ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Опасно време“ (Елена Ристеска)
Песна која по многу нешта се издвојува од сите останати кои популарната пејачка и авторка ги сними досега. Музиката, аранжманот и продукцијата се на Дарко Димитров, а стиховите се заедничко дело на Елена и Мирко Попов. Темата настанала дури осум години пред да биде промовирана.
- Ни се чинеше премногу храбра, премногу опасна за да се пушти во етер. Не знаевме како ќе реагира публиката. Покрај редовните соработници, во овој проект многу ми помогна нашиот познат диџеј и автор Мирко Попов. Во случајна комуникација на „Фејсбук“ разговаравме за тоа дали би напишал текст за моја песна, која беше сосема нова и во поп-хаус стил. Веднаш се согласи и ми даде одлични, оригинални стихови. Но, заеднички констатиравме дека баш не одговараат за мелодијата, па ги префрливме на оваа, со мојот стар рефрен, и така ја добивме „Опасно време“ – изјави Ристеска по промоцијата.