ВО МОЛОВИТЕ СЕ ВЛЕГУВА БЕЗ СЕРТИФИКАТ, УКИНАТИ И ДРУГИ МЕРКИ: Се предлага нова методологија за процена на епидемиолошкиот ризик
Во трговските центри од денеска ќе се влегува без да се поседува, односно да се прикаже сертификат за вакцинација, откако вчера Владата ја укина мерката за задолжително поседување КОВИД-19 сертификат за влез во трговски центри/молови. Усвоени се и другите предлози на Комисијата за заразни болести, па така од денеска веќе стапува на сила, сертификатот за прележан КОВИД-19 наместо 45 трае 180 дена, а укината е и одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место. Сепак, носењето маски во затворени простории и понатаму останува на сила како антиковид мерка.
Истовремено, Комисијата за заразни болести предложи нова методологија според која ќе се следи и ќе се проценува епидемиолошкиот ризик во Македонија, но оттаму за Фактор потврдија дека вчера е направена првична презентација на тој модел, но на следниот состанок членовите на Комисијата детално ќе ја разгледаат и ќе ја дефинираат.