ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Виолина и гитара“ (Дуле и Коки)
„Виолина и гитара“ одекна во 1996 година. Дуле и Коки дебитираа на макфестовската сцена во родниот град и победија. Композицијата е дело на Валентино Скендеровски, а стиховите ги напиша Александар Митевски. Пред неполни две години во опуштена атмосфера на појадок со новинарите, познатиот музичар Коки Јанков ја одбележа 20-годишнината од овој хит, а на средбата беа присутни и авторите кои нè потсетија на интересни моменти од создавањето на песната.
– Две момчиња се појавија кај мене во студио и ми се претставија како другари на сестра ми. Почнаа да раскажуваат за свирките по кафеани и прво помислив дека дошле на погрешно место. Кога прифатив да работам со нив знаев дека текстот треба да биде наменски. Нумерата немавме намера да ја пријавиме на „Макфест“, ама си реков, децата се од Штип, може нешто и ќе направат–раскажа Скендеровски.
„Виолина и гитара“ е првиот текст од перото на Александар Митевски. Го напишал во такси враќајќи се дома по една од многуте свирки на Дуле и Коки на кои редовно присуствувал.
– Во тоа време бевме најдобри другари. Не пропуштав нивен настап и постојано бевме заедно. Сленговите во текстот намерно ги оставив за поавтентично да ги пренесам емоциите, иако ни замери и тогашниот уметнички директор на „Макфест“, Славе Димитров–откри Митевски.
https://www.youtube.com/watch?v=VUVVktJTrHo