Утринско кафе со Веле Смилевски: Ја живеам вечноста на мигот

Пиењето на првото утринско кафе, кај мене најчесто е чин на соочување со самиот себе. Тоа не е ритуал, кој обично преминува во рутина, туку суштинска потреба за постигнување на едно можно равновесие на првото скалило од денот исполнет со разновидни содржини, очекувани но и изненадувачки, видливи и латентни, пријатни и болни, денот исполнет со плавни текови, но и со бујни брзаци на она што го нарекуваме живот. Моќта да се препознае и почуствува сопството во тоа соочување со самиот себе, ја детерминира личната поставеност во соочувањето со светот и животот, а тоа е патот кон нужниот степен на хармонија со луѓето, со природата, со бескрајот што не опкружува. Го поимам тоа прво скалило од денот како една од можностите да се биде свој, но и својски да се живее во светот и животот сфатени како дар Божји.

Силна мотивација за мене е сознанието дека треба да се живее вечноста на мигот. Тој миг е исполнет со слики и доживувања од детството но и со слики и доживувања од се она што потоа се случуваше во моите изминати 70 години. Особено од годините на многубројните патувања и престои во светот. Така, додека живеев во Прага, јас често знаев и сакав да се изгубам во тесните улички на Незвал, на Божана Немцова, на Кафка. Додека се шетав низ Москва, ги доживував и ги преживував јанѕите на Константин Миладинов и Рајко Жинзифов. Ги носам сликите на Босфорот, на Истанбул, на Солун, на имотот и домот на Толстој во Јасна Полјана, разговорите со Македонците во Торонто, во Гетеборг, интересните доживувања на Хајд Паркот во Лондон, на Кинескиот ѕид, прекрасните патувања во Венеција, во Рим, во Неапол, на островот Капри, на Сицилија, патувањата во Ленинград, во Киев, во Братислава, во Варшава, во Виена, во Будимпешта. Сознанието дека сето тоа е изживеан живот синтетизиран во мигот што сега го живеам, ме исполнува со радост и чувство дека вредело да се изживее векот, мојот век што е зад мене.

Според начинот на работа и живеење што јас ги практикувам, секоја строга шема за дневните планови и обврски е беспредметна, па дури и контрапродуктивна. Го сакам спонтанитетот во работата, природниот тек на настаните и вклученоста во нив. Тоа е еден убав сплет на обврски во професијата и пасијата, во творештвото, на приватен план, во семејството, со пријателите. Треба да се трудиме да бидеме добри кормилари на бродот што не носи, но повремено со радост да им се препуштиме на невидливите струи кои ќе не завлечат кон непознатото. Возбудата од тоа што е надвор од плановите и обврските е голема. Тоа е важен дел од животот.

Вечерта и ноќта кај мене секогаш се врзани со  утрото, а го сакам, бескрајно го сакам  разденувањето и во конкретна и во метафоричка смисла. Ја сакам светлината на денот, па затоа крајот негов, вечерта, е можност да се помисли на утрото што доаѓа. Ете го вистинскиот знак дека животот продолжува и тоа е доволен мотив за синтеза на нештата, главно во осама, кога си свој во својот век за самување. Затоа нема ништо метафизичко, туку многу реално и конкретно, кога велам: Секој од нас има свој век за самување, кој не секогаш мора да се поклопува со животниот век, или со кој било друг век, век од вековите. Дека секој од нас има свој век за радости и тагувања, за плач и за смеа, за заминувања и за враќања, дека секој од нас има свој век за раѓања, за умирања, за повторни раѓања, за пишување долги, бескрајни писма што живот значат.

Читањето (и пишувањето книги) мене ми е животна и професионална судбина. Кога станува збор за читањето, сега сум во фаза кога препрочитувам дела кои за мене во разни фази имале важна улога. Од аспектите на кои им пристапувам, во нив откривам нови слоеви, не помалку битни од првичните. Посебно ги сакам филмовите кои се снимани според значајни литературни дела. Ме фасцинира преплетот на авторските визии и зафати на писателот, на авторот на сценариото и на режисерот. Тоа е прашање за сериозни анализи и дискусии.


* Веле Смилевски, писател , професор, и поранешен претседател на Друштвото на писателите на Македонија