Лесен и посен ручек за петок: Здрави рецепти со Стефанија Несторовска

Добивај вести на Viber

Стефанија Несторовска е 25-годишна девојка на која вежбањето ѝ е дел од секојдневната рутина веќе неколку години.

Желбата за подобра исхрана спонтано се разви во она што денес претставува Инстаграм профилот на младата девојка. Нејзините рецепти ги обожаваат сите, а нивното смислување и тестирање за Стефанија претставува релаксација.

Во нив користи исклучиво здрави намирници, зошто смета дека покрај вежбањето за целиот тој здрав живот огромно значење има тоа што го јадеме.

Во соработка со Женски Магазин, започнавме серијал на здрави рецепти со Стефанија, со кои ќе ве натераме да се инспирирате за водење здрав начин на живот. Минатата недела го имавме рецептот за леб од бадеми и кокос, а денеска печен лосос со зеленчук.

За овој оброк нема одреден рецепт меѓутоа е одлична идеја за ручек за овие летни горештини. Подготовката е брза и едноставна и може да користите било што од зеленчук во зависност од тоа што имате на располагање во моментот. Јас обично ја дуплирам количината за да имам подготвен ручек и за наредниот ден така што имате добитна комбинација. Свеж зеленчук секогаш додавам во моите оброци особено во овој период затоа што има многу нутритивни вредности, дава дополнителна хидратација и секако го зголемува обемот на оброкот, па ке останете сити подолго време.

Подготовка: 

Чекор 1. Најпрво се уклучува рерната да се загрее на 220 степени, а во меѓувреме темелно се чисти, мие и брише зеленчукот ( во овој случај користам аспарагус, но друга опција е брокула, пиперки, карфиол, моркови и слично). 

Чекор 2. Се поставува зеленчукот на тава за печење, се додава масло и зачини и се промешува за секое парче да биде зачинето. Лососот исто така се додава во тавата заедно со зеленчуците и се зачинува по желба.

Чекор 3. Целата тава се става во рерна и се пече околу 30-40 минути со тоа што на половина време се промешува за подеднакво да биде испечено.

Чекор 4. Се сервира во чинија со многу свеж зеленчук и дополнителни зачини по желба.