Животот е едноставен ако си и ти: Интервју со Ивана Стаменковска, јога инструкторка и инфлуенсерка
Младата јога инструкторка Ивана Стаменковска е инспирација за многу жени. Со нејзината природна убавина и мотивирачки мисли и фотографии, Ивана прави да ја следат повеќе од 30.000 луѓе на Инстаграм. Има 24 години и како голем љубител на животните студира ветерина. Фасцинатно е дека јога-вежбите, кои сега ѝ станаа начин на живот ги научила самата, гледајќи видеа на Јутјуб. За вежбање, таа е секогаш расположена а нејзината волја лесно ја пренесува на околината. Со Ивана се дружевме седум дена во Анталија, на инфо-турата на туристичката агенција „Фибула“ од која беше дел. Покрај море, вели таа, се прават најдобрите вежби, а гледајќи ја со каква љубов и умешност ги прави, се уверивме дека е во право.
* Кога го откри-интересот и љубовта кон јогата?
- Целиот мој живот бев активна и спортував најразлични нешта. Љубовта кон јогата ми се јави сосема случајно додека вежбав фитнес програма која вклучуваше јога.Од тука започна сѐ.
* Што е она што те привлече кај оваа дисциплина?
-Првично ми се допадна чувството што следуваше по тренингот. Релаксираноста и желбата да видам до каде може човечкото тело да оди ме донесе до она што сум денес.
* Колку време интензивно вежбаш, колку време ти требаше да станеш јога интрукторка?
- Јога вежбам интензивно веќе 6 години.Никогаш не сум посетувала јога часови, целата моја практика се базираше на youtube видеа и читање различни информации и книги поврзани со јога.Јогата стана нераскинлив дел од моето секојдневие, па одлучив да се сертифицирам. Обуката за јога инструктори траеше нешто повеќе од 3 месеци.
* Со какви групи работиш?
- Работам со групи во кои има мешани возрасти на луѓе.Ова многу добро функционира бидејќи моите часови нудат опции за сечии способности,а воедно делуваат и мотивирачки.
* Имало ли некоја ситуација, некоја од твоите клиентки да имала некоја тешка животна ситуација, стрес а јогата да и помогнала да ги надмине?
- Конкретно, не ми текнува во моментов, но сум многу среќна кога ќе добијам коментар дека часот им бил вистинско уживање по еден напорен ден.
* Колку време вежбаш дневно сега има ли некој посебен дел од денот кој ти е најинспиративен?
- Отприлика 2 и пол часа дневно, но не секој ден,во зависност од обврските. Преферирам да вежбам во утринските часови и да му пружам на телото едно поинакво и поквалитетно будење.
Секој ден вежбам по два ипол часа.- Ивана во хотелот Ic Green Palace во Анталија
* Неодамна се врати од патување од Анталија, што најмногу те инспирираше на тоа патување, кои места ти беа најдобри за вежбање?
- Се уште сум под импресии од патувањето со „Фибула“ во Анталија. Можам да кажам дека посетив многу места и хотели кои беа совршени за мојата практика бидејќи обожавам места кои се покрај вода, а воедно мирни и тивки.
* Имаш ли животна филозофија, зборови кои те мотивираат?
- Не обрнувам многу внимание на животни филозофии и само се препуштам на тоа што следува. Животот е едноставен ако си и ти.
* Какви луѓе сакаш и што друго те прави среќна и исполнета?
- Среќна ме прават луѓето кои ме опкружуваат. Луѓето кои се отворени, позитивни и искрени се најголемиот подарок кој што можеш да го имаш покрај себе за да бидеш целосно исполнет.
Милица Џаровска
Фото: Горан Бошковски