Ана Бунтеска: Од телово трпеза
Дојди ми
ненајаден и жеден
како птица среде зима
од телово трпеза ќе ти подготвам.
Колвај, пиле,
до најаска исколвај
од срцево нагости се
и од душава земи колку сакаш.
Распослано ти е
а мене секој гриз
како дар од Бога ми е
не боли
ништо не ме боли
како туѓа да е болката
како со бакнеж да ме гостиш
и од љубовта
во љубов те пресликувам.
Дојди ми
ела, да те напојам
со сите мои сокови
ете, во нив ќе те искапам
да ми светиш
како очиве по тебе што светат
да зарумениш
како усниве по твоите загризи
убав да ми бидеш
како она што во градиве за тебе ми баботи.
Дојди ми
јас распослана ќе бидам
најади се
напој се
измиј се
од мене и во мене.
Ете таму гнездо да свиеш
кај матката да те чувам
таму
таму да ми се жигоса љубовта
со перјата твои по телово помини
кај лицето и градите
во стомакот
онаму каде што животот ми пулсира
таму си ми
свиен и вгнезден
како птица
како љубов
како живот
како смртта моја.
Дојди ми.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска