Занаетчиска комора Скопје со повик за бесплатна обука за пекар за невработени лица

Занаетчиска комора Скопје ги повикува невработените лица да се пријават на бесплатна обука за пекар, поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Ова претставува можност заинтересираните лица да се стекнат со нови вештини со кои ќе станат поконкурентни на пазарот на трудот и полесно ќе можат да се вработат.

Обуката ќе се спроведува во период од четири месеци, а ќе содржи теоретски и практичен дел. Сите кандидати коишто успешно ќе ја завршат обуката ќе се стекнат со сертификат за завршена Програма за образование на возрасни за пекар.

Заинтересираните невработени лица можат да добијат повеќе информации и да се пријават на обуката на телефонските броеви: +3892 3237 850 или +38978 312 134 или на info@zkomora.com.mk. Повикот ќе биде отворен сè додека целосно не се пополни предвидениот број на кандидати.

Ова занимање е едно од многуте дефицитарни занимања во занаетчискиот сектор. Занаетчиската комора Скопје и во услови на пандемија од КОВИД-19 се бори да најде решение за занаетчиските дејности кои се соочуваат со дефицит на кадар кој поседува вештини и компетенции за директно  вклучување  во работниот процес.