Заврши „Охрид-фест 2020“: Најмногу гласови публиката за „Скопски боеми“

Добивај вести на Viber

Почитувајќи ги мерките донесени поради пандемијата со корона- вирусот (задржана физичка дистанца помеѓу публиката, носење заштитни маски и мерење на температура на влезот), овој викенд, на најубавата сцена на Балканот - на Долни Сарај, се одржа популарниот „Охрид-фест“. 

На фолк изданието на фестивалот слушнавме и видовме, преку директниот пренос на МРТ, 19 композиции, а бодувањето се случуваше со гласовите на наши и со радијата од дијаспората, и секако со гласовите на жирито, присутно на фестивалот.

Првата награда од публика им припадна на „Скопски Боеми“ кои ја изведоа „Љубовта е скапа играчка“ (муз. Петар Кан, т. Огнен Неделковски и ар Цане Петров). 

На Ибро Лабунски му припадна втората награда а тој ја изведе „Анѓо моја судбино“ (муз и текст Ибро Лабунски, ар. Суад Усеин Цуле), додека третата награда од публика ја доби Благоја Грујовски: „Не се будам без тебе“ (муз. Иво Горов, т. Огнен Неделковски и ар. Љупчо Соколовски).

Жирито своите гласови им ги даде на Зоран Христов и песната „Ќе те носам на југ“ на Горан Шарац, со аранжман на Ц.П. Дундарак и стиховите на Огнен Неделковски. 

Нино Величковски ја доби втората награда, изведувајќи ја песната „Чувај не песно“ на Филип Неделковски, со текст на Огнен Неделковски и аранжман на Петар Кан, а на третото место се пласираа Катерина Брезева и „Соната“ со песната „Кажи ми кажи“, (музика и аранжман на Петар Кан и текст на Драган Матески).

Наградата за најдобар аранжман му припадна на Јовица Каралиевски за песната „Побарај среќа“ што ја пееше Петар Нечовски. 

Награда за најдобар текст- Јован Павловски, му припадна на Огнен Неделковски за стиховите на песната „Мој Охриде“ што ја изведе Добрила Чабриќ- Ивановска.

Најтрубадурска песна е „Животот е еден“ што ја изведува Милован Секулоски и Позитив бенд (муз и т. Милован Секулоски  Ар. Гоце Цоцески).

Специјалната награда „Долни Сарај“ ја доби Ирена Спасовска и песната на Горјан Стојановски и Цане Петров „Кокиче“.

Награда за најдобара интерпретација и припадна на Јуле Николовска а специјалната награда „Аце Ангелески“ ја доби Анета Арсовска за „Зароси љубов“.

Барбара Јаковлеска е добитник на наградата за најдобар сценски настап, додека за најдобар дебитант е прогласена  Гордана Микиќ.

Најслушана песна помеѓу двата фестивали е „Моето семејство“ што ја пее Методија Столески.