ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Кажи зошто ме остави“ (Никола Боби Автовски)
Македонскиот актер Никола Боби Автовски е заведен и како автор на музиката на овој легендарен македонски шлагер, а стиховите ги напишал Јово Велјановски. Се претпоставува дека песната е создадена уште во 1947 година, иако првата снимка е направена по речиси една деценија во Радио Скопје.
Велјановски, подоцна познат адвокат, во младешките денови во Битола за песните што биле изведувани на игранките пишувал свои, македонски текстови. Автовски, пак, иако охриѓанец, со завршено Средно воено музичко училиште во Вршац, работел како актер во Театарот во Битола. И двајцата биле големи љубители на песната и на една од забавите кои редовно ги посетувале настанала оваа тема. Секогаш во живо, песната често била изведувана на програмата на Радио Битола.