УТРЕ ВО МКЦ: Премиера на српскиот рокенрол документарец „Заробено време“
Утре од 20 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи скопската премиера на српскиот долгометражен документарен филм „Заробено време“. Главен лик во приказната е Петар Пеца -Поповиќ, познат музички критичар и новинар од Белград, еден од најдобрите познавачи на рокенролот во поранешна Југославија.
Поповиќ тргнува на носталгично патување низ заробеното време, низ шест држави од Вардар до Триглав, и интересни приказни му раскажуваат 40 соговорници. Влатко Стефановски, Калиопи, Велибор Џаровски-Џаро, новинарот Иван Бечковиќ, Горан Бреговиќ, Саша Лошиќ, Јасенко Хоура, Јосипа Лисац, Дадо Топиќ, Џибони, Бајага, Јасен Зоран Предин, Гиле од „Електрични оргазам“, Корнелије Ковач, членови на групите „Тајм“, „Смак“, „Индекси“, „Ју група“ се дел од нив.
Утре на премиерата во Скопје, доаѓа комплетната екипа која го работеше филмот: режисерот Милан Никодијевиќ, новинарот Пеца Поповиќ, Алксандар Комненовиќ- монтажер, Александар Стојшин- дизајн на звукот и Зоран Вуловиќ- менаџер.
Пред Скопје, филмот својата премиера ја имаше на филмскиот фестивал „Соло позитиво“ во Шибеник, каде што доби специјална награда. Прикажан е и во Белград, и уште неколку српски градови, во Виена, Љубљана, а следи премиера и во Истра, Хрватска. Скопската промоција е во рамките на манифестацијата „Денови на српската култура во Македонија“, во организација на културно-информативниот центар на Србите во Македонија, „Спона“.
(М.Џ.)