Верувајте канцерот е ништо во споредба со смртта на моите чеда: Ивана Лескароски за тешките животни битки, светлост ѝ се синот Роман и сопругот Дејан
Жена, мајка, кралица - ова се епитетите кои без размислување ѝ ги припишувам на борецот Ивана Лескароски од Охрид. Се чини дека неа животот постојано ѝ поставува препреки, но таа со својата вера, надеж и љубов од најблиските неуморно ги совладува
Ивана на 20 години стапува во брак со поранешниот фудбалер Дејан Лескароски со кого заедно негуваат љубов кон спортот. Кога на 21 година останува бремена за среќа нејзината дотогашна пострауматска епилепсија исчезнува, и со бременоста сè оди во најдобар ред, сè до 34-тата недела.
- Останав многу брзо бремена без никакви проблеми и потешкотии, мојата прва бременост беше во најдобар ред сè до 34-тата недела кога започна моето прво породување.
Имено со Паоло се породив во 34-та недела поради ненадејни контракции по кои следуваше итен царски рез, кој за мои години беше искрено еден пекол. Мојот првенец почина после неколку дена од дијагноза респираторен дистрес... Кога ми соопштија дека моето дете почина верувајте ни сама не знам како останав при здрав разум.. Мојата прва рожба за миг се претвори во агонија од која ни сега не знам како сум успеала да пребродам... Болка која трае засекогаш - ја започнува својата приказна Ивана.
Ни до ден денес нејзината болка не исчезнува, а делови од нејзиното срце се засекогаш празни. Подадената рака од сопругот било нејзиното спасение, љубовта од нивното семејство-изворот за светло утре, а зборови за утеха имале и докторките Јасна и Марија.
Една година по смртта на првиот син, Ивана повторно останува бремена со уште едно машко бебе и има нормална бременост, повторно сè до кобната 34-та недела.
- Со Аритон останувам бремена после една година од смртта на Паоло, повторно без проблем, повторно нормална бременост, но поради претходната се водам како патолошка и единствена терапија беше „зреење на белите дробови“... Но, Аритон се раѓа идентично како Паоло во 34-та недела. Со Аритон поинаков тек, прогнозите кажуваа дека историјата нема да се повтори. Иако цело време бевме во болница, во еден момент бевме подготвени за дома.... Тоа дома никогаш не се случи и Аритон ја изгуби битката, а кога една мајка ќе ги слушне зборовите „Детето ви умира" тогаш може само да замислите низ што поминав.... Живееш, а веќе си мртов - низ солзи раскажува таа.
Аритон е уште една нејзина непреболена болка, бидејќи ако со Паоло се помирила со дијагнозата, со Аритон нема да се помири никогаш. Тогаш била на работ од пропаст и пробала да посегне и по својот живот, но вели дека Бог бил секогаш со неа и избрала да живее.
- Ми требаше долг период за да можам да видам бебе и бремена жена... Поминував низ пекол, но само после неколку дена бев најголема поддршка на мојот сопруг (кој во тоа време беше фудбалер) на трибините и кој со сила го натерав да одигра натпревар за нашите ангели и сигурна сум дека беа горди на него - вели Ивана.
Одлучува да живее полна рани и болки, следуваат низа абортуси и кога нивна единствена цел е да посвојат дете, Ивана останува бремена со синот Роман, кој минатиот месец наполни осум години.
- Роман е еден вистински роман. Името уште пред да се роди му го даде Отец Ромео од Охрид и секогаш викаше ова ќе биде вашиот Роман, така и беше... Во тотален хаос и неверување, во агонија во која јас ниту бев подготвена, ниту сакав да раѓам од самата помисла дека секое следно дете или ќе умира или ќе е абортус... Во оваа приказна еден од главните актери е нашата Миа Костова која ме фати цврсто за рака и ме однесе во болницата „Аџибадем Систина“ кај доктор Дракулевски. И Миа и Дракулевски се во моите молитви секој ден. Дракулевски ми се сврте и ми вети дека дома ќе си одам со бебе и тоа и го оствари - со зборови полни благодарност зборува Ивана за луѓето кои ѝ го исполниле сонот.
Но не оди сè баш така лесно. Имено нејзиниот сопруг Дејан добива ехинококоза (кучешка тенија) и мора итно да му се направат две операции. Колку и да звучи морбидно, бремената Ивана во тој момент му се моли на Бога ако треба да го земе и тоа дете што е во неа, но да ѝ го остави Дејан жив бидејќи без него не може да си го замисли животот.
Додека првата операција ја издржува на нозе, Ивана за втората операција на сопругот веќе со силни болки и контракции е во породилна сала и синот Роман се раѓа на крајот на шестиот месец од бременоста.
- Бебе од едно кило веднаш го носат на интензивна неонатална нега, а мене во соба зашто ова ми е трет царски рез. Дракулевски наредува да сум сама во соба бидејќи не можам да замислам да сум во соба со друга мајка со бебе, а моето не е со мене... Себично зар не!? Доктор Фиданоски, педијатар во „Аџибадем Систина“ е исто посебен за нас, тој го знае Роми од еден килограм па сè до денес. Секој ден очекував да ми каже дека Роман починал, верувајте јас веќе се подготвував за следна загуба, потсвесно тоа беше во мојата глава... Но Роман за среќа, со помош на сèвишниот Бог и ангелите наши, а тоа е цел тим од „Систина“ после месец и половина требаше да си оди дома... Тоа е за мене моментот на моето повторно раѓање, а моја победа беше што успеав во ист ден и Роман и Дејан да ги извадам од болница.
Роман како и секое предвременородено дете имал компликации, кои со текот на времето ги надминале, а сега на свои осум години, има поминато искушенија како за осумнаесет.
- Роман за свои 8 години е дете кое како да има 18. Напреден е во секоја смисла на зборот. Англискиот јазик му е опсесија и има страшна меморија. Знае дека неговите братчиња се на небото и секогаш пред да заспие зборува со ѕвездите, а тие што најмногу светат се Паоло и Аритон... и верувајте нема на што да го научиме, тој нас ни ги покажа и докажа вистинските вредности. Често знае да каже „мама не плачам само ми солзат очите".
И кога мислите дека конечно за Ивана следува период на ослободување и уживање со семејството, за жал животот ѝ носи уште еден тежок предизвик, битка со подмолната болест рак.
- Ракот одбрал погрешна личност, тоа го кажав првиот момет кога ми беше дијагностициран канцер на тироида. Мојот матичен лекар Марина Цветаноска беше упорна и се спротивстави на сите мислења па одлучи да одам на биопсија. Биопсијата покажа канцер и повторно на моја чест и задоволство болницата „ Аџибадем Систина“ беше таа која ми подари и воедно ми спаси живот.
Овој пат за тоа се заслужни доктор Караѓозов и доктор Муратовска, кои оваа храбра жена ги смета за нејзини спасители. Следувала операција и целосно отстранување на тироидата и лимфните јазли, а поминала и процес на терапија со радиоактивен јод. Иако првите пет години се ризични, Лескаркоски вели дека е на добар пат и дека веќе се смета за победник.
Вели дека со љубов, вера и надеж успеала да го
преживее пеколот и дека за една мајка нема нешто пострашно од смртта на своите
чеда, односно дека канцерот во споредба со тоа е ништо...
- За една мајка нема потешко од смртта на своите деца, тоа го преживеав, ова е голема нула во споредба со тоа. И како да не сум силна кога имам дете и сопруг кои ни за миг не ме оставаат сама низ болничките ходници, кога и на моите и на родителите на Дејан јас сум им потпорен ѕид без кој не можат, кога имам цела војска околу мене и на крајот од денот јас сум светлина во нивните очи.
Нејзиниот пат не секој може да го оди
- Верата, љубовта и надежта ми се мое добро утро и добра ноќ, на тоа ме научи мојот духовен татко Отец Макариј од бигорската обител, кој секогаш е моето рамо на кое се потпирам и неуморно ми ги брише солзите кои ми се секојдневие. Секој што ќе го чита ова сакам да сфати дека нема нешто што не се може, може само да не се сака. А јас сакам, морам и можам. Го живеам секој миг, ако минатото е нешто што никогаш нема да го заборавам тогаш иднината воопшто не ја планирам. Максимално сум посветена на Роман и Дејан и тие се мој благослов. Не секој може да е благословен, да е мајка и на небото и на земјата, а до себе да има сопруг каков што секој би посакал. Фала му и слава му за сè на Бога - завршува Ивана.
За нејзината животна приказна има напишано книга која се надева дека еден ден ќе ја види светлината на денот. Оваа борба дефинитивно заслужува испечатен роман, толку посебен и единствен, каков што е и нејзиниот Роман.
*Даница Караташова Илиоска