Живеам во мало студио и користам позајмен телефон: Илина Арсова за докторските студии во Америка и за љубовта со Игор на далечина
Вели дека и покрај обемните задачи кои ги има на
Универзитетот во Тенеси каде што е докторант, нејзиниот номадски живот не се
сменил. Илина Арсова, нашата позната алпинистка и уметник веќе 4 месеци живее
еден од своите соништа, далеку од дома. За заминувањето на докторските студии,
вели дека добила неизмерна поддршка од блиските, а меѓу нив секако и Игор
Џамбазов, нејзиниот партнер. Кога чувствува носталгија за дома, Илина тоа го
искажува на нејзин, специфичен начин, на Инстаграм, поинаков од Игор кој
создаде своја дијагноза, нарекувајќи ја Илинопатија. Илина за Женски магазин
раскажа за предноста на студиите во Тенеси, и за патувањата кои ѝ се приоритет.
Ни ја долови важноста и интересниот дел од нејзината работа како професор, а
откри и за животот во малото студио со позајмен телефон, и за она што прво ќе го
направи кога ќе се врати дома.
*Колку време си веќе на Универзитетот во Тенеси? Во која област ќе докторираш, како напредуваат студиите?
- Овде сум веќе четири месеци и зависно од моето темпо програмата може да трае три до четири години. Најнапред мислев дека ќе може барем дел од тоа да оди он-лајн и да не морам да бидам физички присутна, но со позицијата како професор со полу работно време, по сè изгледа дека целото време ќе треба да сум овде. Тоа се само неколку позиции на нашиот оддел и Универзитетот навистина многу вложува во нас. Сега сме пред самиот крај на првиот семестар што е добар знак ,бидејќи сите велат дека првиот семестар е најтежок. Инаку јас сум докторант на одделот за Кинезиологија и Спортски Студии, а ме интересираат родови науки во спортот како и социо – културниот аспек на спортот. Тука некаде успевам да го поврзам спортот со уметноста- моите две досега најмногу изучувани области.
*Може ли да се спореди тамошното образование со нашето тука, кои се за тебе најголемите придобивки од американскиот образовен систем?
- Јас одамна ги завршив студиите кај нас. Имено магистрирав во 2008 и токму затоа ова не беше лесен чекор. Додека студирав бев навистина задоволна и од студиите кај нас, иако не сум сосема во тек како се денес. Овде забележувам доста разлики во структурата на часовите, следиме многу обуки во однос на методологијата и мерки за заштита на податоци. Технологијата и како се опремени училниците веројатно е најнапредната разлика меѓу нашиот и овдешниот систем. Динамиката на часовите исто така е различна, домашните задачи се доста креативни и интересни.
*Успеа ли да се спријателиш со колеги, слушнале ли за Македонија и како им ја претставуваш?
- Убавините на Македонија секојдневно им ги претставувам и на колегите и на студентите. Некои од нив веќе сакаат да дојдат во посета. Повеќето од нив не беа многу запознаени со Балканот, што воопшто не ме изненади знаејќи дека нивната географија е најмногу фокусирана на САД и Канада, додека пак патувањето надвор не им е јака страна. Имам пријатели со кои се дружам, сепак незаменливи се пријателите од дома, оние со кои си растел и пораснал, пријателите од основно, средно или факултет, од кои многумина се исто така некаде по светот. Со нив останува виртуелната врска, а во однос на дружбите во живо, навистина ми недостасува социјалниот живот од Македонија. Сепак морам да кажам дека некои пријателства овде нависина ми помогнаа да се прилагодам, и нивната секојдневна грижа ме прави да се чувствувам дека имам закрила и постојана поддршка. Таква ми е на пример врската со мојата долгогодишна пријателка Нина, од Канзас Сити, која не пропушта ден а да не ме провери како сум, и како се снаоѓам. Пресреќна бев и да запознаам уште неколку Македонки во околината, од кои едната, Александра е на истиот Универзитет во понапредна фаза од нејзините докторски студии. Тоа навистина многу значи, ако ништо друго барем од време на време да си направиш муабет на мајчин јазик.
*Како ти изгледа еден обичен ден, што ти го исполнува времето кога не си на Универзитетот?
- Се обидувам да ги запазам истите практики како и во Македонија. Така што кога не сум на факултет одам да качувам карпи, пливам, пешачам, посетувам изложби и музеи или излегувам со пријатели. Но, имам и доста работа за факултет. Обемни домашни задачи како и оценување и организирање на часовите што ги предавам. Сепак, мојот номадски живот кој досега не се променил, веројатно нема ни сега. Така што патувањата ми се сèуште приоритет. На пример, сèуште немам автомобил, користам позајмен телефон, живеам во навистина мало студио, сепак секое слободно време и заштеда ја користам за патување на место каде што не сум била. Така во овие четири месеци веќе имам посетено 3-4 природни и национални паркови, и барем 4 нови држави во САД. (Кентаки, Вирџинија, Невада, Каролина, Тенеси).
*Што знаат одговорните од Универзитетот за тебе, и како дојде до тоа да ја добиеш оваа престижна стипендија?
- На мое големо изненадување еден од професорите, мојот сегашен ментор, самиот ме поттикна да аплицирам за оваа позиција. Тоа навистина ме охрабри бидејќи инаку немаше да ја поднесам апликацијата. Иако бевме во контакт половина година пред конкурсот. Имаше само едно слободно место и мислев дека немам шанси да го добијам, па затоа и зошто да се замарам со апликацијата, која и онака е доста обемна.
*Кога ја доби веста дека има шанси да заминеш, како реагираа Игор, и твоите блиски?
- Моите блиски мислам дека можеби и го очекуваа ова бидејќи докторските студии подолго време ми беа во план, но никако да стигнат до приоритетната позиција која секогаш беше резервирана за планински експедиции. Тие самите понекогаш ќе ме потпрашаа, до каде е мојата идеја за докторски, и самите паметат дека последно бев во преговори со Универзитетот во Тарагона некаде во 2017 година, кога повторно други работи добија приоритет, па некако таа идеја привремено избледе. За Игор можеби ова беше шок, иако тој тоа вешто го крие и секогаш ми дава неизмерна поддршка во моите одлуки. Дури и за карпите кои верувам не се негови омилени, ќе ми рече: “Те поддршувам, иако никогаш нема да можам сосема да те разберам“.
*Како голем родољуб кој ретко патува надвор од Македонија, се обиде ли Игор да те пишмани, дека дома сепак е најубаво?
- Во ниеден момент. Јас самата се обидов да најдам алтернативи за до-едукација дома, и тој ми помогна. Но, не бев задоволна од програмите што се нудат кај нас, така што таа идеја не опстана долго.
*Игор рече дека пати од Илинопатија, имаш ли и ти како слична „дијагноза“, како би ја опишала иименувала?
-Јас бев убедена дека сум отворен буквар и дека речиси целиот мој живот го има на социјалниот медиум, сепак тој знае малку поинаку да се изрази, право во сржта. Од моите постови исто така може точно да се забележи кој ден како се чувствувам и оние што ме познаваат точно ќе изреагираат, бидејќи јас тоа го правам малку повеќе симболично и човек навистина треба да го прочита коментарот под сликата за да разбере како сум. Еве неколку примери. Исто така ради мешаните пријателства некогаш постирам на македонски некогаш на англиски јазик.
*Кога ќе доаѓаш дома, и што е првото што ќе го направиш кога ќе стасаш?
- Немам план. Оригиналниот план за доаѓање зимово, се чини финансиски недостижен и временски неисплатлив бидејќи тој период ќе треба да работам на претстојни конференции и академски истражувања. Како и да е, како и после секое патување првите три нешта што ги правам кога ќе дојдам дома се: Фризер, забар и депилација.
*Кој е последниот врв на кој си се искачила, или поточно, која е твојата последна планинарска експедиција?
- Поголемите планини во низата, ги искачив токму минатата година во Еквадор. Овде имам нови предизвици да го подобрам сопстевниот перформанс во спортско качување.
*Кога ќе помине еден динамичен и исполнет ден, дали на крајот од него си задовона со себеси, или секогаш може повеќе и подобро?
- Има денови кога сум задоволна од сè, на пример од предавањата, од часовите од интеракцијата со студентите од мојот личен перформанс, од тренингот што следел потоа, од храната што сум ја конзумирала тој ден и т.н. Но, неретко има и денови кога мислам дека се од погоре наведеното можело да биде и подобро.
*Што сонуваш, за што мечтаеш, чувствуваш ли дека го живееш твојот сон токму сега?
- Да, најсреќна сум кога учам нови работи, а овде токму тоа го правам на секое поле.
М.Џаровска
Фото: Jaron Johns, приватна архива