Лесни американски палачинки од кокосово брашно: Здрави рецепти со Стефанија Несторовска
Стефанија Несторовска е 25-годишна девојка на која вежбањето ѝ е дел од секојдневната рутина веќе неколку години.
Желбата за подобра исхрана спонтано се разви во она што денес претставува Инстаграм профилот на младата девојка. Нејзините рецепти ги обожаваат сите, а нивното смислување и тестирање за Стефанија претставува релаксација.
Во нив користи исклучиво здрави намирници, зошто смета дека покрај вежбањето за целиот тој здрав живот огромно значење има тоа што го јадеме.
Во соработка со Женски Магазин, започнавме серијал на здрави рецепти со Стефанија, со кои ќе ве натераме да се инспирирате за водење здрав начин на живот. Изминатите недели ги имавме рецептот за леб од бадеми и кокос, рецептот за лосос со зеленчук и рецептот за највусното смути од јагоди.
Денеска го имаме рецептот за здрави и лесни Американски палачинки од кокосово брашно.
Потребни состојки:60 гр. кокосово брашно
30 гр. тапиока брашно * или 30 гр. бело брашно
1 лажичка прашок за пециво
125 мл. млеко од бадем * или било какво млеко
2 јајца
2 лажици стопено кокосово масло
Подготовка:
1. Во сад се додаваат сите суви состојки и се промешува.
2. Во одделен сад се мешаат сите течни состојки и оваа смеса се додава на претходната смеса.
3. Повторно убаво се промешува (може да се користи миксер или лажица).
4. Се остава да отстои смесата 10-тина минути, а во меѓувреме се загрева тава за палачинки на среден оган со една лажичка кокосово масло или било какво масло ( за да не лепи).
5. Се додава отприлика 2-3 лажици од смесата во загреаната тава и се формира палачинка.
6. Се остава да се пржи 3-4 минути од секоја страна
7. Доколку палачинките горат брзо, намалете ја температурата, овие палачинки одземаат повеќе време, но дефинитивно вредат.
8. По желба се редат палачинките една врз друга и се додаваат топинзи како путер од јатки, свежо овошје, тостирани оревчиња и слично.