сме различни, со различни размислувања и ставови, па овие утрински кафиња знаат да бидат и бучни, но секогаш корисни.

Има денови во кои имам потреба сама да го испијам првото кафе, да се сосредоточам на денот кој ме чека и да се подготвам за него. Тогаш се будам порано и одам во некое скопско кафуле, обично на ул.„Македонија“, уживам во првото сонце и вкусот на кафето. Со кафето сакам да изедам и топол кроасан со џем и ореви, па тогаш си го дозволувам и ова задоволство.

Движејќи се низ денот и низ животот секогаш сакам да подзастанам и да се свртам малку назад. Погледот кон она каде, како и од што сум почнала, кон тоа што се’ сум постигнала и колку во секоја смисла сум созреала низ годините ме движи напред. Кога и да се почувствувам демотивирано фрлам поглед на стари фотографии, се навраќам на местата на кои што сум била, луѓето кои сум ги запознала, влијанието кое сум го имала врз нивните животи и кариера, се разведрувам и си велам „еј, Љупка, па ти имаш извонреден живот!“

Ме мотивира мислата за подобро утре, не само за мене туку за сите. Можеби затоа и сум одбрала кариера која се фокусира на заштита и промовирање на можеби најважното политичко човеково право – правото на глас. Желбата за придонес кон оваа сфера ме тера секојдневно да учам, истражувам и да барам начини она што е најдобра меѓународна пракса да се примени во Македонија.

Ја сакам работата која ја работам, ме исполнува и уживам во работниот ден.

Работниот ден во предизборен период ми е долг, но поминува многу бргу. Десетици телефонски разговори, креирање на едукативни материјали, пишување соопштенија, меилови, држење обуки, и сето тоа на високи потпетици, некогаш знае да биде напорно, ни никогаш доволно за да не го повторам утре истото.

Некогаш си ветувам дека од утре ќе си олеснам со тоа што барем ќе носам рамни чевли, но скоро никогаш не си стојам на зборот. Веќе имам изграден стил во кој тешко ги изоставам потпетиците, црвениот кармин, очилата и насмевката.

Обично дома доаѓам доцна попладне, им посветувам внимание на моите две мачорчиња, а вечерта ја поминувам во зависност од расположението. Некогаш во дружење со пријатели, а некогаш си ја резервирам само за себе, за чаша вино, убаво сирење и книга или филм. Со тек на времето, научив се’ повеќе време да си посветувам себеси и на она како јас се чувствувам и што ми е важно. За среќа искуството ме научи да приоретизирам, па во таквите денови друштвото со самата себе си го ставам на прво место.

Сакам книги во кои можам да навлезам под површината, со изградени ликови со кои можам да се идентификувам во одреден дел и со приказна која е безвременска. Засекогаш омилена ми е „Малиот принц“ која ја сфатив дури откако пораснав, ја сакам „Галебот Џонатан Ливингстон“, а бидејќи ме плени научна фантастика, постојано си читам по нешто од „Автостоперски водич низ вселената.“

Тука ми е и Нетфликс, кој откако се појави во мојот живот никогаш не ми е здодевно. Особено ги сакам ТВ сериите и европските филмови. Една од причините што ги сакам неделите е токму времето кое можам да си го одвојам за бегство во некоја добра серија.

Во понеделник почнува се’ одново.


(Љупка Гугучевска- портпарол на ДИК)