Воздишката е здрава: Симон Трпчески со „Македонисимо“ ни ги стопли срцата

Добивај вести на Viber

Симон Трпчески стрпливо чекаше проектот „Македонисимо“ да го врати дома, цели пет години. По светската премиера во Германија во 2017 година, и по претпремиерата во струшкото село Збажди, „Македонисимо“ сношти беше подарок за народот, на отворен концерт, пред платото на Националната опера и балет.

Непосреден, срдечен и многу расположен, нашиот пијанист со светска слава, накратко ѝ објасни на многубројната публика што е „Македонисимо“.

- Името значи ептен македонски“, рече Трпчески за магичната музика во која уживавме, спој на македонската народна песна со џез и класичната музика. „Работејќи на овој проект, сфатив колку нашата македонска музика всушност е поврзана со класичната“, раскажа Симон.

Песните и ората кои ги отсвире со своите пријатели, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на удиралки, Трпчески го создаде во соработка со композиторот Панде Шахов.

Петте „плетенки“ во кои има сплет од по 4- 5 песни се вистинско богатсво. Оригинален спој на традиционалното и модерното, а секоја од нив ја носи душата која Симон ѝ ја дава свирејќи ја.

- Медицинските лица ќе речат, воздишката е здрава. Пет години чекавме „Македонисимо“ да го претставиме дома, на нашиот, македонски јазик“, рече музичарот.

Симон е особено емотивно врзан за песната „Чије е она девојче“, посветена на мајка му и на татко му. Се присети на својот покоен татко кој ја рецитирал песната „Шупељка“ од Константин Миладинов, а со многу емоции, и Трпчески го стори истото. Освен што е одличен говорник, Симон прекрасно пее. Маестралните клавирски изведби ги збоати со по некоја песна, а една од нив беше „Врана коња јавам јас“.

Во Скопје одамна немало волку убав настан, волку среќни луѓе. Во вистинско време, Симон направи Скопје повторно да личи на едно големо корзо. Со неговата музика, ни ги стопли срцата и повторно нè зближи едни со други по долгиот период на пандемија и изолираност. 

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски