Утринско кафе со Симона Ѓорѓиева: Убедена сум дека во животот се враќа она што го даваш

Утринското кафе во работните денови го пијам сама, пиејќи ја разгледувам листата на обврски и така скоро секогаш кафето останува недопиено... (се смее). Затоа пак, за викенди првото кафе обожавам да си го пијам со друштво, во кругот на пријателките или семејството.

Не ми замерувајте ако изјавам дека ме мотивира животот. За мене секој ден е шанса за нови искуства и можност да научам и откријам нешто ново. Убедена сум дека во животот се враќа она што го даваш, па на сите им порачувам да прават убави работи за да им се враќа со убаво. Јас секојдневно се трудам да го правам тоа. Го сакам тоа што многу често имам можност да бидам опкружена со доста успешни, храбри и борбени луѓе и тоа дополнително ме мотивира да пишувам, да творам, да се борам и да чекорам напред. Друго нешто што ме мотивира е и моето семејство се разбира,  мојата најголема подрршка. 

Себеси се сметам за организирана личност и секогаш си имам to-do list. Покрај обврските поврзани со работното место, секогаш и по работното време си  поставувам цели кои сакам да ги постигнам тој ден. Најзадоволна сум кога ќе ги пречкртам сите точки од листата. 

Надвор од работниот ангажман, обожавам да ги негувам моите кактуси  и сукуленти, да читам стручна литература, да истражувам начини на уредување и правам мои проекти за преуредување на ентериер и екстериер, си ги препишувам моите песни и си правам комбинации на групирање за издавање на идната стихозбирка... По завршување на обврските многу често се наоѓам себеси како си измислувам некој мој рецепт на салата или слатки, па се наградувам себеси. Сум љубител на природата и кога имам можност  пешачам во природа, а имам искуство и од планинарење со планинарски групи и имам посетено неколку планиниски врвови: Мусала највисокиот врв на Балканскиот полуостров, Голем Кораб, Орле итн. 

Вечерите вообичаено ги минувам со смејството. Се залагам и сум посветена на идејата мојот дом да биде хармонично катче за живеење. Ноќните разговори, прераскажување на денот, насмевките и плановите се дел од секојдневијата. Сакам кога имаме гости и куќата е полна со позитивни луѓеи позитивна  енергија.


* Симона Ѓорѓиева - правник и поетеса*