Во Македонија од болест починуваат 159 на 100 илјади жители: Во ЕУ многу помалку, клучот се превентивните прегледи

Добивај вести на Viber

„Најважната задача кое едно општество треба да ја исполни за своите граѓани е заштитата на здравјето на луѓето, како највисоко човеково право. Целокупниот развој на општеството зависи од развојот на здравствената заштита, бидејќи ако едно население се соочува со сериозни здравствени проблеми, сите други системи во општеството ќе заостануваат“, констатира Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението Нефрон во опфатна анализа која го третрира прашањето за тоа колкава е здравствената писменост на граѓаните во Македонија и следствено на тоа колку нашата држава наликува на здравствените системи на некоја од земјите членки на Европската Унија.

За едно население да биде навистина здраво, за да се намали постојаниот раст на заболени од карциноми и разни хронични заболувања, од исклучителна важност е превентивната здравствена заштита.

Според професорката на Медицинскиот Факултет во Скопје, д-р Бистра Ангеловска, превентивната здравствена заштита е еден од најзначајните сегменти на здравствените системи и на здравствената заштита воопшто заради тоа што сите светски пресметки укажуваат дека е многу поекономично да се превенираат болестите отколку да се лекуваат.

„Дали е кај нас добра превентивата? Веројатно не, покажуваат и сегашните предизвици со вирусот дека не. Поради различните методи и технологии на откривање, начини на водење статистика и друго, податоците колку хронични болни има во една држава не може да се искористат за да се направат споредби кое население е поздраво. Затоа, пак, бројот на починати лица помлади од 65 години поради болест, е многу посилен индикатор. Со 159 починати на 100 илјади жители, нашата држава е меѓу петте најлоши во Европа. Тоа е двојно повеќе од најдобрата членка на ЕУ – Луксембург, вели д-р Ангеловска.

Најдобри резултати во нашиот регион има Словенија, со 121 починато лице на 100 илјади жители поради хронични заболувања. Но, тоа е држава во која превентивната здравствена заштита е вкоренета во традицијата долго време, и е достапна на сите граѓани.

Здравствената писменост на Словенците е на највисоко ниво пред се поради фактот дека словенечките граѓани се свесни за потребата од превенција. Колку преземаат мерки зависи од нивните лични состојби и општествен статус, но сепак тој процент е висок.

Раде Прибакович Бриновец од Националниот институт за јавно здравје на Словенија потенцира дека над 90 проценти изнесува потребата од превенција посебно кај две категории граѓани - родилките и децата. Кај возрасните, како што посочува во анализта, за кои што се спроведуваат скрининзи за различни видови рак, учеството е од 65 до 70 отсто.

„Превентивната здравствена заштита е достапна за секого во Словенија каде што има задолжително здравствено осигурување. Ова значи дека нема кофинансирање кога се дава услугата. Превентивните услуги се достапни во примарната педијатрија за деца и младинци, во примарната гинекологија за жените, во семејната медицина за возрасните, во стоматологијата за децата и за младинците, и секако во центрите за промоција на здравјето, за луѓето што влегуваат во активности со кои го менуваат животниот стил“, вели Бриновец.

Оттука, произлегува заклучокот дека за да се зголеми свесноста и потребата за превентивните здравствени прегледи во Македонија, потребно е да се зголемат методите за превенција и за рана дијагностика, од типот на почести скрининзи, организирање на национални скрининзи, на пример за рак на дојка, за рак на дебело црево.

„Значи функционираше едно време национален скрининг за рак на дојка, сега не знам до, со ковидов измешани се многу работи и не знам до каде е стигната ситуацијата. Потребно е пациентите за овие болести кои што се превентабилни, кои што можат да се превенираат, да добиваат писмо преку матичниот лекар за да се јават на регуларна контрола. Не е доволно само да се создаде можноста за проверка и таа да трае додека трае одредена кампања. Потребно е да биде достапна постојано, и граѓаните да се убедуваат да ја искористат. Словенечките искуства не учат дека проактивниот здравствен систем, оној што самиот ги повикува луѓето да се прегледуваат, е многу поефикасен од реактивниот – оној што само чека пациентите да му дојдат кога им е најтешко“, појаснува Мирјана Бабамова, програмски координатор на здружението Хема.

продолжува ОВДЕ на Фактор