За Македонија и за несудениот дует со Тоше: Вака зборуваше Оливер Драгојевиќ за животот

ЗА ИМЕТО

Мајка ми познаваше луѓе кои се занимаваат со читање и пишување, па ги прашала за совет. За мојот покоен брат ѝ го предложиле името Аљоша. Рекле: „Нека се вика Аљоша и тоа нека биде за Исток и ако останат Русите. Во случај да дојде до промени, дајте му на другиот син западно име, па така станав Оливер. Така нѐ именувале во времето на Студената војна.  

ЗА ПОЧЕТОЦИТЕ

Само сакав да свирам во бенд и не се оптоварував колку тоа ќе трае, но ете музиката ми стана професија. Свиревме во зградата „Гусар“. Така ја викаа. Имавме само еден микрофон.  Бев најмлад, па ми рекоа дека треба да го чувам повеќе од себе. Нашето „дружење“ трае до денес.

ЗА ЖИВОТОТ НА МОРЕ

Јас сум на море и кога е ладно. Мене ниските температури не ми пречат. Покрај музиката, морето е моја најголема љубов. И на -15 степени ме смирува, ми дава енергија, ме одмора и ми ја полни душата.

ЗА ПОЛИТИКАТА

Моите единствени политички ангажмани беа моите отворени критики за загадувањето на морето. Никогаш не ме интересирала политиката. За да сте дел од неа мора да бидете безобразен, мора да бидете овде или онде. Ме вознемирува невниманието на тие луѓе. Кога одат по улица, не ве гледаат. Многу се краде и никој не одговара.

ЗА ЛУЃЕТО

Дојде време кога сензационалните разводи станаа поважни од самите венчавки. Светот малку се промени, но јас сум непоправлив романтичар и сѐ уште верувам во љубовта. Сѐ уште се обидувам таа универзална порака да им ја ренесам на луѓето кога сум на сцена, а кога ќе почувствувам позитивни вибрации, тоа си го припишувам како голем успех. Треба малку да ѝ се вратиме на природата оти одиме кон дното.

ЗА МАКЕДОНИЈА

Вашата публика е една од најискрените на Балканот, има слух и знае да ги препознае и да ги негува квалитетните изведувачи. Храната е феноменална, а виното го обожувам.

ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ

Се запознавме кога еднаш дојде во Сплит со неговата менаџерка. Се дружевме два часа, разговаравме, беше многу симпатично момче, ја сакаше музиката која ја сакам и јас и беше само прашање на време кога ќе направиме дует. Подоцна се видовме во Загреб на „Радискиот фестивал“, по кој тој имаше целовечерен концерт, па таму повторно нешто разговаравме за заедничкиот проект. Во меѓувреме се случи таа трагедија. Само судбината така сакаше.